Перспектива
ДРЖАВАТА ДА НИ ГО БЕРЕ ГАЈЛЕТО?

Зоран Јовановски


Приказната не е нова. Вели, имало група луѓе кои биле затворени во простор заграден со решетки. На луѓето секој ден им носеле и низ решетките им давале вода и храна, но тие не можеле да излезат надвор и слободно да прават што сакаат. Едно утро затворените луѓе виделе дека вратата е отворена и дека никој не стражари. Можеле слободно да излезат и излегле. Но, морале сами да си обезбедат храна и вода, немало кој да им даде. Набрзо се вратиле назад во просторот со решетките и сами ја затвориле вратата. Се покажало дека за нив сигурноста за добивање вода и храна е поважна од слободата која со себе носи обврска и ризик човек да мора сам да си ги обезбеди.

Ова е поучна приказна и ја прикажува менталната матрица на една група луѓе. Може ли ваквото однесување да се објасни со недостаток на самодоверба? Ако е така, тогаш во бизнис-светот недостатокот на самодоверба се манифестира со помала наклонетост кон претприемништво и очекување некој друг, тука мислам на државата, да го бере гајлето. Во овој контекст имаме ли ние во Македонија проблем со менталната матрица што ја моделира нашето општество? Очекуваме ли ние, генерално, државата да ни го бере гајлето? Еве неколку примери.

Прв пример, осигурување на земјоделските посеви. Знаеме дека земјоделскиот род, производ на мачната работа на земјоделците, зависи од временските услови. Едно поголемо невреме, а такви има сѐ почесто како последица на климатските промени, може делумно или целосно да го уништи целиот земјоделски род во одредена сезона. Во таков случај, земјоделците можат да останат без земјоделскиот род и очекуваните приходи, а со тоа нема да можат да го вратат кредитот што претходно го зеле за да купат семе, да користат механизација итн. Значи, ризикот е голем. Земјоделците имаат можност да го осигурат земјоделското производство од неповолни метеоролошки влијанија. Притоа државата им нуди можност на земјоделците да платат само дел од премијата за осигурување, а поголемиот дел да го плати државата. Но, посевите не се осигуруваат во посакуваниот обем. Земјоделците не сакаат да го платат ни помалиот дел од премијата. Претпоставувам дека логиката е дека ако биде сѐ како што треба се заштедило на трошокот за плаќање на премијата за осигурување, а ако се случи временска непогода ќе се бара обесштетување од државата. Тоа значи ако има ќар, ќарот би бил за земјоделците, а ако има лошо сценарио загубата да падне на грбот на државата. 

Втор пример. Неодамна група граѓани се пожалија дека пензиите што им доаѓаат од вториот пензиски столб испаднале помали одошто тие очекувале и бараат државата да најде решение и да им го реши проблемот, бараат да им се поништи преминот во вториот пензиски столб и тие да добиваат повисоки пензии како да биле цело време во првиот пензиски столб. Моето прашање е дали преминот во вториот пензиски столб беше задолжителен? Не беше. Дали беше укажувано дека треба да биде внимателен секој кој е на одредена возраст и размислува за премин во вториот пензиски столб? Беше. Дали секој можеше да се информира соодветно пред да донесе одлука? Можеше. Дали ако случајно не се случеше Глобалната финансиска криза и приносите од инвестициите останеа високи и следствено денешните пензии повисоки, дали тогаш некој од тие што преминаа во вториот столб ќе бараше да се врати во првиот столб и ќе ги вратеше парите од повисоките пензии? Се разбира, не. Значи ова е уште еден пример каде што ќарот, ако го има, останува личен, а загубата, ако се случи, треба да падне на грбот на државата.

Трет пример. Анкетите во Република Македонија, направени во последниве неколку години, покажаа дека меѓу 40 и 48 % од невработените млади лица не избираат работа во приватниот сектор или не отвораат сопствен бизнис, туку напротив, преферираат да се вработат во државната администрација. Знаеме дека претприемништвото подразбира идеја, можност за реализација, потенцијал за добивка и за напредок, но и ризик од неуспех. Темелот на сето тоа е подготвеноста да се преземе одговорност за сопствените постапки. Но, ако решението се бара со вработување во државната администрација, тогаш се избегнува личната одговорност, гајлето треба да го бере државата.

Ова е многу сериозно, длабоко социјално прашање и не може да се реши преку ноќ. Бара интроспекција и долг период за постигнување каква било позначајна промена во менталната матрица. Истовремено е потребен широк консензус во општеството за преземање храбри чекори на повеќе пунктови, пред сѐ, во образовниот систем на земјава.

Затоа Економија и бизнис го поттикнува процесот, затоа 2017 година ја започнавме со интервју со Зоран Витанов на темата претприемништво. Тој рече дека движечката сила за успех во животот се наоѓа во нас самите, дека секој мора да биде упорен, да биде храбар, да верува во себе, да не се плаши од неуспех. На тоа се надоврза Мило Ѓукановиќ кој во ексклузивното интервју за овој број на Економија и бизнис рече дека сите ние во регионот треба да ја јакнеме самодовербата бидејќи на крајот претприемништвото е прашање на самодоверба.  

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top