Интервјуа
СЛЕДНАТА ДЕЦЕНИЈА Е ЗЛАТНОТО ДОБА НА МОБИЛНАТА ТЕЛЕФОНИЈА

Томи Ахонен
Глобален консултант за мобилна телефонија

Форбс го смета Томи Ахонен за еден од водечките експерти за мобилна телефонија во светот. Своевремено во Нокиа го основал и раководел со Одделот на Нокиа за глобален 3Г бизнис консалтинг. Консултант на бројни Форчн 500 технолошки компании, како што се Гугл, ИБМ, Интел, Хјулит Пакард, Водафон, БТ, Оринџ, итн. Консултант на земји како Сингапур, Финска, Малезија, дел од дигиталната трансформација на Јужна Кореја. Автор на 6 бестселери. Со него разговаравме за тоа како мобилната телефонија ќе ја обликува иднината на бизнисот

 

Мобилната телефонија на прво место е израз што многу често го користите во Вашите говори. Изгледа како тоа да е најдоброто резиме на сето она што Вие го зборувате. Се согласувате ли?

Т. Ахонен: Да. Јас имам тенденција да пишувам и да зборувам за тоа што значи Мобилната телефонија на прво место и да ги илустрирам разликите меѓу мобилните и другите дигитални платформи или други постари медиуми и технологии како што се платежните методи. Меѓутоа, Мобилната телефонија на прво место е донекаде израз што може да збунува бидејќи во бројни случаи мобилниот е технологија „што дава поддршка“ на друг медиум или метод за комуникација. Земете го, на пример, киното. Да, можеме да гледаме филм на нашите телефони, но филмската индустрија ќе живее уште долго време продавајќи влезници за тукушто излезени филмови. Она што исто така сакам да го истакнам е дека дури и тоа искуство, каде што примарната цел (Киното на прво место за Џемс Бонд, на пример) е да ѝ се служи на публиката на подруг начин, ние сѐ уште можеме да гo вклучиме така што преку мобилните ќе побараме инстант анкета од публиката во киното преку пораки на мобилен кога ќе заврши филмот. Би било погрешно да се сугерира Џемс Бонд да оди со Мобилната телефонија на прво место, но во тој контекст наместо тоа треба да оди со Не ги заборавајте мобилните.

Нашата планета поминува низ дигитални усовршувања што се незапаметени во историјата. Како се одразува тоа на потрошувачот? Колку има потрошувачи на електронски производи и на мобилни телефони?

Т. Ахонен: Во октомври само што ја поминавме точката кај која половина од сите мобилни телефони што се во употреба во светот сега се смартфони. Така, грубо гледано, има три третини. Една третина од планетава има смартфон во својот џеб. Една третина има обичен, „глупав телефон“. И една третина се најчесто деца и некои многу сиромашни луѓе во рурални подрачја кои сѐ уште немаат телефони. Тие во најголем дел се жени и често неписмени лица.
Во поглед на апаратите, при крајот на годинава има само нешто помалку од 3 милијарди смартфони во употреба, сѐ уште околу 3 милијарди „глупави телефони“, и сето тоа за популација од 7,4 милијарди луѓе. Доколку споредиме со персоналните компјутери, има само околу 1,8 милијарди персонални компјутери во светот од кои околу 600 милиони се таблети и мнозинството од другите се лаптопи, не десктоп компјутери.

Има ли начин да се објасни ваквиот пораст во употребата на мобилните телефони? Дали се тие своевидното најевтино решение за разновидните предизвици со кои се соочуваат граѓаните во земјите во развој и во помалку развиените земји?

Т. Ахонен: Првата причина е потребата да се комуницира. Ние сме човечки суштества и имаме потреба да комуницираме. Кога стана можно да телефонираме од џебот таа можност стана супериорна во споредба со која било друга технологија, без оглед дали е тоа со цел да се информираме (радио, весници), да се забавуваме (телевизија, кино), да извршиме плаќање (кредитни картички, банкарски сметки) или за да бидеме креативни (машини за чукање, камери). Кога мобилниот телефон стана „попаметен“ и се придвижи во насока на модерните смартфони, на него го додадовме и интернетот и тогаш цената и практичноста го направија јасен победник во однос на кој било друг достапен апарат што овозможува пристап до интернет (персонален компјутер). Со оглед на тоа што мобилниот телефон секогаш можеме да го носиме со себе (го собира во нашиот џеб), тој исто така е „победник“ и во однос на таблетот кој за некои работи е сепак малку преголем.

МОБИЛНАТА ТЕЛЕФОНИЈА Е СЕГА ЕДНА ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ИНДУСТРИИ НА ПЛАНЕТАВА, НО СÈ УШТЕ НЕ ТОЛКУ ГОЛЕМА КАКО ПРЕХРАНБЕНАТА ИНДУСТРИЈА, ИНДУСТРИЈАТА ЗА ДОМУВАЊЕ ИЛИ ФАРМЕРСТВОТО. МОБИЛНАТА ТЕЛЕФОНИЈА Е ДАЛЕКУ НАЈГОЛЕМАТА ТЕХНОЛОШКА ИНДУСТРИЈА, МНОГУ ПОГОЛЕМА ОД АВТОМОБИЛСКАТА ИНДУСТРИЈА, АВИОИНДУСТРИЈАТА, КОМПЈУТЕРСКАТА ИНДУСТРИЈА ИТН

Не е работата само во бројот на корисници на мобилни телефони, туку исто така и во обемот на нивното користење. Постои податок што покажува колку пати во текот на денот корисникот погледнува во својот смартфон. И, кој е тој број?

Т. Ахонен: Последните податоци што ги имаме се од студија направена во Обединетото Кралство од страна на Текмарк во 2014 година. Според нив, просечен корисник на смартфон погледнува во својот телефон 221 во текот на еден ден. Оваа бројка има и своја „последица“. Летово Епл посочи дека просечен корисник на ајфон го отклучува својот телефон 80 пати дневно. Тоа е конзистентно со бројката од 221 погледнување во телефонот дневно бидејќи некои работи можете да ги направите и без да го отклучите телефонот (да видите колку е часот, да видите кој ве бара, да го наполните телефонот). Често некои активности бараат од нас да го отклучиме и да го заклучиме смартфонот во одделни моменти и можеме да направиме неколку работи во една сесија, на пример гледаме во нашиот телефонски адресар за да започнеме телефонски повик. Потоа разговараме. Потоа, за да го завршиме разговорот, повторно погледнуваме во телефонот за да го притиснеме црвеното копче за завршување на повикот. Обично еден телефонски повик бара двапати да погледнеме во телефонот.


Понатаму, Статкаунтер (StatCounter) објави запрепастувачки податок во октомври 2016 година дека за првпат во историјата на човештвото повеќе корисници во светот (51,3 %) му пристапуваат на интернетот преку мобилни апарати (мобилни телефони и таблети) одошто преку десктоп компјутери. Мислам дека овој тренд веќе не може да се пренасочи. Што мислите Вие?

Т. Ахонен: Тоа беше добредојден податок. Има три различни моменти во преминот од интернет базиран на персонални компјутери на интернет базиран на мобилни телефони. Првото поместување беше кога се поместија апаратите (светот има повеќе мобилни телефони поврзани со интернет од персонални компјутери веќе седум години). Но, многумина од нас ги имаат двата начина за да се поврзат и оние кои го прават тоа имаат тенденција својот „густ интернет сообраќај“, како на пример гледање видеа на Јутјуб, да го стават на персонален компјутер одошто на мобилен телефон. Исто така често имаме лимити на нашиот пакет за мобилен, што условува да правиме помалку работи на мобилниот телефон одошто на интернетот што го имаме дома или во канцеларија итн.
Значи, прво има поместување кај корисниците, а потоа доаѓа сообраќајот. Но, тогаш, затоа што мобилните се технологија што е многу полукративна во однос на нејзината монетизација, второто поместување се случи кога мобилниот интернет заработи повеќе пари одошто интернетот преку персонален компјутер. Ова се случи меѓу 2012 и 2013 година. И, сега го имаме последното придвижување кај користењето на интернетот, тој сега се користи повеќе на мобилен одошто на персонален компјутер. Значи, прво дојдоа корисниците, потоа дојдоа парите и на крај даунлодираните податоци.

Да се свртиме кон бизнис-страната на оваа тема. Која е пазарната вредност на индустријата на мобилната телефонија?

Т. Ахонен: Мобилната телефонија како индустрија помина низ блага рецесија во 2016 година така што очекуваме годинава да нема пораст и да има вкупни приходи од околу 1,7 трилиони американски долари (1 700 милијарди долари). Тоа е околу 3 пати повеќе од глобалната ТВ-индустрија, околу 5 пати повеќе од вкупната интернет-индустрија или околу 3 пати повеќе од вкупната глобална индустрија за рекламирање. Мобилната телефонија е сега една од најголемите индустрии на планетава, но сѐ уште не толку голема како прехранбената индустрија, индустријата за домување или фармерството. Мобилната телефонија е далеку најголемата технолошка индустрија, многу поголема од автомобилската индустрија, авиоиндустријата, компјутерската индустрија итн.

Какви се предвидувањата за употребата на мобилните и пазарот на мобилни телефони во иднина?

Т. Ахонен: Возбудливиот момент што доаѓа при крајот на оваа деценија е оној кога на планетава ќе настапи крајот на „глупавите телефони“. Во 2016 година околу 80 % од новите телефони се смартфони (20 % се сѐ уште „глупави телефони“). Тоа ќе значи дека секој нов продаден телефон, на пример во 2021 година, ќе има основен екран на допир, едноставна камера, интернет, 3Г конекција и WiFi. Тоа е навистина сѐ што е потребно за еден „дигитален граѓанин“. Можностите што овие едноставни смартфони ќе ги дадат секому, од студент преку фармер до таксист во пренаселен град, се огромни.

ГЛАВНИТЕ ОБЛАСТИ ВО КОИ ОЧЕКУВАМЕ 5Г ДА БИДЕ НАЈПРВИН КОРИСТЕН Е ВИДЕОТО ВО ХД, „ЗГОЛЕМЕНАТА РЕАЛНОСТ“ (AUGMENTED REALITY) И ВИРТУЕЛНАТА РЕАЛНОСТ. СИТЕ НИВ МОЖЕМЕ ДА ГИ ИМАМЕ И ДЕНЕС НА 4Г МРЕЖИТЕ, НО ТИЕ ЌЕ СТАНАТ МНОГУ ПОСИЛНИ ВО 5Г

Ова може да значи само едно нешто, дека овој невиден раст на индустријата на мобилна телефонија ќе влијае на секој вид бизнис. Како ќе изгледа бизнис-пејзажот по, како што Вие ја нарекувате, големата дигитална конвергенција? Врз кои индустрии влијанието ќе биде најголемо, а врз кои нешто помало? Јас сум сигурен дека во моментов некој го чита ова и размислува што ќе се случи со неговиот бизнис.

Т. Ахонен: Досега не сум нашол индустрија која би била имуна на мобилната телефонија. Можете да речете дека електричната енергија не му е важна на рибарот. Не морате да бидете поврзани со некој штекер за да одите на Вашиот брод и да одите на риболов. Но, апсолутно секоја индустрија што сум ја проучувал, од здравствената заштита до образованието, туризмот, малопродажбата, осигурувањето, фармерството, да, и риболовот, дури и управувањето со шумите или погребалните услуги, можат да користат мобилна телефонија. Мислев дека рударството е исклучок, но колеги кои работат во рударството ми рекоа дека не е така, тие користат мобилни телефони веднаш штом ќе се приближат до површината (радиосигналите не продираат длабоко под земја) така што тоа е важна комуникација и може да биде од витално значење во доставување ургентни вести до рударите. Исто е и со престојот во вселената, мислев дека вселената би била исклучок додека не забележав дека тие веќе користат смартфони како самостојни евтини компјутери за работењето на неколку сателити. Да, во вашиот џеб има доволно моќ за да се искористи во науката за ракетите!
Дозволете ми да ви дадам еден пример. Фризер. Бизнис што е од античко време и за кој не ви е потребна каква било дигитално поврзана технологија за да се занимавате со него. Но, доколку користите ваква технологија, вие всушност можете да испраќате потсетници до редовните муштерии за тоа кога е времето за потстрижување. Можете да имате едноставен систем што ги следи вашите редовни клиенти и регистрира каков е нивниот претпочитан циклус за доаѓање на фризер. И тогаш системот може да пресметува една недела пред нивното закажано време за доаѓање и да испраќа потсетување. Ако го поместите нормалниот 8-неделен циклус на доаѓање на вашите клиенти на 7 недели, вие го зголемувате вашиот бизнис и додавате приходи. Истиот муштерија доаѓа 12,5 % повеќе (и толку повеќе пари заработувате).
Сега и за убавината на мобилните – можете да ги придвижите вашите клиенти да доаѓаат во деновите кога имате помалку муштерии! Ако забележите дека луѓето се потстрижуваат за викенд, во четвртоци и петоци, а вторниците се денови со помалку муштерии, донесете ги тие муштерии во вторници. Сега не само што го зголемувате вашиот бизнис туку и го зголемувате вашиот профит со пополнување на празните термини. Сето ова може да се направи со систем за СМС-пораки за кој муштериите дале согласност да примаат пораки, а кој нема да му наштети ни на најмалиот фризер и не бара каква било нова технологија бидејќи тие СМС-пораки можете да ги испратите од вашиот смартфон до селектирани важни редовни муштерии. Ако се работи за синџир на фризерници, тогаш ова поставете го на персонален компјутер и ангажирајте еден вработен да праќа пораки на неделна основа преку едноставен пакет на персонален компјутер, како на пример „ставање“ на муштериите со нивните телфонски броеви во ексел-табела.

Оваа голема дигитална конверзија е во тек. Колку е останато за нејзино комплетирање? Доколку има уште доста останато, дали тоа би значело дека влегуваме во златната ера на индустријата на мобилна телефонија?

Т. Ахонен: Крајната вредност на целосно конвергираната индустрија на дигитална конвергенција ќе биде меѓу 5 и 10 трилиони американски долари, ниво што оваа индустрија ќе го достигне во наредните 20 до 25 години. Таа ќе биде најголемата индустрија на планетава. Досега сме поминале само околу една четвртина од таа патека така што ни претстојат три четвртини од тој пат. Последните години од тој процес ќе бидат години на силна консолидација во рамките на индустријата, ценовни војни и закани од понови технички индустрии, така што последната деценија нема да биде особено профитабилна. Но, следната деценија, таа е златното доба на мобилната телефонија. Сега, кога одиме од можеби 25 % на околу 60 или 70 % од нејзината вкупна вредност, е моментот кога ќе се прават најмногу пари и најголем број најбогати луѓе на планетава ќе дојдат од мобилната телефонија.

Ова мора да е препознаено од најголемите „играчи“ на планетава без оглед на тоа од која индустрија доаѓаат. Човек може да претпостави дека сите тие ќе сакаат да земат дел од колачот што расте и да „рипнат“ во бизнисот со мобилната телефонија.

Т. Ахонен: Да. Всушност, сите индустрии што се дигитално свесни се веќе таму, од Епл до Гугл, Водафон, Леново, Мајкрософт, Фејсбук, Би-би-си итн. Најскорешните „играчи“ што влегоа во овој бизнис се од индустрии што доцнат во примената на мобилната телефонија, на пример банкарството, малопродажбата, осигурувањето, образованието, здравствената заштита итн. Тие дури сега пристигнуваат кај мобилната технологија и се брзо обземени од нејзината моќ.

Со цел да се постигнат најдобри резултати, овој процес би требало на некој начин да биде координиран напор на образовниот систем, бизнис-секторот и владата. Кои се улогите на секој од овие актери? Вие сте биле консултант на земји како што се Сингапур, Финска, Малезија, запознаени сте со дигиталната трансформација на Јужна Кореја. Кои се клучните лекции, што треба да се направи, што може земја како Македонија да научи од овие земји?

Т. Ахонен: За ова треба да ги погледнеме неколкуте добри примери како што се Сингапур, Јужна Кореја, Финска и Шведска. Кога владата помага во тоа да се најдат на едно место индустријата, образованието и легислативата, тогаш ваквите можности можат да бидат искористени рапидно. На пример, на индустријата ѝ е потребна компетентна работна сила, студенти од универзитетите и стручни училишта што можат да ја искористат областа што таа индустрија сака да ја развие. Но, важни се и легислативата и владата, на пример, дали законите даваат поддршка на процесот, често во новопојавените области во технологијата, какви се импликациите врз патентите, авторските права, приватноста итн.
Следно прашање е ширењето на бизнисот. Владите обично имаат големи економски инвестиции во индустриите што се „наследство“, на пример во Финска имаме голема шумска индустрија, па има бројни студии финансирани од Владата и поддршка на извозот, како и специјализиран кадар кај бројни странски амбасади итн. поврзани со шумската индустрија. Овие видови компетенции се потоа потребни за новите дигитални индустрии и со фокус област кон која владата (и индустријата и образованието) ќе цели. Така на пример, во Обединетото Кралство има голема инвестиција во компетенцијата за игри, во ОАЕ во модерни системи за здравствена заштита, во Белгија за вештини за преведување, во Шведска во услуги што се поврзани со локација итн. За една земја е добро ако одбере област за специјализација и потоа да ги користи своите ресурси за да ја изгради.

ШТО И ДА САКАТЕ ДА НАПРАВИТЕ, СО ВКЛУЧУВАЊЕ НА МОБИЛНИТЕ ТЕЛЕФОНИ ВО ТАА РАБОТА, ТАА ЌЕ СТАНЕ ПОДОБРА

Летните олимписки игри во 2020 година ќе се одржат во Токио, Јапонија. Имате речено дека светот ќе види 5Г кај мобилните телефони и дека Јапонците се подготвени. Што значи тоа, што да очекуваме?

Т. Ахонен: Во најголем дел 5Г нема да донесе ништо спектакуларно „интересно“ за потрошувачите или како индустрија во смисла на „можности“ во нашите џебови. Тоа само ќе значи поголеми телекомуникациски брзини. Главните области во кои очекуваме 5Г да биде најпрвин користен е видеото во ХД, „зголемената реалност“ (Augmented Reality) и виртуелната реалност. Сите нив можеме да ги имаме и денес на 4Г мрежите, но тие ќе станат многу посилни во 5Г. Исто така нашите трошоците за комуникација ќе се намалат. Ќе ни требаат тие нови 5Г телефони, но таа транзиција секако ќе дојде „природно“ со циклусот за замена на старите телефони.

Верувам дека можеме да се согласиме дека мобилната индустрија победува и дека изразот Мобилната телефонија на прво место со кој започнавме навистина „држи“. Денес сѐ на овој свет станува поврзано на толку многу начини и тоа неизбежно влијае врз ткивото на општеството и на начинот на живот. Каде води ова? Како ќе биде „погодена“ човечката раса и како ќе се промени таа? Како гледате Вие на овие промени?

Т. Ахонен: Можноста да биде поврзан секој човек кој е доволно возрасен за да чита и да пишува, и да му се даде на секој човек можноста да се поврзе со интернет и до сите услуги што ги имаме, тоа е моќниот и „демократизирачки“ аспект на мобилната телефонија. Тоа сме го виделе во разновидни типови револуции (Арапската пролет), а исто така и кај владите што учат како да ја искористат моќта за да спречат револуција, како на пример обидот за државен удар во Турција што беше запрен така што Владата повика граѓаните да излезат на улиците.
На најбазично ниво, основниот тип на поврзување е неверојатно моќен и ќе го промени светот кон подобро, само погледнете ги разновидните начини на кои мобилните телефони се користени во Африка за плаќања, за медицински совет што спасува живот или за мониторинг на изборите. На „повисоко ниво“ мислам дека видовме со дебатата и со гласањето за Брегзит во Обединетото Кралство, а потоа и со изборот на Доналд Трамп во САД, дека постојните начини на консумирање на „вестите“ и на „информациите“ преку интернет се подложни на сериозни фалинки. Ниедна технологија не е совршена. Толку многу гласачи поверуваа на разни лаги што се раширија на интернет бидејќи тие гласачи го имаа нивото на доверба во поранешните медиуми кои држеа до своите високи стандарди на интегритет преку новинарската етика и притисокот од конкуренцијата. Мислам дека видовме распад на традиционалните медиуми во поглед на тоа да се одржи вистината, а интернетот го порази и слободниот печат. Ќе ни требаат нови начини за пристап до тоа што го викаме „вистина“ или можеби алтернатива е свет во кој оние на власт ќе живеат преку лаги и пропаганда. Можеме да кажеме дека некои влади веќе живеат така, еден вид „дигитална верзија“ на Северна Кореја каде што на граѓаните им се сервираат мошне систематизирани лаги со цел да бидат држени покорни на владетелот.
На персонално ниво сакаме нашите деца да учат, да бидат безбедни кога одат на училиште, сакаме нашата храна да биде безбедна, да знаеме дали има сообраќаен метеж на нашиот пат до работа итн. Сите овие базични човечки потреби денес се драстично изменети во однос на тоа што беа пред две децении, пред да има секој мобилен телефон. На тоа ниво, оваа технологија го промени човечкиот вид веројатно повеќе од што било друго од пронаоѓањето на тркалото.
Во големиот збир на нештата, сѐ што е позитивно има и нешто негативно. Можеме да имаме криминалци што ги следат нашите постови на Фејсбук, ќе видат дека сме на одмор на Ибица, и ќе дојдат и ќе ја ограбат нашата куќа. Убавината на споделувањето фотографии на Фејсбук, исто така, ни го даде и аспектот на кибернетско силеџиство. Онлајн видео игрите имаат јасни карактеристики на создавање зависност итн. Ниедна технологија сама по себе не е ниту добра ниту лоша и како и секоја технологија мобилната телефонија исто така има бројни штетни странични ефекти и нема да биде користена само за добро, туку и за лошо.
Но, за секој во Македонија кој размислува за 2017 година мобилната технологија мора да биде дел од тоа. За каков бизнис или активност да станува збор, се потсетувам на зборовите на Хауард Рајнголд, автор за технологија, за мобилната телефонија, искажани пред речиси две децении. Тој рече дека мобилните телефони ги зголемуваат можностите на луѓето за меѓусебна соработка. Каде и да има две или повеќе човечки суштества кои сакаат нешто да направат, што и да е тоа, да започнат бизнис во дигитално рекламирање или одење да се гледа фудбалски натпревар во сабота, кога ќе го додадете мобилниот телефон на таа активност таа ќе стане подобра. Што и да сакате да направите, со вклучување на мобилните телефони во таа работа, таа ќе стане подобра.

Ви благодарам за интервјуто.


Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top