Перспектива
КОМУ МУ ВЕРУВАТЕ?

Зоран Јовановски

Секоја година Оксфорд речниците избираат еден збор или израз што привлекол големо внимание во текот на годината што изминала и тој станува збор на годината на Оксфорд речниците. Израз на годината за 2016 година е „извртена вистина“ (post-truth). Што, всушност, значи „извртена вистина“?
Според дефиницијата на Оксфорд речниците, овој израз упатува на „околности во кои, при обликување на јавното мислење, објективните факти се помалку влијателни од емоциите и од личното убедување“. Поедноставено, ова значи дека наместо луѓето да разграничуваат што е факт, а што фикција, вистината стана индивидуална вистина, дека пресудно е она во што секој си верува или мисли без оглед што велат фактите.

Да потенцирам, зборуваме за меѓународен феномен, за еден од најпознатите британски речници и нивниот избор на израз на годината. Ако земеме предвид дека станува збор за англискиот јазик, како меѓународно најупотребуван јазик, тогаш всушност зборуваме за глобален феномен. Прашањето е како стигна светот дотука, кои се последиците и каква е улогата на медиумите. Конечно, и најважно во сето ова, што се случи со вистината, онаа фактичката, неспорна вистина.
Денешната ситуација се должи на неколку трендови. Еден од нив е развојот на технологијата за комуникации. Така дојдовме до невидено зголемен квантум на брзо и лесно достапни информации. Дојдовме до точка кога човек веќе не може да ги апсорбира сите тие информации. Се разбира, само по себе ова не е лошо. Напротив, на светот му се случува епохален технолошки развој, само за неколку секунди, со неколку клика на компјутерот или на мобилниот телефон можеме да разбереме што се случило на другиот крај на светот, уживаме навистина голема привилегија. Но, со ваквиот технолошки развој дојдовме до нов предизвик. Како да откриеме во огромното море од информации кои информации се вистинити, а кои не се?
Вториот елемент во приказната се медиумите. Со морето расположливи информации, директно или индиректно, се среќаваме преку два канала, традиционалните медиуми и социјалните медиуми. Многу е важно да ги имаме предвид разликите меѓу нив. Од една страна ги имаме традиционалните медиуми, кои во основа следат одреден минимум професионални стандарди. Тоа значи дека традиционалните медиуми се трудат да ги проверат фактите и да презентираат информации на кои, од аспект на точноста, јавноста генерално може да се потпре.
Од друга страна, тоа не е секогаш така кај социјалните медиуми. Да го земеме случајот со момчињата од Велес, кој неодамна беше многу актуелен. Како што беше пренесено, момчињата креирале интернет-страници и на нив биле постирани измислени информации поврзани со претседателските кандидати во изборната трка во САД, а информациите понатаму биле преземани од интернет-страници во САД. Проблемот е што граѓанинот читател или гледач претпоставува дека и социјалните медиуми работат на ист начин како и традиционалните медиуми, ги следат истите професионални стандарди и ги проверуваат фактите и точноста на информациите што ги објавуваат. Во вакви околности, кога граѓанинот поаѓа од претпоставката дека социјалните медиуми функционираат на истите принципи како и традиционалните медиуми и ги чита информациите што му ги презентираат социјалните медиуми, тој таквите информации ги перципира како проверени факти. Ова значи дека постои реална опасност фактите и вистината да се „изгубат“ некаде на патот од социјалните медиуми до публиката.

КАКО ДА СЕ СПРАВИ СО ОВА НЕКОЈ ШТО НЕ САКА ДА БИДЕ ДЕЛ ОД ПРОТОК НА НЕПРОВЕРЕНИ ИНФОРМАЦИИ? НЕОПХОДЕН Е ЗДРАВ СКЕПТИЦИЗАМ. ПОТРЕБНО Е ВНИМАТЕЛНО ДА ГО ОДБЕРЕТЕ МЕДИУМОТ. ЗА ТАА ЦЕЛ ТРЕБА ДА СИ ОДГОВОРИТЕ НА НЕКОЛКУ ПРАШАЊА. КОЈ Е СОПСТВЕНИКОТ НА КОНКРЕТНИОТ МЕДИУМ? КАКО СЕ ФИНАНСИРА МЕДИУМОТ? КОЈА Е АГЕНДАТА НА МЕДИУМОТ? ЗА КОИ ВРЕДНОСТИ СЕ ЗАЛАГА ТОЈ? КОЈ ПИШУВА ВО МЕДИУМОТ? КАКВА Е РЕПУТАЦИЈАТА НА ПИШУВАЧИТЕ ВО ЈАВНОСТА? ШТО ИМААТ ДА ИЗГУБАТ ПИШУВАЧИТЕ ДОКОЛКУ ОБЈАВУВААТ НЕПРОВЕРЕНИ ИНФОРМАЦИИ?

Но, проблемот не се исцрпува тука, тој е подлабок, покомплексен. Се поставува прашањето дали „извртувањето на фактичката вистина“ се случува свесно или несвесно. И, ако ризикот е поврзан со социјалните медиуми, зошто граѓаните воопшто се вртат кон социјалните медиуми занемарувајќи ги традиционалните медиуми? За тоа има две објаснувања.
Прво, самите традиционални медиуми придонесоа за растот на популарноста на социјалните медиуми. Традиционалните медиуми си дозволија значителен обем на пристрасност и создадоа впечаток дека имаат и „туркаат“ своја агенда која е многу поширока одошто само презентирањето на вистина што се базира на проверени факти. Тука не мислам на тоа дали одреден традиционален медиум, јавно или индиректно, дал поддршка на некој конкретен политички кандидат или идеолошки профилиран сет на вредности бидејќи тоа е легитимно право, може да го направи секој медиум во приватна сопственост следејќи ја сопствената уредувачка политика. Тука мислам на тоа дека добар дел од традиционалните медиуми за себе создадоа слика дека се всушност „мегафони“, нечија продолжена рака. Затоа повеќето традиционални медиуми, на пример во САД, беа перципирани од страна на американската јавност како дел од естаблишментот и довербата во нив беше изгубена. Во такви околности, природно беше свртувањето на јавноста кон социјалните медиуми.
Оттаму не е случајност тоа што претседателот на САД Трамп во текот на изборната кампања главно комуницираше со американската јавност преку твитер-
-пораки. Намерата беше јасна. Верувајќи дека традиционалните медиуми се пристрасни, едноставно ги заобиколи. На тој начин традиционалните медиуми можеа само да го пренесат испратениот твит во оригинална кратка форма и практично не можеа да ја моделираат неговата содржина по свое наоѓање. Американските гласачи го прифатија тоа. Значи, самопредизвиканиот пад на довербата во традиционалните медиуми доведе до тоа дел од јавноста несвесно да биде насочена кон социјалните медиуми и да се создадат услови за губење на вистината.
Второто објаснување за тоа како настанаа „околности во кои, при обликување на јавното мислење, објективните факти се помалку влијателни од емоциите и од личното убедување“, што резултираше со „извртена вистина“, беше свесното свртување на јавноста кон социјалните медиуми. Тоа дојде како природна реакција во околности кога општествата се соочуваат со висок степен на поделеност на населението во однос на нивните политички преференции. Поделени како во големи навивачки групи, полни со емоција, на граѓаните како да им „пукна филмот“ и самите посакаа да си ги селектираат вестите и да веруваат во оние вести што ним им се допаѓаат. И не само тоа. На социјалните медиуми се појавуваат нечии лични, пристрасни мислења што не се базираат на факти и можат да се невистини, тие мислења се разменуваат меѓу истомислениците и започнува да се случува самогенерирачка лавина на „извртена вистина“.
Како да се справи со ова некој што не сака да биде дел од проток на непроверени информации? Неопходен е здрав скептицизам. Потребно е внимателно да го одберете медиумот. За таа цел треба да си одговорите на неколку прашања. Кој е сопственикот на конкретниот медиум? Како се финансира медиумот? Која е агендата на медиумот? За кои вредности се залага тој? Кој пишува во медиумот? Каква е репутацијата на пишувачите во јавноста? Што имаат да изгубат пишувачите доколку објавуваат непроверени информации?
Во овој контекст неизбежно се наметнува потребата да одговорам на овие прашања во случајот на Економија и бизнис. По смртта на татко ми, како основач на магазинот, сопственоста на магазинот остана во рамките на семејството. Магазинот е чист пазарен производ, се финансира од претплата и од реклами. Економија и бизнис нема никаква дневно-политичка или партиска агенда, во тој поглед е целосно независен медиум. Медиумот се залага за подобар бизнис-сектор во земјава, за подобар економски амбиент и за подобро општество. Во магазинот пишуваат автори кои не би ризикувале да ја изгубат својата репутација.
Ова се тешки времиња за секој што трага по вистината. Некои прашања ќе останат да бидат одговорени од иднината. Влегува ли светот во ера на површност? Ја губи ли вистината својата вредност? Важна ли ви е вистината? Кому му верувате?

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top