Убава Македонија
СТРУГА

Александар Матески

Кон крајот на 1670 година Евлија Челебија, славниот патеписец на Отоманската Империја, ќе пропатува низ Македонија и ќе остави бесценета трага во историјата на народите кои живееле на оваа територија. Пластичниот речник ги оживува сите фантазии за минатото и секогаш е вредно пред да се опише некое место да се направи кратка потрага по сведоштвата од пред повеќе од три столетија и да се направи паралела со модерните случувања.

Посебно импресиониран ќе биде од Струга, една од главните населби на Охридското Езеро, која заедно со Охрид и крепоста која не може да се спореди со никоја друга и Поградец, паланката која заедно со соседната населба Старова ќе бидат местата од каде што ќе биде земен најголемиот данок во крв.

Во Струга се наоѓал стар дрвен мост со околу дванаесет сводови долг околу педесетина метри. Во времето на посетата на Струга, на мостот изграден на големи колови бил дворецот на агата. Домот на агата над Дрим бил чуван со четириесет и пет вооружени гавази од арамии, од убијци и од рибокрадци. Дрим и денес е централното место во градот, но без градби над самата река, освен мостовите кои служат за олеснување на секојдневната комуникација на луѓето. Денес е главно место за кафе пауза во прекрасната ладовина или пак за освежување во бистрата вода. Новиот дрвен мост чие градење треба да започне скоро дополнително ќе го збогати прекрасниот амбиент.

 Еднаш во годината во градот се одржувал голем панаѓур на кој се собирале околу 40-50 000 души и десет дена и десет ноќи на околу илјада времени дуќани и сергии од платно се тргувало во гужва која јазикот не можел да ја опише. Чаршијата денес ги губи препознатливите занаети. Еден од централните занаети во економскиот живот на градот во минатото бил кујунџиството, а имало и самарџии, ортомари, грнчари итн. Прекрасната градска архитектура денес изумира. Сѐ повеќе се потиснува од новите градби, па опасноста да остане само на старите фотографии станува сѐ пореална. Сѐ уште на старите градби можете да ги забележите бондрук конструкциите кои оставаат и посебен уметнички впечаток, но иако изгледаат чудно, сепак упорно пркосат на забот на времето.  

Сосема блиску до чаршијата е и спомен-куќата на Миладиновци, централните македонски преродбеници од средината на деветнаесеттиот век. Фототипното електронско издание на Зборникот на народни песни од 1861 година на речиси 550 страници денес е широко достапно и секој кој сака може лесно да ужива во неговата содржина.

Економската поврзаност на Струга со риболовот како една од најзначајните гранки е од памтивек. Импресивна била сликата секоја вечер кога преку дваесет и пет големи чунови осветлени со факли ги влечеле големите рибарски мрежи за на крај да ја предадат уловената риба на еминот. Потоа со рибата, посолена во големи каци, се тргувало низ цела Румелија.

 

Евлија Челебија jа пренесува и легендата за јагулата според која онoј кој ја јаде внесува толку многу сила која го прави толку јак што може да се бори со кој било врсник. Се верувало дека јагулата помагала дури и за справување со главоболка. Доволно било да се стави сол на главата и da се постави главата на јагулата на местото каде што е болката и по Божја волја веднаш да престане главоболката.

Дури и античкото име на градот Енхалон значи јагула.

И денес, кога одите во Струга, пробајте од јагулата, редок специјалитет, а доколку немате стомак за таква храна тогаш изборот на ѓомлезиња е навистина голем и нема да погрешите.

Посетата можете да ја искомбинирате со посета и на Радожда, прекрасното рибарско село кое ви нуди мирно уживање со прекрасен поглед кон езерото. Над селото е пештерната црква посветена на Архангел Михаил изградена во 14 век. Мирот кој го дава езерото по сѐ изгледа е главниот мотив за големиот број пештерни цркви во Охридско и во Преспанско, вклучително и во грчкиот и во албанскиот дел. На патот кон Радожда се наоѓа и Калишкиот манастир посветен на Пресвета Богородица.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top