Интервјуа
ЕКОНОМСКОТО УПРАВУВАЊЕ Е ЕДЕН ОД КЛУЧНИТЕ ФАКТОРИ ВО ПРОЦЕСОТ НА ПРОШИРУВАЊЕ НА ЕУ

Јаромир Левичек
Делегација на ЕУ

Годишниот извештај на Европската Комисија за напредокот на земјите на патот кон ЕУ веќе со години предизвикува иста реакција во Република Македонија. Политичките партии си бираат делови што им одговараат за сопствените агенди. За да ја отстраниме пристрасноста и да ги идентификуваме суштинските поракина најновиот Извештај, разговараме со Јаромир Левичек. Во Делегацијата на ЕУ тој раководи со економските прашања, градењето институции и претпристапното известување. 

 

Една од крајните цели на секоја земја-кандидатка за влез во ЕУ е да развие функционална пазарна економија. Каква е Вашата дефиниција за функционална пазарна економија?

Ј. Левичек: Функционална пазарна економија е еден од двата економски услови дефинирани во Копенхаген уште во 1993 година. Тој бара широко базиран консензус за клучните елементи на економската политика, да има макроекономска стабилност, слободно дејствување на пазарните сили, слободен влез и излез од пазарот, соодветен правен систем и доволно развиен финансиски сектор. Друг критериум е, до денот на влез, да постои капацитет за справување со конкуренцијата и со пазарните сили во рамките на ЕУ. Но, треба да се биде внимателен, подобластите не се обична листа за штиклирање. Тие често се заемно поврзани.

ЕУ го позиционираше економското управување како еден од клучните фактори на процесот на проширување. Ова е разбирливо. Го имаме искуството на неодамнешната криза со државниот долг во неколку земји-членки на еврозоната. Како последица на тоа ЕУ го крена економскиот надзор на повисоко ниво. Слично на обврските за земјите-членки на ЕУ во рамките на Европскиот семестар, секоја земја-кандидатка подготвува Програма за економски реформи (ПЕР). На годишно ниво земјата дефинира среднорочна рамка за макрофискална политика и агенда за структурни реформи. Јасно е дека агендата во ПЕР им помага на земјите да ги остварат економските критериуми.    

Да направиме едно мошне важно разграничување. На едно место Извештајот за напредокот од 2016 година вели: „... Македонија има добро ниво на подготовка во развивањето на функционална пазарна економија. Меѓутоа, не е постигнат напредок во периодот за кој се однесува Извештајот.“ Ова значи дека треба да правиме разлика меѓу вкупното ниво достигнато во развивањето функционална пазарна економија, што е една тема, и конкретниот напредок направен во периодот за кој се известува, што е друга тема. Оттаму може ли да се каже дека, набљудувано во целина, нашава земја не изгледа лошо во поглед на економските критериуми во Извештајот за напредокот, но не успеа да направи прогрес на тој план во споредба со тоа каде бевме пред една година?  

Ј. Левичек: Ова е точно кога се работи за првиот дел од Вашето прашање. Земјата има добро ниво на подготовка во развивањето функционална пазарна економија, ова е оценката за општата состојба. Во тој поглед земјата е подобра од некои други земји во регионот. Но, ние исто така го оценуваме напредокот направен во текот на последната година. И сме нотирале „нема напредок“ во двете последни години во чиј тек ја користиме новата методологија на известување (општа состојба и напредок). Се разбира, имаше некои позитивни случувања. Сочувана беше макроекономската стабилност и невработеноста се намали. Сепак, остануваат ранливи точки како што се високата невработеност, ниската конкурентност на домашниот приватен сектор кој е погоден од слабото извршување на договорите, сѐ уште големата неформална економија и тешкиот пристап до финансиски средства. 

Кои беа правилата според кои беше измерен напредокот или неговото отсуство?

Ј. Левичек: Секоја област се оценува според однапред дефинирана структура на правото на ЕУ (acquis)  и политичките и економските критериуми. Основата врз чија основа се мери напредокот се наодите и препораките од минатогодишниот Извештај. Тие се внимателно анализирани и оценет е напредокот или неговото отсуство.

Моето следно генерално прашање се однесува на процесот на економска конвергенција. До кој степен БДП по жител како процент од просекот за ЕУ28 е индикатор за оваа конвергенција? Ние сме на нивото од околу 37 %. Какви беа процентите на земјите како Хрватска, Бугарија и Романија кога влегуваа во ЕУ?

Ј. Левичек: Тоа секако е клучен индикатор за економската конвергенција. Ако погледнеме наназад дваесетина години, најголемото и најстабилно подобрување на овој индикатор е регистрирано кај земјите од Централна и од Источна Европа што влегоа во ЕУ во 2004 година. Бројките за Бугарија беа 42 % во 2007 година и 46 % во 2015 година. Во Романија имаше постабилен раст, од 41 % во 2001 година на 57 % во 2015 година. Хрватска имаше 59 % од просекот на ЕУ во 2013 година, годината на нејзиниот влез во ЕУ. Но, треба да погледнеме и подалеку од бројките. Апетитот во ЕУ за прифаќање на нови членки ќе биде слаб доколку земјите стојат ниско кај оваа споредба и нивните економии не успеваат доволно брзо да го затворат јазот. БДП по жител за Вашата земја е 37 % од просекот на ЕУ28. Исполнувањето на економските критериуми им носи корист првенствено и пред сѐ на самите земји-кандидатки за членство. Тие треба да се економски здрави и кога ќе станат членки да придонесуваат за конкурентноста и за стабилноста на ЕУ.

СÈ УШТЕ НЕ Е ОБЕЗБЕДЕНА БУЏЕТСКАТА ТРАНСПАРЕНТНОСТ БИДЕЈЌИ СÈ УШТЕ НЕ СЕ ЈАВНО ДОСТАПНИ ЈАСНИ, НАВРЕМЕНИ И ДОВЕРЛИВИ БУЏЕТСКИ СТАТИСТИЧКИ ИНФОРМАЦИИ

Сега да се фокусираме на неколку конкретни области. Една од најважните области е управувањето со јавните финансии. Извештајот спомнува среднорочна буџетска рамка и буџетска транспарентност. Какви се наодите и што треба да се направи во текот на наредната година?

Ј. Левичек: Управувањето со јавните финансии е важно за Европската комисија од две причини. Прво, тоа директно придонесува за транспарентноста и за одговорноста на Владата, а како последица на тоа и за функционирањето на демократијата. Второ, ѝ помага на ЕУ како главен донатор подобро да разбере како се имплементираат јавните политики. Можеме да ги таргетираме фондовите на ЕУ на поефективен начин. Нашиот генерален наод е дека управувањето со јавните финансии не се подобри. Ние би сакале да видиме дијалог предводен од Владата за Програмата за управување со јавните финансии. Среднорочна буџетска рамка допрва треба да се усвои. Во тек е твининг проект што му помага на координативното тело, Министерството за финансии, да ја развие. Меѓу приоритетите за развој на јавните финансии, Европската комисија ја нотираше достапноста на фискални податоци, усогласување на легислативата за јавни набавки со законите на ЕУ и нивна ефикасна примена, и зголемено ревизорско покривање на вкупното јавно трошење. Сѐ уште не е обезбедена буџетската транспарентност бидејќи сѐ уште не се јавно достапни јасни, навремени и доверливи буџетски и статистички информации.   

Извештајот нотира дека фискалната консолидација, иако најавена од страна на властите, не се случува. Зошто мислите дека фискалната консолидација е толку важна?

Ј. Левичек: Затоа што го имаме искуството на неодржлив сооднос долг - БДП во некои од земјите-членки на ЕУ, што ги донесе овие земји во сериозни проблеми. Брзиот раст на државниот долг на Вашата земја во последниве години е главно поради примарните фискални дефицити. Економијата на Вашата земја расте во последниве години, над нивоата на раст на многу други европски земји. Но, наместо да се случува фискална консолидација онака како што е планирана од самата Влада, продолжува фискалната експанзија. Соодносот долг - БДП ќе надмине 50 % оваа година. Некој може да рече дека ова е значително под просекот во ЕУ. Но, земјите што се многу задолжени не треба да служат како репер. И ММФ и Светска банка исто така предупредија за брзиот раст на јавниот долг.

Исто така Извештајот посочи дека планот за фискална консолидација во иднина главно се потпира на оптимистички претпоставки за економски раст наместо на конкретни заштеди во Буџетот. Кој би требало да биде правилниот пристап од страна на властите во поглед на фискалната консолидација?

Ј. Левичек: Властите треба да ја поддржат фискалната консолидација преку идентификување конкретни мерки за приходите и за расходите и преку подобрување на фискалната транспарентност и капацитетот за буџетско планирање. Тие не треба да се потпираат само на оптимистички претпоставки за економски раст. Во моментов Владата своите надежи ги полага во тоа дека растот на приходите ќе биде поголем од растот на расходите. Сепак, годинава веројатно ќе дојде до ад хок зголемувања на пензиите, социјалните трансфери и платите во јавниот сектор, како што беше случај и во изминатите години, во услови кога брзината на растот на БДП се намали. Во сетот економски политики, Владата има алатка за фискалната дисциплина: Програмата за економски реформи. Целта на оваа Програма е да ги посочи структурните реформи и нивниот ефект врз макроекономската и фискалната ситуација во земјата. 

Во поглед на бизнис-амбиентот, Извештајот дава оценка за ситуацијата со владеењето на правото и примената на законите. Какви се наодите и што треба да се направи во текот на идната година?

Ј. Левичек: Регулаторен амбиент кој е предвидлив и врз кој можете да се потпрете и ефективната примена на законите се клучен предуслов за водење бизнис. Нотиравме дека развојот на бизнисот страда од слаба и од невоедначена примена на законите. Изгледа дека добивањето лиценци и дозволи за работа е полесно за странските инвеститори одошто за домашните компании. Понатаму, нејасната интерпретација на бизнис-регулативата и невоедначеното извршување на договорите, корупцијата и големата неформална економија вршат опструкција врз развојот на приватниот сектор. Во 2015 година бројот на нови бизниси се намали во споредба со 2014 година и со просекот за пет години, веројатно како одраз на политичката неизвесност што трае. Наредната година фокусот треба да биде на редуцирање на итната постапка за носење нови закони, обезбедување соодветна консултација со сите заинтересирани страни, што за возврат ќе ја намали потребата од чести измени на законите и зајакнување на независноста и ефикасноста на судовите за разрешување на деловните спорови.  

Друга важна област е јавната администрација. Кои се главните заклучоци по тоа прашање?

Ј. Левичек: Јавна администрација што добро функционира е предуслов за транспарентно и ефективно демократско владеење. Таа ја одредува способноста на владата за давање јавни услуги, ја зголемува конкурентноста и овозможува примена на суштинските реформи што се клучни за дијалогот со ЕУ. Затоа е толку важно земјите да се фокусираат на реформирање на нивната јавна администрација. Нашата оценка е дека земјата е умерено подготвена. Во изминатава година имаше одреден напредок, иако тој е ограничен. Започна примената на новата законска рамка за управување со човечките ресурси. Сепак има недоволна посветеност за примена на нашите препораки од 2015 година. Според нашето видување неопходна е силна политичка посветеност за да се гарантира независноста на јавната администрација и да се респектираат принципите на транспарентност, на квалитет и на соодветна застапеност.

Во Извештајот способноста на нашата земја да ја преземе обврската за членство се анализира во 33 поглавја. Кои се клучните поенти што би ги истакнале?

Ј. Левичек: Навистина, ги анализираме состојбата и напредокот во 33 различни области. Секоја од нив ги посочува клучните прашања од перспективата на ЕУ-интеграцијата. Сите заинтересирани треба директно да го читаат Извештајот. Напредокот варира во текот на минатата година и генералната перцепција е дека напредокот беше подобар во изминатите години. Дозволете ми да потсетам дека пред неколку години земјата служеше како пример за реформи, но ја изгуби таа позиција. Ова не значи дека нема никакви остварувања. Има области каде што општата состојба кај усогласувањето на легислативата, институционалната поставеност и севкупната техничка подготвеност се на добро ниво на подготвеност. Ова ги вклучува областите како што се Законот за трговски друштва, Информатичко општество, Трансевропски мрежи, Наука и истражување и Царинска унија. Правилно е достигнувањата да бидат истакнати, но мора повеќе да се направи во бројни други области, особено кај владеењето на правото. Генерално потребен е поголем фокус на административниот капацитет и ефективната примена.

КЛУЧНИ ФАКТОРИ ЗА РАСТОТ ОСТАНУВААТ СОЗДАВАЊЕТО ФЕР УСЛОВИ ЗА НАТПРЕВАР НА СИТЕ УЧЕСНИЦИ НА ПАЗАРОТ И ОТСТРАНУВАЊЕ НА ПРЕЧКИТЕ НА КОНКУРЕНТНОСТА   

Очигледно е дека како земја имаме домашна задача што треба да ја сработиме. Меѓутоа, помошта од ЕУ во процесот на пристапување е од огромно значење за забрзување на тој процес. Колкав е износот на фондовите на ЕУ достапни за македонскиот бизнис-сектор и кои се каналите за поддршка?

Ј. Левичек: Има два вектора на поддршка од ЕУ за бизнис-секторот. Еден е за градење на јавна администрација што го поддржува бизнис-секторот. ЕУ проектите со Управата за јавни приходи за подобрување на услугите спрема даночните обврзници или со Царинската администрација за олеснување на трговијата се наменети само за таа цел. Другиот вектор е за поддршка на малите и средни претпријатија, ’рбетот на економијата на Вашата земја. Малите и средни компании често се соочуваат со тешкотии при обезбедувањето финансиски средства што им се потребни за да растат и да имаат иновации. ЕУ нуди бројни финансиски инструменти што го олеснуваат пристапот до финансиски средства. Помошта е канализирана преку локалните, регионалните или државните власти, или преку финансиски посредници како што се банки и организации за финансирање на стартапи и мали компании за кои се верува дека имаат голем потенцијал за раст. Примери за вакви инструменти за финансирање се COSME, HORISON 2020, Western Balkan Enterprise Development and Innovation Facility (WB EDIF). Во рамките на ИПА 2 Националната програма досега се алоцирани преку 24 милиони евра во секторот конкурентност и иновации. Два проекта ќе бидат промовирани во 2017 година. Проектот за локална и за регионална конкурентност, фокусиран на туризмот и менаџиран од страна на Светска банка, ќе дава грантови на јавни, на непрофитни и на приватни субјекти за финансирање иницијативи што го подобруваат доживувањето на посетителот и ја зголемуваат конкурентноста на дестинацијата. Друг проект, инструмент за поддршка на конкурентноста на малите и на средните компании, кој ќе биде менаџиран од ЕБРД, ќе дава техничка помош и грантови на селектирани компании. Иако надворешната помош, вклучително и поддршката од ЕУ, е важна, клучни фактори за растот остануваат создавањето фер услови за натпревар на сите учесници на пазарот и отстранувањето на пречките за конкурентноста. Овие цели се јадрото на нашата помош досега, но конкретниот напредок многу зависи од посветеноста на Владата.   

Ви благодарам за интервјуто 

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top