Убава Македонија
ДРЕНОВСКА КЛИСУРА, ФАРИШ И НОЖОТ

Александар Матески

Иако често асоцира на проблематичен дел од патот Градско – Прилеп, сепак Дреновската Клисура е многу повеќе од тоа. Значењето на оваа клисура како главна врска меѓу Пелагонија и Повардарието е откриено уште пред милениуми. Оние кои сакаат да видат нешто повеќе од само обично поминување низ оваа артерија што ја поврзува источна со западна Македонија доволно е да направат само една пауза од околу 45 минути и да се искачат на јужната страна на клисурата. А горе, на стотина метри над паркингот каде што можете да го оставите возилото, се крие местото познато како Град Девол. На самиот рид, на површина од речиси дваесетина хектари, се претпоставува дека се наоѓал пајонскиот град Аударист. Повеќе информации за самото место можете да најдете во делото на Иван Микулчиќ „Средновековни градови и тврдини во Македонија“ во делот „Укрепените места од средниот век во Република Македонија“. Имајте ја предвид и мапата од книгата и потрудете се да ги лоцирате прикажаните ѕидини и објекти.
Од горе погледот е навистина интересен и само од таму можете да ја видите вистинската стратешка улога на ова место и на стариот град. Теснецот низ кој денес врви регионалниот пат перфектно се набљудувал и чувал од горе. Во близина се наоѓаат и пештерите Галабарникот и Лилјарникот. И двете се хоризонтални пештери. Првата, според кажувањата на прилепските спелеолози, е долга триесетина метри со сала висока преку 25 метри. Сепак пред нивната посета најдобро е да ги исконтактирате спелеолошките друштва за подетални инструкции или за евентуална придружба.


А долу во клисурата, покрај чешмата со вода, ќе ја сретнете спомен-плочата на која е напишано името на Пере Тошев. Во Дреновската Клисура Пере Тошев бил убиен во заседа на 21 април 1912 година. Подоцна великанот бил погребан во Фариш за од пред неколку години неговите останки да бидат преместени во црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп, во неговиот роден град каде што извесен период и учителствувал. Жалот за големата загуба, но и големата љубов на македонскиот народ кон Пере Тошев на најдобар можен начин се опеани во песната посветена за него.
Неколку километри од Дреновската Клисура кон запад, односно во правец кон Прилеп се наоѓа и ридот Стража. Ќе го препознаете по големата антена поставена на врвот, а најдобрата пристапна страна е од кај селото Фариш. И горе се наоѓаат наоди од античко утврдување. Тој е уште едно стратешко место кое го контролира патниот правец од големо значење. Во подножјето се забележуваат Фаришка Река и Раец. Од спротива се два многу мали, но ретко симпатични тунели низ кои врвела железницата за потребите на фронтот од Првата светска војна. Тие се издлабени во карпи и се неми сведоци на огромниот човечки ангажман за воените потреби десетици километри јужно. Трасата на пругата е сѐ уште видлива. Во близина веќе на големо се спроведуваат активностите за изградбата на експресниот пат кој треба значително да ја подобри безбедноста во сообраќајот кој, за жал, во тој дел одзеде голем број човечки животи. Со изградбата ќе биде неповратно уништен дел од трасата на старата пруга.
А од Стража, кон запад, се гледа голиот рид со врвот Ножот. Токму горе на самиот врв Ножот загинале дури 45 борци. Тоа била и најкрвавата борба водена во постилинденскиот период. Дури и денес во Костурско кај постарите жители сѐ уште живеат сеќавањата за херојството на нивните предци. Денес на местото е подигнат споменик кој заедно со фотографијата од италијанскиот капетан Џузепе Луци се единствените сеќавања за оваа голема саможртва на 14 јули 1907 година. Секоја година се одбележува годишнината од овај крвав настан во нашата историја и тоа е најдобриот начин да биде посетен локалитетот.
Сѐ е тивко на Ножот е најчесто користената изрека која ја опишува големата трагедија, но и храброста и пожртвуваноста на борците.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top