Интервјуа
ОРГАНИЗАЦИИТЕ „ПОЗАДИ ЗАВЕСАТА“ МУ ДОНЕСОА ГОЛЕМ НАПРЕДОК НА ЧОВЕШТВОТО

Божидар Ночев
Архитект и член на Витешкиот Орден „Св.Лазар“

Божидар Ночев е, најблаго кажано, интересна личност. Архитект по професија, со семејна револуционерна историја, член на 900 години стариот Витешки орден „Св. Лазар“ и мајстор на Братството Божоле, долги години живеел во Чешката Република и има директни лични заслуги за признавањето на Република Македонија од страна на оваа земја. Со него разговаравме за организациите за кои се вели дека работат „позади завесата“, за тоа како беше своевремено направена трансформацијата на чешката економија, за бизнисот на македонските градежни фирми во таа земја....

 

Република Македонија има луѓе кои не се во фокусот на внимание на јавноста, но имаат мошне интересни животни приказни. Вие сте мајстор на Братството Божоле (кое има долга историска традиција во Франција). За какво Братство станува збор?

Б. Ночев: Братството Божоле е официјално создадено и регистрирано во 1948 година (но со традиција која досегнува многу подлабоко во историјата на Франција) со основна цел – промовирање на вината од регионот Божоле (Beaujolais) во Франција. Оваа престижна француска организација била основана во францускиот град Вилфранш (Villefranche) од страна на Леон Фоајар (Léon Foillard), Жан Гијерме (Jean Guillermet), Жустан Годар (Justin Godard), Робер Пине (Robert Pinet) и други кои се заслужни за почетокот на формалното постоење на наведенава организација. За прв претседател на Братството Божоле бил избран Жозеф Декроа (Joseph Descroix) при што организацијата, освен што прави промоција на винарскиот регион Божоле (Beaujolais) низ Франција, прави напори и за промоција на светско ниво (низ светот има преку 20 000 членови при што, како пример, би наведол дека силна членска база на Братството Божоле има и во Јапонија).

Од 2014 година сте и член на Редот на витезите – Воениот и религиозен ред на свети Лазар од Ерусалим, Израел. Кажете ни нешто повеќе и за оваа организација.

Б. Ночев: Да се направи резиме во неколку реченици за повеќе од 900 години стариот Витешки орден „Св. Лазар“ претставува тешка задача, но ќе се обидам да ја приближам суштината на Орденот до читателите. Редот на свети Лазар го води своето потекло од Светата Земја каде што е основан по Првата крстоносна војна (постојат стари документи кои се однесуваат на неговото постоење како институција на болници). Слично на другите витешки редови (Орденот на малтешките витези, Орденот на тевтонските витези и други) кои подоцна биле основани во Светата Земја, почетната цел на основањето на Витешкиот ред на св. Лазар претставувало заштита и поддршка на верниците кои се наоѓале во Светата Земја при што низ својата историја Витешкиот ред ги проширувал своите цели и активности кон решавање на широките социјални потреби на населението со што ја исполнува не само својата историска религиозна обврска туку и хуманитарно-граѓанската обврска.
Од историски аспект, по падот на градот Акр (Аcrе (во Светата Земја)) во 1291 година што се смета за пресвртница во крстоносните војни на Блискиот Исток, Витешкиот ред на св. Лазар се враќа назад во Европа од каде што дошле многу од неговите витези, а во Франција Витешкиот ред на св. Лазар се стекнал со важно покровителство на кралот Филип IV при што во францускиот град Боањи (Boigny) било создадено новото седиште на редот. Во текот на т. н. Стогодишната војна (1337 – 1453) француските витези на св. Лазар се бореле на страната на францускиот крал при што како интересен факт може да се истакне дека витезите на св. Лазар при освојувањето на градот Орлеан (Orléans) се бореле заедно со Јованка Орлеанка.
Во сегашноста раководната структура на Орденот „Св. Лазар“ е составена од големиот мајстор на Редот Х. Е. Дон Карлос Хереда де Борбон (Н. Е. Don Carlos Gereda de Borbon), маркиз д’Алмазан (Marquis de Almazan (близок роднина на шпанската кралска фамилија)); потоа од големиот канцелар на Редот Х. Е. Ц. Едвард Б. Вајт (Н. Е. Chev. Edward B. White), големиот командир на Редот Х. Е. Ц. Д. Роналд Хендрикс (Н. Е. Chev. Drs. Ronald Hendriks), заменик-канцеларот на Редот Х. Е. Д. Марни Жијули (H. E. Dame Marny Gilluly) и други вклучително и религиозниот покровител на Редот, патријархот Грегориус III Лахам. Моменталната управувачка елита на Орденот „Св. Лазар“ ја движи организацијата во вистински правец, се постигнува одличен развој на меѓународно ниво, како и проширување на активностите на Редот на сите континенти. Меѓу позначајни членови на Редот биле Н. Е. надвојводата Ото фон Хабсбург (Otto von Habsburg), (синот на последниот австро-унгарски император, Х. Е. Чарлс I (H. E. Charles I)), потоа еден од најголемите американски претседатели Роналд Реган (Ronald Reagan) и многу други видни личности од светската политичка и бизнис елита.

Следниве два цитата сликовито ќе ги доближат организациите зад завесата на читателите:

„Луѓето во светот се делат на три групи: мал број на луѓе, кои ги создаваат настаните; втора група, која се грижи за реализацијата и помагаат за остварување на реализацијата до крај; и трета група – големото мнозинство, коешто веројатно никогаш нема да разбере што се случува во реалноста.“
Николас Мјуреј Батлер (Nicholas Murray Butler (1862–1947)), долгогодишен претседател на Колумбија универзитетот (Columbia University), претседател на Фондацијата „Карнеги за меѓународен мир“, член на Советот за надворешни односи (CFR), добитник на Нобеловата награда за мир (во 1931 година)

„Зад тронот на кралот се наоѓа нешто поголемо од самиот него.“
Сер Вилијам Пит (Sir William Pitt (1708-1778)), изречено во говор пред Домот на лордовите на Британија (House of Lords) во 1770 година

За крај би навел и еден добар цитат од сегашната кандидатка на Демократската партија за претседател на САД, сенаторката Хилари Клинтон:

„Разликата меѓу политичарот и државникот е во тоа што политичарот размислува за следните избори, а државникот размислува за следната генерација.“

Како се станува член на вакви братства? Кој сѐ може да биде член? Какво е влијанието на ваквите организации врз општествениот живот?

Б. Ночев: За да може некоја личност да стане член на Братството Божоле потребно е таа да му биде предложена од страна на еден од мајсторите на Братството на претседателот на Братството. Македонската група на Братството Божоле оваа година ќе биде признаена како посебно и независно братство од страна на централата на Братството Божоле при што во ноември ќе имаме собир (Chapitre) на Братството во Македонија, а идната година во април ќе биде официјално промовирано македонското братство од страна на претседателот на Братството Божоле на светско ниво. Членовите на Братството Божоле во светски рамки се во голем број случаи истакнати личности во стопанскиот, во културниот и во политичкиот живот во своите земји. Процедурата за пристапување кон Витешкиот ред „Св. Лазар“ е посложена и покомплицирана, приемот се извршува преку посебен ритуал во значаен религиозен објект на дадената територија (црква, храм, катедрала и слично) при што членството во Витешкиот ред „Св. Лазар“ носи со себе посилна хуманитарна компонента во доменот на ангажирањето на членовите.

Колку е светот придвижуван од организации што дејствуваат зад завесата? Дали судбината на светот, всушност, е во рацете на луѓе чија здружена моќ следи поинакви концепти од оние што упатуваат на стандардниот поредок што го знаеме, нешто што е над самите држави?

Б. Ночев: Конспиративните теории споменуваат различни имиња на влијателни организации и групи кои, според различни претпоставки, дејствуваат зад завесата – Клубот Билдерберг, Римскиот клуб, Советот за надворешни односи, Трилатералната комисија, масоните, илуминатите, Тркалезната маса и така натаму. Според мене, на овие прашања може најдобро да се одговори преку прикажување на фактите и преку неколку цитати (од познати светски личности) кои на ефектен начин ќе покажат повеќе од стотици зборови. Тоа, што е неоспорлив факт, претставува констатацијата дека човештвото во последниве двесте години постигна многу поголем цивилизациски напредок во голем број на области (почнувајќи од науката, од медицината, од технологијата, од образованието, од културата итн.) отколку во претходните две илјади години при што значајна заслуга за ваквиот напредок имаат токму организациите зад завесата, без оглед со кои имиња ќе ги наречеме. Како добри примери за позитивни општествени промени кои настанале и кои биле поттикнати од страна на тајните друштва би можеле да се наведат борбата за независност (и создавањето) на Соединетите Американски Држави, како и Француската револуција. И во двата случаја се создале републики, кои се засновани на демократските принципи и начела и кои ги респектираат човековите права. Исто така и во двата случаја меѓу основачите на Француската Република и меѓу потписниците на Декларацијата за независност на САД имало припадници на масонски ложи и на други тајни организации при што интересно е да се истакне и потеклото на терминот ложа – официјално за првпат терминот ложа е употребен во 1278 година во проектите за изградбата на Нотр Дам (Notre Dame) во Франција и се користи за дефинирање правно заштитено место каде што се остваруваат тајни средби со политички карактер и каде што се проучуваат архитектонски проекти.

Вашите семејни корени се мошне револуционерни. Вашиот дедо Јордан бил осуден поради слободарски активности во времето на Илинденското востание, роднина ви е војводата Пере Тошев, во Вашата семејна куќа во Прилеп во два наврати преноќил Гоце Делчев. Меѓу двете светски војни Вашиот татко Методиј бил претседател на Македонското патриотско здружение Вардар во кое членувал и Киро Глигоров, и двапати бил затворан поаради тие активности. Како влијаеле на Вас овие сознанија?

Б. Ночев: Сите овие сознанија имаа големо влијание врз насоката и правецот на мојата работа, моите активности и мојот живот, кој беше подреден на исполнување на идеалите за независна Македонија, за нејзината изградба и за нејзините напори за успешни евроатлантски процеси и перспективи. Секогаш сум се трудел да се придржувам кон мотото на познатиот германско-американски архитект Лудвиг Мис ван дер Рор (Ludwig Mies van der Rohe) кое гласи: „Минатото е зад нас, сегашноста е таква каква што е, но пред нас се простира иднината со целата своја прелест.“

Инаку, Вие сте по професија архитект. Долги години бевте директор на градежната фирма Бетон за тогашна Чехословачка. Како работеше во тие времиња македонската градежна оператива во странство?

Б. Ночев: Некогаш бившата заедничка држава Југославија важеше за велесила во областа на градежништвото. Во тој период, македонското градежништво вработуваше околу 60 000 луѓе (заедно со придружните дејности) при што голем број од градежните активности беа реализирани во странство (околу 80 %). Тендерите ги добивавме по пазарни критериуми и македонската градежна оператива беше присутна на пазарите во Германија, во Чехословачка, во Русија, во Ирак, во Либија, во Узбекистан, во Алжир и на други пазари во светот. На чешкиот пазар, традицијата на македонската градежна оператива (Бетон, Пелагонија и Трудбеник-Охрид) започна во далечната 1968 година при што во наредните неколку децении имаше нагорен тренд во работењето на македонските градежни фирми, како и значително зголемување на угледот (благодарение на квалитетното работење) кај чешките инвеститори. Само за период од 30 години постојано присуство на чешкиот пазар, македонските градежни фирми реализираа проекти во вредност над 300 милиони тогашни американски долари што претставуваше бенефит не само за фирмите туку и за Република Македонија.
Во 1985 година беше потпишан договор за ангажирање на Бетон – Скопје и Хидроелектра – Загреб (обезбедено преку Ингра – Загреб) од една страна, и Хемопетрол – Прага и Водни Ставби од чешка страна, за реализација на најголемиот проект (во тоа време) во Чешката Република – изградба на хидрокракот во најголемата чешка рафинерија Литвинов (и втора по големина во Европа) при што технологијата беше испорачана од познатата австриска компанија Фест Алпине. Овој проект беше добиен во конкуренција на повеќе познати европски градежни фирми, беше успешно реализиран при што од двете градежни фирми беа ангажирани околу 600 градежни работници. Доказ за успехот претставуваше унапредувањето на генералниот директор на рафинеријата Литвинов, м-р инж. Петр Хојер, кој по завршувањето на проектот беше именуван за министер за индустрија и стопанство на Чехословачка.
Во 1992 година Бетон – Скопје потпиша исклучително поволен бартер аранжман (моторно масло од Чешка во замена за изведување на градежни работи и реализација на проекти во осум чешки града) во вкупна вредност од приближно 50 милиони американски долари (пресметано во денешна вредност на доларот). Значајно е да се истакне дека Бензина – Прага не бараше банкарска гаранција (потписник на овој договор е авторот на овој текст). Чешкото моторно масло беше испорачано за Македонија веднаш по потпишувањето на договорот, додека Бетон – Скопје успешно ги реализираше договорените објекти со што менаџментот на македонската градежна фирма во Прага ја оправда големата доверба што ѝ беше укажана од страна на чешкиот инвеститор.
Значајно е да ја споменам соработката со една од најмоќните градежни компании во светот – американската градежна компанија Флуор Дениел (во тоа време имаше околу 120 000 вработени) за која во 2000 година беше реализиран проектот за изградба на хидрокракот во Кралупи. Регионалниот директор на американската градежна групација ми има лично потврдено дека Бетон – Скопје е првата македонска градежна фирма со која соработувал.



ЧОВЕШТВОТО ВО ПОСЛЕДНИВЕ ДВЕСТЕ ГОДИНИ ПОСТИГНА МНОГУ ПОГОЛЕМ ЦИВИЛИЗАЦИСКИ НАПРЕДОК ВО ГОЛЕМ БРОЈ НА ОБЛАСТИ (ПОЧНУВАЈЌИ ОД НАУКАТА, ОД МЕДИЦИНАТА, ОД ТЕХНОЛОГИЈАТА, ОД ОБРАЗОВАНИЕТО, ОД КУЛТУРАТА ИТН.) ОТКОЛКУ ВО ПРЕТХОДНИТЕ ДВЕ ИЛЈАДИ ГОДИНИ ПРИ ШТО ЗНАЧАЈНА ЗАСЛУГА ЗА ВАКВИОТ НАПРЕДОК ИМААТ ТОКМУ ОРГАНИЗАЦИИТЕ ЗАД ЗАВЕСАТА, БЕЗ ОГЛЕД СО КОИ ИМИЊА ЌЕ ГИ НАРЕЧЕМЕ

Како изгледаше, од прва рака, трансформацијата на Чешка од комунистичка во пазарно ориентирана земја? Што беше клучно за успешната трансформација, што можеме ние да научиме од тоа искуство?

Б. Ночев: Кадифената револуција на Вацлав Хавел во 1989 година ѝ донесе на Чехословачка брза трансформација на општеството и на економијата. Во 90-тите години, анализата на лондонскиот Морган гаранти траст (Morgan Guaranty Trust) покажува дека Чешката Република настапува како економскит „тигар“ на Средна Европа. Според податоците од март 1996 година, околу 70 % од фондовите во економијата се во сопственост на приватни лица. Притоа чешката приватизација се карактеризираше со цивилизациски начин на спроведување на реформите каде што не дојде до драматично нарушување на животниот стандарт на населението како во некои други посткомунистички земји. Успешната приватизација, чии творци беа тогашните политичари – премиерот Клаус и министерот Јежек, се состоеше од масовна приватизација и постепено приватизирање на големите, структурно определени државни фирми. Овие два елемента се извршуваа едновремено и се преплетуваа, а не се исклучуваа. Првиот бран на масовната приватизација заврши на 20 декември 1992 година при што сопственоста во висина од 299 милијарди круни од 1 491 државна фирма премина во сопственост на приватни лица и на фондови. Вториот бран на приватизацијата помина на сличен начин и заврши во февруари 1995 година. Би можеле да се наведат повеќе причини за успешната приватизација и трансформација на Чешката Република кон пазарна економија – мирниот и професионален начин на приватизирање на државните фирми, учеството на целата нација во приватизацијата преку системот на масовна приватизација, стабилноста на државните институции и на политичкиот систем за време на трансформацијата, почитување на правниот поредок, високо ниво на едуцираност и култура на чешката популација, општествената и социјалната одговорност на политичарите, како и значајната историска традиција на Чешката Република.

Вие ја игравте и улогата на своевиден дипломатски претставник во Чешка во периодот пред и за време на нејзиното признавање на независноста на Република Македонија. Како стигнавме до тоа признавање?

Б. Ночев: Во октомври 1993 година, за време на отворање на концертната сезона во Обецњи дум (Obecný dům) во Прага, неформално се запознав со тогашниот премиер на Чешка, со господинот Вацлав Клаус и со неговата сопруга Ливија при што оттогаш започна моето постепено лобирање кај чешките политичари. Наскоро потоа бев примен од директорот за Југоисточна Европа, господинот Јиржи Калашников во Черњински палац (Černinský palác) во Прага (Палатата Чернин е седиштето на Министерството за надворешни работи на Чешката Република), кој ми обезбеди прием кај првиот заменик-министер за надворешни работи, господинот Александар Вондра (кој има блиски релации со Трилатералната комисија на Дејвид Рокфелер) при што беа договорени консултации меѓу двете министерства за надворешни работи. На 21 декември 1993 година се одржаа првите политички консултации во историјата на двете држави во Прага. Нашата делегација ја сочинуваа Виктор Габер, потсекретар на МНР, Ѓорги Мисајловски, шеф на Одделот за Средна Европа, и јас, прв дипломатски претставник на Република Македонија во Чешката Република.
По успешно спроведените преговори и средби, на први февруари 1994 година бев повикан кај заменик-министерот за надворешни работи на ЧР, господинот Александар Вондра, кој ми соопшти дека Чешката Република на втори февруари 1994 година официјално ќе ја признае нашата држава и дека помошник-министерот на чешкото МНР, господинот Бушњак, ќе ја предаде нотата за признавање и за воспоставување дипломатски односи меѓу двете држави, која беше потпишана од страна на претседателот на Чешката Република, господинот Вацлав Хавел. Во Скопје господинот Бушњак го предаде оригиналот на нотата на претседателот на РМ, господинот Киро Глигоров, а копијата на нотата беше предадена на тогашниот министер за надворешни работи, господинот Стево Црвенковски. На 10 март со Нота број 1104-1479/1 бев поставен за прв официјален дипломатски претставник на Република Македонија во Република Чешка што ја извршував про боно до именувањето на господинот Огнен Малевски за амбасадор на РМ во Австрија (кој имаше статус и на нерезидентен амбасадор на РМ во ЧР) во 1998 година. Би сакал да го истакнам и големиот придонес на господинот Јиржи Диенстбиер сениор (Jiří Dienstbier st.), потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на ЧСФР во периодот од 1990 до 1992 година во однос на признавањето на независноста на Република Македонија од страна на Чешката Република, како и за поддршката на организацијата на посетата на првиот претседател на РМ, господинот Киро Глигоров кај чешкиот претседател, господинот Вацлав Клаус, во 2006 година. Инаку интересен факт е што господинот Јиржи Диенстбиер сениор е внук на Владислав Рибникар кој бил основач на најпознатиот весник на поранешните југословенски простори (српскиот весник Политика) и подоцнежен министер за информации на Југославија. Исто така Владислав Рибникар бил првиот Југословен одликуван со највисокото признание на Франција – Легија на честа.

Неодамнешните земјотреси во Скопје повторно го иницираа стравот кај граѓаните. Во далечната 1979 година Вие бевте ангажиран за проценка на штетите од силниот земјотрес во Црна Гора. Што покажаа сознанијата од таа проценка, што биле главните причини за штетите? Која е Вашата стручна оценка, дали тие причини се отстранети кај поновите градби во Скопје?

Б. Ночев: Во далечната 1979 година се случи силен земјотрес во Црна Гора при што веднаш по земјотресот од сите републики на поранешна Југославија беа испратени екипи на експерти за процена на штетите. Јас ја предводев екипата на експерти од Македонија и веќе вториот ден по земјотресот бевме во Подгорица каде што Главниот штаб ни даде задача да одиме во Цетиње за проценка на штетите од земјотресот. Доделената работа ја завршивме најбрзо од сите екипи и како награда ни беше дадена дополнителна задача – да ја процениме состојбата на значајните архитектонско-културни споменици на Цетиње (Билјардата, Кралскиот дворец, Његошевиот мавзолеј на Ловќен, Митрополијата, Англиската и Руската амбасада и други споменици во Цетиње). По завршување на активностите за проценка на штетите беше одржан состанок на Главниот штаб со експертот на Обединети нации инж. Циборовски (неговите услуги беа користени и по земјотресот во Скопје) и беше констатиран сличен степен на оштетувања како и по скопскиот земјотрес во 1963 година. Неговата стручна препорака беше да се реконструира инфраструктурата и паралелно на тоа да се направи реконструкција на станбените објекти при што тоа треба да се прави врз база на донесен закон за сеизмичка градба на објектите. Кај нас постојат солидни законски прописи за сеизмичка изградба при што најновите закони за неопходна ревизија на проектите од страна на ИЗИС придонесуваат за безбедна изградба. Најважното останува како и секогаш исто – почитување и спроведување на дело на сите овие закони и прописи од надлежните институции.

Благодарам за интервјуто.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top