Е-Б-Ф-Б
НОВИОТ ТРЕНД – АМЕРИКАНСКОТО ЛОКАЛНО ЕКОНОМСКО ЗАЗДРАВУВАЊЕ

Тања Јакоби
Авторот е економски новинар од Белград, Србија

Два возбудливи текста што излегоа под печатарската преса во март годинава сериозно им противречат на кандидатите Доналд Трамп и Берни Сандерс и на мнозинското расположение на јадосаните и огорчени гласачи кои се чувствуваат предадени и од државата и од бизнисите. Не, Америка не е Римското Царство во распаѓање. Напротив, сосема нови облици на соработка на приватниот, на државниот и на невладиниот сектор и на граѓанската енергија полека ги менуваат запуштените и напуштени индустриски градови и зафрлени места, велат Антоан Фан Агтмаел и Фред Бакер во книгата „Најпаметните места на Земјата: зошто државите во индустрискиот појас се точките на глобалната иновација во појавување“ и Џејмс Фелоус во обемниот и возбудлив текст „Како се опоравува Америка“ во месечникот „Атлантик“.
Авторите на двата текста доаѓаат од сосема различни милјеа: Фан Агтмаел е инвестициски гуру кој го воведе терминот „пазари во подем“ (emerging markets), основач и финансиер на „Брукингс институтот“, а Бакер е новинар и некогашен главен уредник и директор на највлијателното холандско економско списание „Хет финаншеле дагблад“ (Het Financieele Dagblad). Фелоус е долгогодишен новинар на угледно американско списание кое и самото доживеа враќање од (речиси) мртвите благодарение на успешното користење на дигиталните технологии.
Тие најчесто зборуваат за две сосема различни Америки. Писателскиот двоец зборува за урбаниот процут настанат на остатоците на некогашните индустриски гиганти, благодарение на високите технологии и потпирајќи се на локалните универзитети, а новинарот на „Атлантик“ пишува за малите места што во медиумите се појавуваат само во случај на некоја трагедија предизвикана од човечка рака или од природна сила, со задолжителен заклучок дека на такви места не успева ништо освен криминал, сиромаштија и општа несреќа. Сѐ додека човек во нив не се загледа малку подобро.
Она што, покрај приговорите на претседателските кандидати, ги поврзува авторите е напорот својот оптимизам да го документираат. Од 30 градови во САД и 15 во Европа што се сметаат за изданоци на новата економија, Фан Агтмаел и Бакер поминаа и детално опишаа десет, а меѓу нив и Акрон во Охајо, Албани во државата Њујорк и Дрезден во Европа. Фелоус до својот избор дојде благодарение на читателите кои ги повика да му испратат информации за своите места ако во нив видат каков било изданок на нешто ново, вредно за внимание. Со оглед на тоа што во текот на неколку денови доби повеќе од илјада предлози, за три години обиколи околу четири дузини места од кои голем број ги познаваат само оние кои живеат во блиското соседство. За приказната не е сосема неинтересно дека до сите овие гратчиња допатува во авион едномоторец кој му овозможи да биде доволно високо за да ја види подобро американската природа од напуштените шопинг центри и бензинските пумпи со прав по должината на автопатот, и да биде доволно близу со око за да ги осознае старите и новите топоними по кои се распознаваат местата кои ги посети.
Приказната која ја презентираат Фан Агтмаел и Бакер е приказна за успехот скроен во 21 век. Во време кое често го доживуваме како крај на една парадигма (на неолибералниот капитализам) и некои други сѐ уште непознати парадигми (на новиот капитализам/социјализам), двајца писатели со успешни кариери во областа на финансиите изнесуваат приказна што во себе носи елементи на еден нов поредок за кој би било тешко да се каже дека е „нов социјализам“, но е поредок во кој социјалната компонента има важна улога во изградбата на успешен модел на „пазар во подем“ на теренот на старите економии САД и Европа.
Како изгледа тоа во практиката? Во почетокот на 1910 и 1920 година, големите индустрии вработувале огромен број на работници во Акрон, граделе станови за нив, а градот бил еден од оние на кои им паднала лажицата во медот на силниот индустриски развој. Всушност, како седиште на компанијата „Џенерал тајр“, БФ „Гудрич“, „Фајрстоун и Гудјр“, беше светска престолнина за автомобилски гуми. Од 70-тите, па натаму започнува осипување на погонот за производство на гуми, а до 90-тите „Гудјр“ останува единствен голем производител на автомобилски гуми во градот. Оваа приказна е карактеристична за многу градови и компании во рамките на „Индустрискиот појас“, заедничкиот назив за појасот што опфаќа градови во северните држави во САД, појасот на Големите Езера и државите на Средниот Запад, и се однесува на економски пад, губење на население и урбано пропаѓање по намалувањето на неговиот некогаш моќен индустриски сектор. Сличното важи и за силните европски индустриски центри кои, исто така, останаа упропастени по селењето на тежиштето на производството кон Азија.
На Акрон, кој се соочуваше со голема невработеност, му остана да се бори со загадувањата од своето индустриско минато и да тоне.

ПРВО, ВО ИСТРАЖУВАЊАТА НА ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ АМЕРИКАНЦИТЕ ГЕНЕРАЛНО НЕ ПОКАЖАА НИКАКВИ СИЛНИ ЧУВСТВА ПРОТИВ МИГРАНТИТЕ ПРОТИВ КОИ ГРМИ ТРАМП, И ВТОРО, И САМИОТ САНДЕРС ПРЕДВИДУВА ДЕКА „МАЛИТЕ ЕНЕРГИИ“ НА ЛОКАЛНИТЕ СРЕДИНИ И НЕ СЕ ТОЛКУ МАЛИ АКО ДОБРО СЕ ПОГЛЕДНЕ МАПАТА НА ФЕЛОУС СО МНОГУ ПОСЕТЕНИ „ТОЧКИ“ ВО НЕГОВИОТ ТРИГОДИШЕН ПАТ НИЗ АМЕРИКА. ЕДНОСТАВНО, ДОБРИ ВЕСТИ ИМА, И ОНА ШТО Е НАЈУБАВО – ИМА ИЗГЛЕДИ ТИЕ ДА СЕ ТОЧНИ.

Угасените индустриски капацитети и градовите кои замреа со нив се нешто што себеси може лесно да си го претстави секој средовечен жител на нашиот регион. Во Србија можеби најдобра би била паралелата со Ниш во кој е угасена некогаш моќната „Електронска индустрија“, но и понатаму остана, би можеле да се нарече респектабилно, знаењето на универзитетот, развиен како силна научна поткрепа на индустрискиот процут.
Токму универзитет со силна меѓународно респектабилна катедра за полимери, развиена во текот на подемот на индустријата за гуми, беше новата отскочна даска за Акрон постепено да израсне во „паметен град“, што денес има повеќе од 400 компании кои се занимаваат на некој начин со полимерите и во овој момент вработуваат повеќе луѓе од целата поранешна индустрија за гуми. Албани себеси се катапултираше во самиот врв на нанотехнологијата. Во Европа, Ајндховен ја претвори бившата зграда на „Филипс електроникс“ во еден од водечките светски технолошки јазли. Дрезден е дом на низа светски производители на полуспроводници. Сите овие градови негуваат длабоко меѓусебно испреплетен екосистем на талентирани работници и култура на размена на знаење меѓу локалните големи компании, индустриските кластери и академските центри.
Значи, епицентар на промената е најчесто локалниот универзитет, но не онаков на каков сме навикнале. Наместо затворена кула во која истражувачите се нурнати во академски дискусии, гледаме отворено споделување на научните резултати и силна личност која го предводи, харизматична, комуникативна и со „заразна“ енергија која ја пренесува на другите актери во локалната заедница. Ни бизнисот не е онаков на каков сме навикнале. Станува збор за жива, потполно отворена заедница на зрели претпријатија и стартапи во која иновациите и искуствата се споделуваат со колегите и со универзитетот.
Друг конектор најчесто е локалната заедница која заедно со универзитетот негува густа мрежа на институции и организации во која се вклучени сите актери. Силна поддршка дава федералната држава со вложувања во базични истражувања без кои нема применети иновации. Иако се чини дека ова е еден, само со малку поживи бои обоен, добро познат модел на инкубатор, тоа не е сосема точно. Важен фактор на овој нов модел се висококвалификуваните работници на кои не се гледа само како на пожелна работна сила, туку, пред сѐ, како на луѓе кои треба да бидат задоволни и исполнети поединци. Оттаму еден од клучните елементи на новиот модел е достапен покрив над главата, односно понуда на станови по цени прифатливи за вработените со пониски приходи од просечните, комбинирано со силна концентрација на културни содржини, одлична транспортна мрежа и здрава животна средина. Инсистирањето на евтин покрив над главата не треба да залажува: овој пристап го отфрла зголемувањето на ефикасноста на претпријатијата засновано на евтина работна сила и дава предност на иновацијата, координираноста на производството и на софтверскиот дизајн. Моделот кој овие двајца автори го презентираат ги спојува роботиката (Индустријата 4.0, за која во „Економија и бизнис“ веќе многупати сме зборувале), образовани и задоволни работници, и универзитет и локална администрација кои веќе не се видени во клучот на неолибералниот модел во кој универзитетот слепо го произведува она што му е потребно на бизнисот, а локалната администрација може да биде добра само ако е сведена на минимум. Напротив, успехот е дело на ангажирана заедница и силни несебични поединци, поврзувачи, кои даваат темпо и влеваат позитивна енергија во овој потфат.
Иако во случајот на Акрон моделот е детектиран во раните 2000ти, тој всушност е во почетна фаза во многу градови и можноста да прерасне во робусно решение не е сосема извесна. Во Америка, повеќе одошто во Европа, ова решение има свои мани. Духот на мултидисциплинарна и на мултисекторска соработка, како и чувството на ургентност, оној вид кој може да дојде само од средините што го допреа економското и социјално дно во последниве децении, не ги зафати сите слоеви на општеството. Големиот број бездомници, поради лошите услови за живот, и понатаму се на работ на процветаните градови. Во Европа силната држава има подобри механизми преку преквалификација и мрежа на социјална сигурност да го отвори патот за полесна интеграција на граѓаните кои се на работ на овие случувања.
Тивката револуција за која зборува Фелоус во својот текст во „Атлантик“ е далеку покапиларна, поразиграна и пошаренолика и на своите протагонисти им дава, пред сѐ, морална исполнетост со значително помал паричен надоместок. Нејзини носители се сопственици на приватни компании, кои изморени од вревата на урбаните средини одбраа да се сместат во помалите градови од своето детство и така го скроија бизнис моделот кој ги става на прво место пазарниот успех и квалитетот на животот, свој и на вработените; пензионираните претприемачи кои со комбинација на свое знаење и голема енергија успеаја да создадат образовни програми што од никаде лиферуваат врвни кадри за индустриите што се во подем; хајтек претприемачи кои сфатија колку се побитни за нивниот развој евтината земја и недвижнините од седењето во Силиконската Долина; локални момци кои од своите градови ишарани со графити се обидуваат да создадат локална туристичка атракција; локални администрации кои се обидуваат запуштените делови на градовите да ги направат попривлечни доведувајќи како свои гости уметници од висок ранг кои биле заробени во своите земји, а чија единствена задача е по сопствена волја да ги променат куќичките во кои престојуваат или ентузијасти кои се залагаат за претворање на напуштените индустриски постројки, како што е на пример железарницата во Питсбург, во културни простори и конгресни центри.
Две работи кои посебно го импресионирале Фелоус се етничкото и културно растопување на овие потфати во кои силна поддршка за препород на зафрлените американски гратчиња даваат најразлични комбинации на напори на белци, на црнци, на Индијанци и на мигранти од Блискиот Исток и од Азија, и уверувањето на граѓаните на овие мали места дека нивните локални иницијативи се осамен изблик на енергија во државата која генерално изумира.
Има уште два важни податоци кои ги превидуваат во предизборниот татнеж големите национални медиуми и претседателски кандидати: прво, во истражувањата на јавното мислење Американците генерално не покажаа никакви силни чувства против мигрантите против кои грми Трамп, и второ, и самиот Сандерс предвидува дека „малите енергии“ на локалните средини и не се толку мали ако добро се погледне мапата на Фелоус со многу посетени „точки“ во неговиот тригодишен пат низ Америка. Едноставно, добри вести има, и она што е најубаво – има изгледи тие да се точни.

(јуни 2016)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top