Е-Б-Ф-Б
АМЕРИКАНСКОТО ИСКУСТВО – ПРЕТСЕДАТЕЛ-ПРЕТПРИЕМАЧ

Синиша Наумоски
Авторот е универзитетски професор и извршен директор на АБИТ

САД е земја на успехот и на изобилството поради постоење на прецизно зацртани и јасно дефинирани цели.
 

Инспириран од мојата неодамнешна посета на САД, поточно на неговиот дом, вечно почивалиште и неговата Фондација, сакам овие неколку стотици зборови да ги посветам токму за Наполеон Хил и неговата земја. Тој е големиот виртуоз и еден од најголемите создавачи на денешниве богати луѓе (јас би го нарекол творец на една нова „современа религија“). Имено, Хил е еден од најголемите создавачи на успешни претприемачи како што се: Хенри Форд, Џон Рокфелер... и советник на двајца претседатели на САД: Вудроу Вилсон и Френклин Рузвелт. Тој е голем инспиратор и на актуелниот американски претседател за што Доналд Трамп сведочи во книгите објавени од Фондацијата.

Знаеме често да ја изговориме реченицата: „Ништо никогаш не се случува случајно.“ Според тоа може да се каже дека не е ниту најмалку случајно што САД се имаат здобиено со референцата „најбогата и најслободна“ земја во светот. На прашањето како е здобиена оваа референца, одговорот е едноставен и гласи: САД е земја на успехот и изобилството поради постоење на прецизно зацртани и јасно дефинирани цели!

Јас сум на мислење дека желбата за изобилство е помалку себична, но да бидеме објективни и да констатираме дека таа едноставно е во самата природа на човекот – индивидуата. Како што вели Хил во едно од неговите писанија, Ендрју Карнеги е еден од ретките кој покажал разбирање за човековата желба за изобилство. Тој се раководел според мудроста од своето пркатично животно искуство во однос на луѓето во САД така што присвоил нов метод на поделба на своето богатство бидејќи ја препознал човековата слабост во вечната желба да се добие нешто, а за возврат да не се даде ништо. Практично Карнеги знаел дека луѓето од сите видови професии, низ целата историја на цивилизацијата, трагале по т.н. „земја во која тече мед и млеко“. Затоа на мудар начин ја промовирал силно, во тоа време, тезата дека подарок во каков било облик, без никаква противуслуга, најчесто му штети отколку што му користи на оној кој го добива. Така започнува американската претприемачка филозофија (на крајот од 18 век) на која почиваат денешните темели на успехот на САД. Тоа се должи на филозофијата на идолот на Хил (Карнеги) кој сметал дека секој подарок кој го добиваме треба да има одредени услови со цел оние кои ќе го добијат да бидат лишени од навиката да доаѓаат до бенефитите (предметите на своите желби) без да даваат нешто за возврат. Кога тоа еднаш ќе се воспостави во праксата на луѓето, или ако милувате со други зборови, кога тркалото ќе започне да врти меѓу луѓето, успехот на ниво на цела заедница е неминовен.  

СО ЕДЕН ЗБОР, СРЦЕТО НА АМЕРИКАНСКИОТ СИСТЕМ ГО ПРЕТСТАВУВААТ: СИЛНАТА ВЕРБА, ЕКОНОМИЧНОСТА, СОРАБОТКАТА, ЗАЕМНАТА ДОВЕРБА, ЛИЧНАТА ИНИЦИЈАТИВА И ЧУВСТВОТО НА ПРАВЕДНОСТ ВО ЧОВЕКОВИТЕ ОДНОСИ.

Од мое лично искуство, изминативе неколку недели во САД добив позитивна слика на предноста која денес ја ужива американскиот народ, дури и припадниците на пониските слоеви, поточно оние најскромните во однос на сите балкански народи. Имено, мажите и жените се слободни да го следат диктирањето на својата свест, уживаат во слободата на вероисповед, слободата на говорот, на јазикот, на печатот, на политичките убедувања, слобода за да преземат лична иницијатива во кој било животен сегмент и најмногу се заштитени од страна на модел на држава која им овозможува да ги уживаат бенефитите од своето работење. Од ова се прашувам: На што е последица ваквата системска поставеност на американскиот модел за успех?

Тоа е последица од тоа што слободата, животот и правото на избор, тежнеењето кон среќа и програмата за изобилство (таа на Карнеги, за што пишував погоре), како цел на секој еден граѓанин, го сочинува темелот на развојот на САД. Целата филозофија на успехот на американскиот модел на систем започнува со работникот. Имено, работниците започнале да ја изразуваат личната иницијатива како поединци и подоцна за остварување на целите како групи со синергија, а потоа поради сигурност и заштита на корпорациите, со капиталот кој самите го создале тие и другите, завладеале со вештината продажба (sales), конкурентност и индивидуална иницијатива. За индивидуална иницијатива неопходно било изобилие од позитивни мисли во сетот од мисли, за што во некоја наредна прилика ќе пишуваме повеќе... Со еден збор, срцето на американскиот систем го претставуваат: силната верба, економичноста, соработката, заемната доверба, личната иницијатива и чувството на праведност во човековите односи. Што од ова го има во денешниот македонски систем – просудете сами!

Со речениците погоре мислам дека успеав да доловам барем малку за дел од приказните за патот и историјата на американското богатство (мислам на американските влијателни претприемачи), а сѐ со цел да направам обид за мотивација и за поттик кај голем дел наши потенцијални претприемачи за ваков современ начин на размислување. Но, да бидеме објективни, нема успешно претприемништво без имплементација на претприемачи во највисоките редови на политичките елити. Впрочем, во тоа е и тајната на американскиот успех. Како што знаеме за Американците, професијата политика е забава за нивните богати елити, но исто така во САД под поимот успешно претприемништво се подразбира еднаква карактеристика како за приватните така и за јавните претпријатија.

ПРЕТСЕДАТЕЛ-ПРЕТПРИЕМАЧ

Одредени тенденции на платно-трговскиот биланс и парадоксалната појава во размислувањата на дел од нашето граѓанство претставува моја огромна жалост

Мора да се согласиме за една работа, македонската наклонетост кон Клинтонови беше јасна и недвосмислена. Но, јас и тогаш и сега го сметам сосема спротивното. Имено, воден од многу други животни размисли поврзани со американската филозофија на Наполеон Хил од една, и мојата опседнатост во изминатава деценија и пол со неговите принципи за успех, од друга страна (пишувани дури 25 години), кој пак, како што кажав и погоре, е голем инспиратор и на Трамп, придонесе да се роди мојата „љубов“ и верба во успехот на новиот американски претседател-претприемач.  

Реално новиот американски претседател-претприемач ни најмалку не е наивен и толку „лесен“ карактер како што поголемиот дел од јавноста сака да го прикаже. Имено, неговата ПР-филозофија е многу погрешно разбрана од многумина, особено ако се знае дека човекот припаѓа во дваесетте од правилото „80-20“ и успеа да ја добие битката говорејќи со јазикот на просекот од осумдесетте од правилото „80-20“. Да појаснам: правилото 80-20 вели дека 80 % е просекот, а 20 % е над просекот од масите кој, пак, го контролира овој првиот; или 80 % од светското богатство е контролирано од 20 % од луѓето итн. Интересно, нели? 

Се согласувам во целост со писанијата на еден мој пријател кој вели дека Трамп има крупна стратегија која сигурно не е глупава, ниту наивна. Тоа е една стара стратегија создавана и осмислувана од времето пред глобализацијата. Стратегијата се состои од херметизирање на односите на САД со делови од светот по што големи, неоданочени профити би направиле експанзија кон останатиот свет.

Од политичката економија знаеме дека слободниот пазар и либералната демократија се главни создаватели на глобализацијата. Демократите во САД, поточно Клинтонови ја направија како оригинален изум и тоа е ОК. Но, она што демократските американски елити во 90-тите со сигурност не можеа да го предвидат е фактот кој вели дека токму таквиот слободен пазар и либералната демократијата донесоа најмногу штета по нивната економија. Имено, со глобализацијата САД изгуби многу, а најголеми профити остварија оние идеологии кои беа најостри противници на глобализацијата, како на пример земјите од Азија.

Кина е најголемиот непријател за Трамп, а бидете убедени дека таа ќе биде најголем непријател на ЕУ и на Балканот во целост. Ете каде јас се согласувам со „Трамповите размисли“ и визии за нова поставеност на светската економија. Денес, под менторство на глобализацијата, најмногу работни места се загубија во Источна Европа и кај Балканските Земји, а САД станаа најголем светски должник... Ова е така поради инвестициите на САД во азиските земји. Веќе и да не познаваме брендови од САД и од ЕУ на кои не пишува „Мејд ин Чајна („Made in China“). Затоа Трамп решително ја прогласи Кина за главна светска опасност, а Европа почна загрижено да ги разбира опасностите од кинеското силно влијание и да бара заштитни механизами од таквата експанзија. Уништувањето на многу работни места во ЕУ и на Балканот е неминовен процес и започнува токму во оној момент кога започнува и експанзијата на увоз на трговски стоки од Азија. Во повеќе наврати сум напишал дека не се радувам на големиот пораст на увоз на стоки од Турција и од Азија на овие простори. Негативните последици ќе ги почувствуваме во идниот период многу повеќе ако се знае дека увозите од Кина уништија многу индустрии на Балканот.

Одредени тенденции на платно-трговскиот биланс и парадоксалната појава во размислувањата на дел од нашето граѓанство претставува моја огромна жалост. Денес голем дел од граѓанството сѐ уште верува дека некој од надвор, особено од ЕУ, „нѐ уништува“, а притоа заборавајќи на статистиката која вели: извозници на Македонија на место број еден – ЕУ земјите, додека најголеми наши увозници – Кина и Турција! Во контекст на ова ќе пишувам во некоја наредна прилика.        

Како што напишав погоре, како последица на слободата, животот и правото на избор, тежнеењето кон среќа и програмата за изобилство, како цел на секој еден граѓанин, е  сочинет темелот на развојот на САД. Целата филозофија на успехот на американскиот модел на систем започнува со работникот. Денес во САД работикот ја губи својата позиција за сметка на резултатите од аплицираната филозофија на глобализацијата преку кој механизам Кина вработи стотици милиони жители. Токму затоа повеќе таа приказна за глобализацијата и за либерализмот Трамп не милува да ја продава. Оттука тој ја темели неговата силна стратегија со цел да изврши притисок преку даночниот механизам врз претприемачите - сопственици на фабрики и на капитал во Азија за сметка на драстично намалување на даноците за истите капацитети доколку тие се вратат како инвестиции во САД. Тоа од своја страна подразбира дека во иднина американскиот претприемач - сопственик на фабрика во Кина ќе има многу повисоко оданочување за повлекување на профитите преку дивиденди од Кина во САД, од друга страна, пак, претпремачите кои ќе ги враќаат своите бизниси на територијата на САД и ќе вработуваат американски државјани ќе добиват бројни даночни бенефиции. Многу патриотски, зарем не! Што се добива со тоа? Поскапи стоки за американскиот народ поради повисоката цена на работната сила во САД, но од друга страна, пак, се добива поголем број вработувања во економијата. Да бидеме реални, овој процес нема да биде лесен за Трамп и тој ќе стекне многу непријатели, но со имплементација на патриотизамот како современа алатка и употребата на современата ПР-механизација на „убавата девојка“, успехот за него ќе дојде и ќе се почувстува на крајот од мандатот.   

Од стојалиште на Македонија, во делот на политиката, како што знаеме промените почнаа да доаѓаат од самите нас внатре и нѐ очекува еден тежок период со многу предизвици за новиот премиер - претприемач. ЕУ и САД во ова време ќе се посветат на самите себе.

На крај, во делот на стручното МБА последипломско образование, сакам да ја информирам читателската публика на Економија и бизнис за успешната посета на Вашингтон каде што со помош на лобирање од конгресмени и од Фондацијата „Наполен Хил“ се направи голем исчекор да се отвори филијала на Светскиот банкарски институт од САД под менторство на Светскиот банкарски институт од Хаг, Холандија. За таа цел сакам да цитирам една убава мисла на Хил во која целосно се пронаоѓам:

„Јас својата среќа, изобилство и финансиска благосостојба ги пронајдов во тоа што себеси се ставив во служба на другите кои сериозно се бореа и се трудеа да го пронајдат својот пат до успехот.“

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top