Интервјуа
СОЦИЈАЛНИОТ ДИЈАЛОГ Е НАЈДОБАР НАЧИН ЗА РЕШАВАЊЕ НА ЕКОНОМСКО-СОЦИЈАЛНИ ПРОБЛЕМИ

Ангел Димитров
Претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија

Повремено во јавноста слушаме за Економско-социјалниот Совет и за социјалниот дијалог помеѓу претставници на работничките синдикати, Владата и работодавачите. Тие се и потписници на општиот Колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Дали знаете кој ги застапува работодавачите во преговорите? Организацијата на работодавачи на Македонија. Ова е интервју со Ангел Димитров, претседател на оваа Организација.

 

Господине Димитров, вие сте на чело на Организацијата на работодавачи на Македонија. За почеток кажете ни некои основни податоци за оваа организација, кога е формирана, колкав опфат има итн.

А. Димитров: Организацијата на работодавачи на Македонија е основана во 2004 година. Tогаш, по препорака на Меѓународната организација на трудот, Одборот на работодавачи кој постоеше при Стопанската комора на Македонија се трансформира во самостојно и во независно здружение на работодавачите на Македонија. Во моментов, во организацијата членуваат околу 1 000 компании, кои вработуваат 20 % од вработените во приватниот сектор од областа на стопанството во Македонија. Членките се организирани во 17 грански здруженија, по сектори, во согласност со националната класификација на дејности. Во ОРМ членуваат поголемите компании со домашен и со странски капитал. За жал, помалите компании сѐ уште не ја почувствувале потребата од здружување и од социјален дијалог со синдикатите и со Владата.

Организацијата на работодавачи на Македонија е единствената репрезентативна организација на работодавачите на нашава земја. Од каде се црпи и како се докажува оваа репрезентативност?

А. Димитров: Законот за работните односи покрај тоа што го уредува колективното договарање, здруженијата на работниците и работодавачите, работењето на Економско-социјалниот совет, исто така ги пропишува и начинот и критериумите за утврдување на репрезентативноста на синдикатите и на работодавачите. Репрезентативноста се докажува со исполнување на неколку критериуми како што се: бројот на членовите или бројот на вработените кај тие компании, гранската распространетост, регионалната распространетост и способноста за социјален дијалог, што се докажува со потпишување на најмалку три колективни договори на ниво на гранка, односно оддел. ОРМ во изминатиов период беше единственото здружение на работодавачите во Македонија кое ги исполнуваше овие критериуми и затоа единствено ОРМ е членка и учествува во работењето на Економско-социјалниот совет и е потписник на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.

Организацијата е членка на Економско-социјалниот совет. Какви активности има организацијата во врска со ова членство?

А. Димитров: Економско-социјалниот совет (ЕСС) е институција каде што се „судираат“ интересите на работниците, претставувани преку двата репрезентативни синдикати, Владата, претставена преку четири министерства, и работодавачите. Неговата улога, и покрај тоа што е советодавна, е од огромно значење за економската и за социјалната стабилност на секоја земја. Не случајно првите економско-социјални совети во развиените западноевропски држави се основани пред повеќе од сто години. Не постои подобар начин за изнаоѓање на решение на некој економско-социјален проблем или начин за спречување на идни конфликти од оваа област од социјалниот дијалог меѓу заинтересираните страни. Во изминатиов период сите сме сведоци дека дијалогот и компромисот се неопходни и за разрешување на политичките кризи. ЕСС во изминатиов период работи со променлив успех. Работењето е отежнато во услови на овој политички хаос кој постои во земјава, но на неколку наврати, кога имавме доволно време за консултации и за дијалог, резултатите беа добри. И меѓународните конвенции многу често упатуваат на тоа дека тие прашања се разрешуваат со задолжителна консултација со претставниците на работниците и на работодавачите. Таков позитивен пример беше донесувањето на Законот за минимална плата кој беше подготвен по обемните консултации со ОРМ и со ССМ, и како резултат на тоа успешно се имплементираше и не предизвика негативни реперкусии во стопанството. Оваа година направивме и електронска база на донесени заклучоци и препораки кои се усвоени од ЕСС и чија имплементација ќе ја следиме сѐ до нивното усвојување во Собранието на РМ. Само така ќе можеме да ја мериме нашата успешност.

МОРАМЕ ДА ПОНУДИМЕ РЕШЕНИЈА СО КОИ БЕЗБЕДНОСТА И ЗДРАВЈЕТО НА РАБОТНИЦИТЕ ЌЕ СЕ „СИМНЕ“ ОД КАНЦЕЛАРИИТЕ ДО ФАБРИЧКИТЕ ХАЛИ И ДО РАБОТНИТЕ МЕСТА

Организацијата ги застапува работодавачите и во процесот на социјалното договорање во кое учествуваат и економските министерства од Владата и синдикатите. Какви се искуствата од досегашните преговарања?

А. Димитров: Спомнав дека социјалниот дијалог што се води при ЕСС е од трипартитен карактер и во него учествуваат работодавачите, синдикатот и претставниците на Владата. Со Спогодбата за основање на ЕСС се обврзавме дека задолжително ќе ги разгледуваме измените на законите од областа на работните односи, пензиското и здравствено осигурување, вработувањето и безбедноста и здравјето при работа. Се разбира дека можеме да расправаме за сите закони од економско-социјалната сфера. Во дискусијата за последниот план за работа на ЕСС инсистиравме да расправаме и за Буџетот на РМ бидејќи сметаме дека е од огромна важност за целокупната економско-социјална состојба во земјава. Најголема пречка во досегашното работење е донесувањето на законите по скратена постапка. Многу често министерот за труд и социјална политика ни се извинува што имаме многу краток период за расправа и за консултации со нашите членки, но Владата инсистирала законот да се донесе што побргу. Неодамна, како резултат на обемни преговори и консултации, Владата се откажа од намерата да донесе нов закон за вработување на лица со инвалидност во кој се предлагаше оние компании кои не вработиле инвалидни лица да уплаќаат надоместок во висина од 70 % од минималната плата за едно невработено инвалидно лице. Слична беше ситуацијата и со предлогот на Фондот за здравствено осигурување работодавачите да го исплаќаат надоместокот за породилно отсуство, а потоа Фондот да им ги враќа исплатените средства. Организацијата на работодавачи и во двата случаја, со аргументи, ги убеди предлагачите дека ваквите законски решенија ќе предизвикаат големи финансиски потешкотии за компаниите. Но, покрај овој дијалог, ние учествуваме и во бипартитниот дијалог со нашите социјални партнери. Преку овој дијалог ги усогласуваме одредбите на општиот и на гранските колективни договори кои, исто така, се многу важни за постоење на една добра социоекономска клима за успешно работење на компаниите и за остварување на работничките права.

Имате добра соработка и со Меѓународната организација на трудот. Кон што е фокусирана оваа соработка?

А. Димитров: Соработката со МОТ е присутна од основањето на ОРМ до ден-денес. Освен договарањето за ратификување на конвенциите на МОТ, кои се вистински меѓународни стандарди на трудот и кои се дел од внатрешниот правен поредок во земјава, МОТ многу ни помогна за зголемување на нашите капацитети и ја подигна нашата преговарачка способност. Во тек е проектот кој го финансира Европската Унија, а го имплементира МОТ за унапредување на социјалниот дијалог во Македонија преку кој ја зголемуваме и нашата видливост во јавноста и запознавање на сите работодавачи во Македонија со потребата од здружување и од неопходноста од социјален дијалог. Пред еден месец го издадовме и првиот Водич за работодавачите за поуспешно колективно преговарање.

Од пред неколку месеци Вашата организација започна нов проект наречен „Деловен појадок“. За каков формат на проект станува збор?

А. Димитров: Преку ваквата форма на средби со нашите постоечки и потенцијални членки сакаме во една поопуштена атмосфера да поразговараме за бизнис климата во земјава и да ги утврдиме проблемите кои се јавуваат кај работодавачите во тековното работење. Од досегашното искуство заклучивме дека предлозите кои ги доставуваме до Владата, преку ЕСС или директно, мора прво да бидат плод на една добра и сеопфатна расправа меѓу нас работодавачите, да ги видиме туѓите искуства и на крајот да побараме поддршка од нашите социјални партнери. Само на тој начин Владата ќе обрне доволно внимание на нашите предлози.

На првиот ваков состанок во Прилеп дискутиравте за можни решенија во врска со статусот на сезонските работници. Зошто токму оваа тема и какви предлози формулиравте?

А. Димитров: Работодавачите од земјоделието, од угостителството, па и од градежништвото веќе подолго време се жалат на проблемите со сезонските работници. Постоечкиот Закон за работни односи (ЗРО) речиси во сѐ ги изедначува овие работници со останатите вработени. Решението од ЗРО дека сезонскиот работник мора да биде пријавен во системот на задолжително социјално осигурување најмалку еден ден пред да стапи на работа е голема пречка за работодавачите. Најчесто тие не знаат колку работници и кои работници ќе ги ангажираат за тој ден. Во Хрватска веќе успешно функционира системот на дневни ваучери, т. е. купони за плаќање на придонесите од плата. Работодавачот ваучерите ги купува однапред од овластена финансиска институција и ги лепи на дневните договори за работа. На тој начин тој ги платил придонесите и се заштитил од евентуални контроли и плаќање високи глоби.

Дали можете да ни ги наговестите останатите теми кои ќе бидат во фокусот на следните состаноци во рамките на проектот „Деловен појадок“? Какви се Вашите очекувања за крајниот резултат од овие дискусии?

А. Димитров: Веќе утврдивме уште две теми. Едната е проблемите во функционирањето на Законот за безбедност и здравје при работа, кој и покрај тоа што формално функционира и предизвика поголеми финансиски реперкусии кај работодавачите, факт е дека не ги даде очекуваните резултати. Мораме да понудиме решенија со кои безбедноста и здравјето на работниците ќе се „симне“ од канцелариите до фабричките хали и до работните места. Втората тема е Законот за трговските друштва кој со сите досегашни измени се настојуваше да ги заштити ситните или малцинските акционери. Од друга страна, ако некој од доминантните акционери сака да вложи дополнителен капитал заради развој на компанијата, тој мора да добие согласност од најмалку 2/3 од акционерите. На ваков начин се ограничува правото на доминантниот акционер да вложи дополнителни средства и да ја развива компанијата. На следните деловни појадоци ќе ги разработиме овие прашања и ќе излеземе со готови предлози за измена на законите. Јас се надевам дека сите три предлога ќе добијат зелено светло и ќе влезат во процедура за измена на законите.

ЗА МЕНЕ НАЈГОЛЕМИОТ ЕКОНОМСКИ ПРОБЛЕМ ВО ДРЖАВАВА ВО ОВОЈ МОМЕНТ, А КОЕ ЌЕ НЀ ОПТОВАРУВА И ВО ИДНИНА, Е ЛОШАТА ОБРАЗОВНА ПОЛИТИКА КОЈА МНОГУ НЕГАТИВНО СЕ ОДРАЗУВА НА РАЗВОЈОТ НА ЕКОНОМИЈАТА. ВО ИЗМИНАТИОВ ПЕРИОД ГРАДЕВМЕ ФАКУЛТЕТИ НА СЕКОЈ АГОЛ И СМЕТАВМЕ ДЕКА АКО СИТЕ ЗАВРШАТ НЕКОЈ ВИД ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ ПОЛЕСНО ЌЕ СЕ ВРАБОТАТ И ЌЕ СЕ РАЗВИВА ЕКОНОМИЈАТА. НО, ДОБИВМЕ НЕВРАБОТЕНИ ЛИЦА СО ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ, КОЕ НИТУ ПО ВИДОТ НИТУ ПО НИВОТО НА ЗНАЕЊЕ МУ СЕ ПОТРЕБНИ НА СТОПАНСТВОТО

Вие сте и претседател на Одборот на директори на текстилната фабрика „Мода“ од Свети Николе. Ги имате информациите од прва рака. Каква е Вашата оценка за социоекономската состојба во Македонија?

А. Димитров: Па, со самата политичка криза социоекономската состојба во Македонија дополнително се искомплицира. За жал, влезот на странските инвеститори во слободните економски зони не ја промени структурата на стопанството, па според тоа и не успеа многу да го подигне просекот на платите во Македонија. Со ретки исклучоци, најголемиот дел од тие фабрики користат евтина и недоволно едуцирана работна сила, а процесите се сведуваат на некаква доработка на влезни суровини од странство. На овој начин не само што не донесоа нова современа технологија, туку поради големите финансиски олеснувања што ги добиваат претставуваат нелојална конкуренција на домашните компании. Не смее да се дозволи обучен работник од нашите конфекции да може да замине во фабрика од ТИРЗ каде што компанијата е ослободена од плаќање даноци и придонеси од плата. На овој начин не само што се прави штета на домашната компанија, туку се прави штета и на фондовите за здравствено и пензиско и инвалидско осигурување. Дотациите или субвенциите што ги добиваат тие компании од државата треба да ги искористат за доквалификација и за преквалификација на невработените лица од Агенцијата за вработување, а не за вработување на обучени работници. Без влезот на компании кои ќе користат технологии со повисока додатна вредност нема да можеме да ги зголемиме платите на вработените, а со тоа и стандардот на граѓаните на Македонија.

Кое, според Вас, економско прашање е со најголем негативен потенцијал и за кое мораме да најдеме решение што побргу?

А. Димитров: За мене најголемиот економски проблем во државава во овој момент, а кое ќе нѐ оптоварува и во иднина, е лошата образовна политика која многу негативно се одразува на развојот на економијата. Во изминатиов период градевме факултети на секој агол и сметавме дека ако сите завршат некој вид високо образование полесно ќе се вработат и ќе се развива економијата. Но, добивме невработени лица со високо образование, кое ниту по видот ниту по нивото на знаење му се потребни на стопанството. Ниту домашните ниту, пак, странските инвеститори ќе се одлучат за изградба на фабрики со висока технологија ако проценат дека немаме доволно квалификуван кадар кој ќе има доволно знаење и вештини. Од друга страна, на домашните компании им недостига квалификуван кадар, па макар и со средно стручно образование. Сега голем број дипломирани студенти лесно се одлучуваат за заминување во некоја странска држава каде што најчесто се вработуваат на места кои немаат никаква врска со нивното образование, но се разбира ќе заработуваат многу повеќе отколку дома. Во иднина мора да работиме многу посериозно на овој расчекор ако сакаме да ја промениме структурата на стопанството и да го подигнеме стандардот на вработените и на целокупното население.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top