Lifestyle
НЕОНСКИОТ ДЕМОН

Ѓорѓи Јаневски
Авторот е културен работник

Неодамна во Скопје се одржа петнаесетото издание на фестивалот Синедејс. Од богатата и разновидна програма го издвојувам последниот филм на данскиот режисер Николас Виндинг Рефн.

...

Во своето најново остварување Николас Виндинг Рефн го наоѓа совршениот терен за конечно ослободување на флуоресцентната и хипнотична естетика која ја развиваше во неговите два претходни филма. Ако во Drive и Only God Forgives тој ja истражуваше/фетишизираше машкоста и нејзиното губење, Неонскиот демон е филм за опсесијата со женската убавина и нејзината минливост, за потрошливоста на телото како предмет на канибализам, метафорички и буквално. Неонскиот демон од насловот е онаа неопиплива сила која продира од светлоста на рефлекторите, од модните писти, од козметичките производи и од сите ефемерни вредности на современото консуматорско општество.
„Не знам да пеам, не знам да танцувам, не знам да пишувам... немам вистински талент. Но, убава сум и од тоа можам да заработам.“ Ова се зборовите на младата и сѐ уште невина шестнаесетгодишна Џеси која, како и многу други, ја напушта американската провинција и доаѓа во Лос Анџелес за да си ја испроба среќата во светот на модната индустрија. Нејзиниот подем е молскавичен, исто како и трансформацијата на ликот кој го толкува.
Ел Фанинг има само 18 години. Својата прва филмска улога ја остварува на тригодишна возраст. Растена е на филмскиот сет. Во нејзината згусната филмографија има соработувано со добар дел од холивудската елита. Не е во можност да присуствува на сопствената матурска забава поради премиерата на Неонскиот демон на филмскиот фестивал во Кан. Поседува несекојдневна и безвременска убавина, проѕирен ангелски лик, фотогенијалност, грациозност и разоружувачка природност. Ако во претходните два филма Рефн го пронајде своето алтер его во Рајан Гослинг, овде тоа несомнено е Фанинг која поседува слична аура и го има тоа нешто, „она не знам што“. Таа е совршен партнер во „злосторството“ на Виндинг Рефн чиј режисерски израз фасцинира со својата храброст и самодоверба. Неговиот стил е едно континуирано аудиовизуелно дразнење, кое си поигрува со очекувањата на публиката, држејќи ја на тенката линија меѓу застрашувачкото и заводливото. Заедно со директорката на фотографија Наташа Брајер креираат една континуирана спектрална стимулација со изразени геометрии кои заедно со моќните и артифициелни бои попримаат прецизна симболична функција. Движењето на камерата е споро и дише заедно со карактерите создавајќи страв и тензија. Сцената во која Џеси ја има својата прва професионална фотосесија започнува како тонење во седмиот круг од пеколот. До крајот на сцената самиот наратив покажува дека се работи само за намерно креирање привидна тензија која во случајот не е поткрепена со она што реално се случува во приказната. Уште еден уникатен аспект на филмот е дизајнот на звук и пред сѐ музиката на Клиф Мартинез кој веќе по третпат соработува со Рефн. Вистинска реткост се филмовите во кои звукот и музиката се вистински протагонисти, а не исклучиво илустрација за потенцирање на драмскиот ефект. Електронската филмска музика која има ретро футуристички шмек во огромна мера ја создава доминантната атмосфера на филмот и ја одржува спиралата на страв, на страст и на тага, постојано балансирајќи меѓу реалното и ониричното. Филмот создава динамика и простор во кој гледачот сам треба да ја пронајде смислата на она што се случува сѐ до финалето кога Рефн самодопадливо и буквалистички им се препушта на експлицитните шок елементи од сценариото.
Неонскиот демон на Николас Виндинг Рефн е еден од оние филмови - искуства кое останува со вас долго по неговото гледање. Ќе го сакате, ќе го мразите или пак можеби ќе имате помешани чувства. Тој поларизирачки ефект најдобро е сублимиран во последната и можеби најшокантната сцена во филмот: едната манекенка го повраќа окото на Џеси, другата го консумира. Земи или остави.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top