Е-Б-Ф-Б
НЕ ГИ ЗАБОРАВАЈТЕ ВАШИТЕ ВРАБОТЕНИ!

Татјана Лопарски
Директор за односи со јавност и медиуми во Елемент ПР

Во ера на социјални медиуми, на брзо движење на информацијата, забораваме дека најголеми гласноговорници на нашата компанија се нашите вработени.
Независно од тоа какви кампањи спроведуваме, колку и да донираме и да спонзорираме, да се појавуваме по медиуми, ако вработените зборуваат лошо за компанијата каде што работат нема да се смени перцепцијата за репутацијата на компанијата. Ако вашиот вработен е незадоволен од својата работа, ако нема доволно информации, ако има чувство на подреденост, кога оди дома раскажува за својот лош ден на своите блиски, а потоа приказната многу лесно се шири. Таа приказна независно од тоа каква слика сакате да проектирате во јавноста – ќе остане „вистината“ на вашите вработени да ја диктира вашата реалност. И самите сме сведоци на компании кои донираат многу средства, но јавното мислење за нив не се менува токму поради тоа што секој знае дека во тие компании не се вложува доволно во вработените. Има, пак, компании кои вложуваат многу во своите вработени. Во време на криза, истите тие вработени остануваат лојални на компанијата затоа што знаат дека менаџментот бил секогаш тука за нив.
Ова не е лекција за тоа дека треба да се комуницираат вработените, туку секој треба да знае дека колку вложува, толку и добива. Така е и со вашите вработени. Многу лесно забораваме и на податокот дека на работа поминуваме повеќе активно време отколку дома и дека реално на работните места се создаваат релации и на вистински пријателства, па дури и чувство на припадност во едно семејство. Секој вработен треба да чувствува дека е дел од една компанија, дека е горд што е дел од таа компанија. Тоа се постигнува само ако има постојана комуникација и ако се слушаат критиките на вработените. Секој има право на свое мислење и изненадувачки е колку добри идеи можат да излезат од вработените. Но, колку пати ги прашуваме за нивно мислење? Колку пати се обидуваме да бидеме блиски со нив? Дали сакаме да комуницираме воопшто со нив? Дали сакаме да има во нашата компанија атмосфера на „семејство“? Дали сакаме да имаме задоволни вработени? Од одговорите на овие прашања зависи дали сакате да вложите во комуникација со вработените или не.

ОРГАНИЗИРАЈТЕ ФАМИЛИЈАРЕН ДЕН НА КОМПАНИЈАТА. ПОВИКАЈТЕ ГИ СИТЕ ДА ДОЈДАТ СО СВОЕТО СЕМЕЈСТВО НА НЕКОЛКУЧАСОВНА ТЕМАТСКА ДРУЖБА

Што добивате ако не комуницирате? Ама баш ништо, освен незадоволни вработени кои ќе имаат помалку желба да работат, лоша средина за комуникација, ќе оставите озборувањата да ја креираат сликата за вашата компанија. Ако комуницирате, пак, ќе добиете задоволни вработени, одлична средина за функционирање на тимот и вработени кои ќе ја раскажуваат вашата позитивна приказна во јавноста.
Не треба многу за да се постигне вистински напредок во внатрешната комуникација во една компанија. Најдете начин да ги информирате за сите случувања во компанијата. Информирајте ги за секој успех, за секој нов подвиг, но исто така најдете начин да им кажете и кога нештата не одат онака како што сте планирале. На тој начин преку информација ќе овозможите да бидат дел од компаниското секојдневие, а во исто време наместо да погодуваат што може да се случува ќе имаат точна информација. Големи кризи излегувале во компании каде што се криеле информации кои не биле и толку тајни за да се скријат. Најчестите кризи излегуваат токму од самата компанија, од вработените, зборуваат за работи за кои немаат доволно информации и кои како шпекулација се појавуваат во јавноста.
Сигурно голем дел од вработените имаат заеднички интереси. Помогнете им да се организираат независно од тоа дали станува збор за спортски активности или за следење културни настани. Честитајте им го роденденот, честитајте им некој настан во семејството: матура, дипломирање, свадба или слично. Секоја компанија има дата база на вработени каде што ги има сите потребни податоци.
Кога организирате некој настан или пак имате голема кампања, нека се вклучат и самите во нејзината реализација.
Побарајте од нив помош да ви дадат идеи како да го подобрите процесот на работа во самата компанија. Некогаш тие подобро ги согледуваат работите од вас.
Наградете го добриот работник, најдете начин да направите подобра средина каде што најдобрите ќе знаат дека секогаш ќе бидат наградени.
Барем еднаш неделно прошетајте по работните простории, прашајте дали сѐ е во ред бидејќи најлоша варијанта е да седите во канцеларија и да собирате информации за тоа што се случува во компанијата. Еден од начините е да пуштите анонимен прашалник во кој секој може да го каже сопственото мислење без притоа да не се плаши за своето работно место.
Организирајте фамилијарен ден на компанијата. Повикајте ги сите да дојдат со своето семејство на неколкучасовна тематска дружба.
Спроведете тим билдинг викенд за вработените каде што, покрај тоа што ќе се забавуваат, ќе бидат блиску до менаџментот и ќе се создадат нови релации и ќе се зајакнат постоечките.
Секој момент е важен, секоја комуникација е важна, не ви треба многу време, туку само желба да започнете поинаква комуникација со оние кои се секогаш тука за вас и кои ќе бидат благодарни дека ги чувствувате блиски. Вложувањето во вашите вработени е вложување, пред сѐ, во себе.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top