Lifestyle
РАЗГОРОПАДЕНОСТ НА АВТОРСКОТО ЕГО

Роберт Алаѓозовски
Авторот е книжевен критичар и докторант по културен менаџмент

Кон книгата Ние сме лудаци, читање, смеење и подголтнување; драма, епика и лирика во едно,  од Сашо Коколанов, издание на Или-Или, 2016 г.

Сашо Коколанов е еден од ретките новинари денес кој ја негува и својата книжевна кариера. Тоа двојство и сродство на новинарската и на писателската професија беше еден од најголемите манири на книжевноста во дваесеттиот век. Многу светски познати писатели и нобеловци својот леб го заработуваа преку новинарството, користејќи го и како можност да прошетаат по светот, да запознаат странски места и нови обичаи и да го збогатат својот дух, но и писателските светови. И кај нас имаше таков манир, иако во последниве две-три децении ретко се случува да се преминат границите на професиите, па некој да биде подеднакво добар во двете професии. Во таа смисла Сашо Коколанов направи пробив и во литературата и во новинарството, но во деценијата зад нас пред сѐ беше уважуван и почитуван како новинар. Во меѓувреме напиша неколку драми кои се изведуваат во некои од македонските театри. Но, неговата слава се зацврсти прво како колумнист, а потоа и како автор на сатирични вести, паравести,  шеговити коментари и други слични жанрови на работ меѓу новинарството и литературата. Врвот на популарноста му се случува во овие неколку недели како автор на хумористичното ТВ-шоу „Преспав“ кое по долги години е прв успешен телевизиски производ од тој тип што задоволува и одредени продукциски и естетски квалитети. На брановите на тој успех, Коколанов на крајот од 2016 година ја објави и книгата Ние сме лудаци, свртувајќи го повторно вниманието на јавноста, пред сѐ поради инвентивната серија промоции на кои со книгата се делеше и чоколада. Претпоставувам дека и експертите по маркетинг нема да се сложат околу ефектноста на користењето на политичките гестови, гегови и гафови во привлекувањето публика. Популарните шеги секако дека привлекуваат брзо внимание, но особено оние кои во себе носат инхерентна поделеност не можат да допрат до целокупната публика. Во таа смисла насловот на книгата, поврзан со гестот на чоколадата, упатуваат јасен сигнал за клучот во кој треба да се поима и книгата и контекстот на естетскиот чин. Поднасловот го нагласува хуморниот сегмент јасно укажувајќи на пародичниот клуч кој ни претстои при читањето. Во манирот на насловот решена е и корицата на книгата со приказот на една прозрачно убава девојка која со симболички темноцрвен куфер чека покрај пругата во некоја пустелија. Тоа воедно го обликува и т. н. хоризонт на очекување на книгата. Обременет со ваквите сигнали и контексти ѝ пристапив на книгата очекувајќи да видам како книгата го вметнува во себе, но и како го надминува, како го надоградува секојдневниот општествено-
-политички контекст. Мотото на книгата, еден умно одбран цитат од Алиса во земјата на чудата, понатаму ја варира темата на лудилото, воведувајќи нѐ во перцепцијата и на топосот како на лудо место во хамлетовска смисла на зборот.

Но, веќе првиот расказ, а потоа и неколкуте други нагло нѐ исфрлаат од претходно создадената илузија, односно очекување дека ќе читаме една жестока политичка сатира длабоко вкоренета во референците кон стварноста. Не. Сашо Коколанов се определува за еден алегориски пристап, градејќи проза која функционира како свет за себе, лудилото е присутно на многу, да не речам на сите нивоа, но тоа не е никако директно изведено, ниту директно алудира на сегашната политичка реалност. Во таа смисла Коколанов создава еден сомнабулен свет кој во својата доследно изведена несекојдневност се чита како симболичко-алегориска еманација на авторот, обременет од „лудилото“ на времето во кое живее, на ист начин на кој, да речеме, светот на Педро Парамо од Хуан Рулфо е притиснат од бремето на смртта или прозата на Дејвид Кроненберг е во знакот на физичката болка и тегоба.

Лудилото е сеприсутно во прозата на Коколанов. Најпрвин неговите ликови се лудаци и чудаци. Тоа се луѓе со несекојдневни афинитети или професии, кои се родени или живеат во чудни семејства и микросредини. Потоа се луѓе кои прават или на кои им се случуваат несекојдневни настани. Имаат сосема извртена логика и поимање на светот. Лудилото на овој план на диегезата, на фикцијата и случувањата е дополнето и со едно лудило на ниво на авто-референцијалното, естетското. Раскажувачот, коментаторот (фокализаторот), авторскиот субјект дополнително ја нарушува илузијата на приказната. Тој го разрушува дејствието, прави несоодветни и немотивирани референци, ги меша жанровите. Текстот во книгата постојано осцилира меѓу создавањето илузија, фикција и рушењето на таа фикција. Во таа смисла Коколанов, освен што се реди во жанрот на сатирични автори, а чија традиција е долг во историјата на книжевноста, тој се определува за една постмодерна антиестетика, тој ја руши автономијата на естетскиот знак потполно свесен дека го прави тоа како луд научник кој прави експеримент за да види какво дејство ќе има тоа врз целината на естетскиот чин.

Ми се чини дека таа експлицитна присутност на авторскиот субјект, на естетиката која реферира самата на себе, е најголемата слабост во делото. Целата книга има убава композиција. Авторот прво пласира четири неповрзани раскази, а потоа сите ги сврзува во една целина. Ликовите и дејствијата добиваат колку толку логичен тек и алудираат на глобализацијата на денешниот свет кој е мал. Мислам дека таквата хармоника-композиција на книгата е доволно растеглива за авторот да каже многу работи, да направи многу дигресии, а потоа со мунициозно испреплетување да ги мотивира, да ги доведе во линија сите авторски знаци. Но, авторот е премногу присутен во прозата. Освен што во делото е присутен како лик, правејќи симпатичен, „онтолошки скандал“, тој честопати алудира на други личности од животот или употребува алузии, метафори, кои ја рушат илузијата. На пример, во размислувањата, во репликите на Германката Алиса уфрла типични фрази и идентитетски знаци за нашето милје и поднебје со што го губиме уверувањето дека ликот е „вистински“. Или сосема немотивирано се појавува ликот Александар Русјаков кој може да биде важна референца играјќи си на границата на естетското и на вонестетското, но Русјаков и нараторот само шетаат по градските улици. Во тој антификциски порив авторот решава да уфрли разнородни жанровски текстови, драма и лирика со што, колку и да се тие мотивирани во целата приказна, се нетипичен гест за еден прозен автор. Во светот на современата фикција, таквото монтирање на разни жанрови е сосема непопуларно.

Друго големо прашање е селекцијата на граѓата што влегува во уметничкиот текст. Кај сатиричните и хумористични автори дозволено е кокетирање со баналното, со секојдневното, со намерното вклучување на она што обично се исклучува од светот на возвишеното. Но, мерката, пропорциите на тоа присуство бараат многу внимание и дотерување. Ликовите и дејствијата кои се неуверливи, кои не придонесуваат за илузијата кај читателот треба да се поткрепат со други естетски средства. Со добра реторика, со мунициозна реченица. Коколанов тоа го има. Ми се чини дека тој е мајстор на изразот. Неговите реченици се полни, многузначни, реторички богати и добро исплетени. Можеби е прашање на вкус, но оние делови каде што добрата реченица е комбинирана со создавање фикција и необична перспектива се најсилните. Тоа се дел од сегментите за детективот на изгубени предмети, сегментите на необичната, лезбиска комуникација меѓу Алиса и Дора, случувањата со питорескните битолчани. Дури и драмскиот текст за смртта кај едно урбано семејство добро се вклопува во споменатата естетика на делото.

Ова дело на Сашо Коколанов влезе во трка за наградата „Роман на годината“ на Утрински весник. Па, во таа смисла, публицитетот и оценката оттаму дополнително ќе му помогне во рецепција кај читателите. Во секој случај, сатиричната проза не е многу присутна во македонската литература и со тоа оваа книга е едно освежување.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top