Интервјуа
ОНА ШТО ГО ПРАВИ ЛУКСУЗОТ Е НЕГОВАТА СОВРШЕНОСТ, НО И НЕГОВАТА РЕТКОСТ

Марк Хелмут
Главен дизајнер на „Унгаро“

Повеќе налик на пријателски разговор меѓу стари школски другари во некое пријатно париско бистро, отколку на интервју, искрено, без трикови, директно и отворено (како што самиот ми кажа), имам големо задоволство да го презентирам, воедно и да разменам некои размислувања за модата со мојот пријател и колега со импресивна кариера во секторот на луксузната мода, Марк Хелмут. Дизајнерите најчесто пред јавноста имаат тенденција да ги разубавуваат нештата, но тој ми дозволи да погледнам низ клучалката на неговото креативно студио можеби поради долгогодишното пријателство со разни преживеани авантури и забави, а можеби и едноставно поради тоа што големите луѓе немаат потреба од лажен гламур. Французин по потекло и едукација, моментално живее во Милано, своето знаење и искуство го стекнуваше кај најголемите имиња на покривот на модниот свет, работејќи вредно и со љубов, заслужено го зазема местото кое го има сега.

 

Кариерата ја започнавте веднаш по дипломирањето и директно во реномирана луксузна куќа. Од Вашите почетоци во раните деведесетти, па досега, модната индустрија многу се смени. Каков беше амбиентот во тој период?

Повеќе од една година работев со господинот Џанфранко Фере, па следуваа 6 години кај Тјери Муглер. Потоа во јануари 1999 година ме повикаа од „Ив Сен Лорен“ (YSL во текстот, таа скратеница често се користи во модниот жаргон во Франција) за да се придружам на екипата на господинот Албер Елбаз. Тој беше прв дизајнер кој го презеде раководството на линијата „Рив Гош“ (Rive Gauche) по господинот Ив Сен Лорен.
Кога ја започнав мојата кариера бев многу млад, многу несозреан и воопшто не бев наоружан за да се соочам со правилата на игра во модната средина. За среќа имав голема страст и љубов кон работата, како и жед да научам. Тоа ми помогна да ги надминам тешкотиите таму каде што другите не можеа да го издржат притисокот. Доста брзо ни беше дадено на знаење дека 50 луѓе чекаат на врата за да го земат нашето место доколку нашата работа повеќе не е задоволителна, така што многу рано се навикнав на концептот на нестабилност.

Моментално сте главен дизајнер кај „Унгаро“. Како изгледа однатре ова привилегирано искуство?

Мојата инволвираност во стилот на колекциите „Унгаро“ континуирано расте. Секогаш одново сум фасциниран од фактот што имам моќ да создадам една приказна. Слично како режисер, можам некој лик во одредена ситуација да го направам реален, да го материјализирам. Малку професии го овозможуваат ова. Притоа „Емануел Унгаро“ е една од последните француски модни куќи која не зависи од некоја од големите луксузни групации и сѐ уште е во можност да пренесува моќна имагинација и визуелен идентитет. Имам многу среќа.

Кои беа инспирациите за Вашата последна колекција? Која тема Ве преокупира во моментов, во кои амбиенти, материјали?

Инспирација за ревијата беше „Арт нуво“, период во кој сѐ се менува, од архитектура, преку декоративни уметности, па сѐ до модата. Интересно е што тој период е помалку познат од периодот што следува, односно „Арт деко“. Линиите стануваат нежни, закривени, жената станува „вегетална“ со доза на ориентализам. Развивме ексклузивни материјали, како на пример сечени металик конци со флорални мотиви или жакари инспирирани од делото на Густав Климт.

Работејќи во луксузни француски куќи, Вие наследивте драгоцено знаење, заедно со особена состојба на духот и вкус. Кое е Вашето мислење за модата денес?

Со текот на годините, имињата на луѓето со кои имав среќа да соработувам постојано се менуваа, па дури и името на нивната позиција се менуваше. Почнав со луѓе кои тогаш се нарекуваа кутуриери (овој термин е особено важен за модата, денес малку се користи, но во суштина тоа е реално апелацијата на тоа што сега се нарекува моден дизајнер кој работи уникатни колекции во некоја од модните куќи членки на Синдикатот за Висока Мода, како на пример во историјата би се нарекле Елза Скјапарели, Коко Шанел или Кристијан Диор. Се работи за термин изведен од категоријата висока мода, кој на Француски се пишува Haute Couture и е универзално прифатен термин на сите јазици – Англиски, Јапонски и тн.), тие потоа станаа креатори, па дизајнери и конечно креативни директори. Постепено занаетчиите беа заменети со креатори на слики. Самата природа на оваа професија многу се смени.

Повеќе од осум години живеете во Милано. Која е разликата меѓу француската и италијанската мода?

Во јули годинава ќе бидат 9 години од мојот престој во Италија, исполнет со неверојатни соработки – „Версаче“ и „Гучи“ во Рим, потоа „Армани“ и денес „Унгаро“ (кој исто така се произведува во Италија). Приемот беше фантастичен, успеав веднаш да се вклопам во средината на италијанската мода, без никакво посебно однесување и поради тоа сум им многу благодарен. Дури и ако често се смета дека со големо„ М“ модата се создава во Париз, бизнисот се прави во Милано. Таму научив да артикулирам комплетни колекции и да постигнувам рамнотежа меѓу модната порака без компромис и нејзината соодветна илустрација заедно со една широка гама на производи.

Што мислите за системот на модната машинерија денес? Во последно време имаше многу декларации и манифести кои укажуваат на недостатоците и фактот што модата се оддалечува од автентична креација (Ли Еделкорт, Раф Симонс...). Кои се Вашите предизвици?

Наместо за автентичната креација, повеќе би сакал да зборувам за големата конфузија која владее меѓу луксузните модни куќи и широкиот пазар. Во текот на 20-годишен период на политика на владеење на маркетингот, луксузните куќи започнаа да го преплавуваат пазарот со производи секогаш побројни, се појавија претколекциите кои почнаа да добиваат сѐ поголема важност, за денес да остваруваат 70% - 80% од бизнисот. На тој начин испадна дека ние комуницираме со ревии и со рекламни кампањи кои најмалку се продаваат... Тоа е апсурдно. Изјавите на Раф Симонс или фактот што Том Форд го смени својот календар за да ја прикаже женската ревија во моментот на претколекции, тоа се силни знаци дека е итно да се редефинира светот на луксузната индустрија затоа што она што го прави луксузот е неговата совршеност, но и неговата реткост.

Во што се состои позицијата на главен дизајнер кај „Унгаро“? Кои се Вашите обврски, Вашите соработки, дали сѐ уште цртате? Накусо, како се одвива кај Вас циклусот на една колекција?

Главниот дизајнер ја остварува врската меѓу креативниот директор и сите други учесници во стилот на една колекција. Пред сѐ, тој ми ги пренесува своите појдовни точки и работата започнува со истрага, заедно со креативната екипа. Оваа фаза служи за да се трансформира овој концепт во целосна приказна, богата и конзистентна. Тоа е многу важна етапа која ќе ја одреди насоката во која ќе се движиме за целата колекција. Благодарејќи на оваа истрага започнуваме да работиме со техничките соработници на колекцијата (тоа одзема најмногу време) – материите, конците за плетенините, отпечатоците, везовите и модните додатоци. Паралелно со ова, почнуваме да цртаме. Повеќе сакам да започнам со општи насоки за да одам кон посебното, односно да започнам со силуетите, а потоа преоѓам кон рафинирањето на деталите. Кога силуетите се дефинирани, организирам состанок со ателјеата или фабриката со цел да се пренесат првите цртежи, но особено е важно да им се пренесе целосната приказна на колекцијата за да го разберат духот, тоа е основно. Потоа преминуваме кон конкретната фаза на колекцијата – пробите. Првите модели се во пробно платно или приближни материјали. Паралелно пристигнуваат избраните материјали, пробите со плетенини, отпечатоците и везените мотиви. Потоа следува нивното распоредување, корекција на моделите и конечно доаѓа моментот на презентација – ревија доколку се однесува на колекција или сликање за каталог доколку се однесува на претколекција. Кастингот, фризурата, шминката, музиката или декорот произлегуваат директно и служат за да се потенцира приказната што сакаме да ја раскажеме. По презентацијата мојата работа не е завршена... моја е одговорноста да се пренесе истата приказна за колекцијата (навистина од голема важност) на екипите кои ќе ја продаваат колекцијата во шоурум. Сепак, ние не продаваме само облека како сите други, туку се работи токму за таа приказна која ќе ја даде душата, додадената вредност. Од голема важност е пораката да стигне до екипите за продажба кои потоа ќе ја пренесат на нашите клиенти. Кога ќе заврши оваа финална фаза... јас веќе доцнам за следната колекција... и сѐ започнува одново...
Реализирајќи го целиот овој циклус, гледам дека ја опишувам секоја етапа како последователна една по друга, но не се случува баш сосема така. Секоја фаза се преклопува со следната, истрагата не престанува никогаш, од една проба произлегува понатамошната истрага за материјали, од еден обид со отпечаток ни доаѓа идејата за везен мотив, од некој детаљ се раѓа моден додаток. На главниот дизајнер му припаѓа одговорноста во тој хаотичен ритам да го држи кормилото во добриот правец и да овозможи приказната да не се изгуби попат.

Претпоставувам дека Вашата соработка е претежно со европски производители на материјали и фабрики за конфекција.

Нашите провајдери се, пред сѐ, европски и најмногу италијански, како за изработка на облеката, така и за материјалите.


Интервјуто го подготви Лидија Георгиева

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top