Интервјуа
ЧОВЕЧКИОТ ФАКТОР ИМА НЕПРОЦЕНЛИВА ВРЕДНОСТ ЗА БИЗНИСОТ

Христина Лозаноска
Претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР)

Во октомври годинава во Скопје ќе се одржи регионален бизнис настан посветен на промовирање на добрите практики и модерни трендови во управувањето со човечките ресурси. Организатор на оваа конференција, на која ќе зборуваат познати меѓународни говорници од оваа област, е Македонската асоцијација за човечки ресурси. За конференцијата и за управувањето со човечките ресурси разговараме со Христина Лозаноска, претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси. 

 

Да го започнеме ова интервју со Вашето видување за професијата управување со човечки ресурси. Зошто оваа професијаa доби толку големо значење во современото водење на бизнисот?

Х. Лозаноска: Cовремените трендови во водењето на бизнисот генерално бараат и модерен пристап во управувањето со човечките ресурси.
Секој професионалец посветен на својата кариера очекува професионален однос и од својот работодавач преку интерен систем за управување со човечките ресурси кој ќе обезбеди стандардизиран и објективен пристап во развојот на неговата кариера, како и многу други аспекти од работниот однос.
Од друга страна, сопствениците на бизнисите или менаџерските структури сѐ повеќе стануваат свесни за непроценливата вредност на човечкиот фактор за бизнисот и за потребата од обезбедување соодветни вработени со специфични знаења, таленти и вештини, што е неопходно за развојот на иновативната дејност на компанијата која е сѐ повеќе потребна за да се опстои на пазарот на идеи и чести промени на пазарните услови.
Токму овие сознанија ја зголемуваат важноста на одделите за управување со човечките ресурси кои треба да го обезбедат тој професионален третман во менаџментот со човечките ресурси. Преку развојот на оваа професија се постигна да се мери продуктивноста на вработените, повратот на инвестицијата во обуки и во развој, софистицирани начини за регрутација и селекција на таленти, зголемување на степенот на задоволство и на ангажираноста на работното место и многу други аспекти значајни за креирање респектaбилна и продуктивна организациска култура.

МАКЕДОНСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА ЗА ЧОВЕЧКИ РЕСУРСИ ПОСТОИ ОД 2009 ГОДИНА КАКО НАЈГОЛЕМА И ЕДИНСТВЕНА ЗАЕДНИЦА НА ПРОФЕСИОНАЛЦИ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ЧОВЕЧКИТЕ РЕСУРСИ ВО НАШАВА ЗЕМЈА. ВО АКТИВНОТО ЧЛЕНСТВО НА МАЧР ГОДИШНО ИМА ПО НАД 100 ЧЛЕНОВИ, ПРИОРИТЕТНО КОЛЕГИ ОД ОДДЕЛИТЕ ЗА ЧОВЕЧКИ РЕСУРСИ ВО КОМПАНИИТЕ, СТУДЕНТИ, ОБУЧУВАЧИ, КОНСУЛТАНТИ И ОСТАНАТИ МЕНАЏЕРИ И ПРОФЕСИОНАЛЦИ КОИ ИМААТ ИНТЕРЕС ДА СЕ НАДОГРАДУВААТ ВО ОВАА ОБЛАСТ, НО И ДА ПОМОГНАТ ЛИЧНО ЗА НЕЈЗИНИОТ НАПРЕДОК

Вие сте претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР). Кажете ни повеќе за историјатот на МАЧР, бројот на членови, досегашните активности...

Х. Лозаноска: Македонската асоцијација за човечки ресурси постои од 2009 година како најголема и единствена заедница на професионалци за управување со човечките ресурси во нашава земја. Нашата заедничка и примарна цел е промовирање и развој на професијата и унапредување на состојбите во земјава преку преземање разновидни активности во правец на развој на човечкиот капитал и промовирање на модерниот пристап во управувањето со човечките ресурси. Во активното членство на МАЧР годишно има по над 100 членови, приоритетно колеги од одделите за човечки ресурси во компаниите, студенти, обучувачи, консултанти и останати менаџери и професионалци кои имаат интерес да се надоградуваат во оваа област, но и да помогнат лично за нејзиниот напредок.
Во рамките на своите активности МАЧР организира едукативни настани, но и неформални средби за јакнење на мрежата на месечна основа кои ги нарекуваме ХР кафе. Преку нашите активности се трудиме да оддадеме признание за заложбите на нашите колеги за развој и за промоција на професијата за што имаме и годишна награда Избор на најдобар ХР менаџер. Исто така спроведуваме проектни активности за развој на човечкиот капитал во земјава, се вклучуваме во истражувања за развој на областа, но воедно и даваме поддршка на сите вршители на дејност од доменот на управувањето со човечките ресурси и развојот преку поддршка на нивните настани, проекти и активности.
Од голема важност за МАЧР е нејзината интернационална вклученост во мрежата на Европската асоцијација за човечки ресурси каде што членки се националните асоцијации на земјите од Европа преку која сме во допир со случувањата и со трендовите во развојот на професијата во глобални рамки, но имаме и можност за вклучување во заеднички европски проекти за развој на човечкиот капитал.

На 13/14 октомври годинава во хотелот Мериот во Скопје ќе се одржи Осмата меѓународна годишна конференција што ја организира МАЧР. Кажете ни за самата Конференција. За кои теми ќе се разговара?

Х. Лозаноска: Интернационалната конференција на МАЧР е престижен бизнис настан кој го организираме заради промовирање на добрите практики и модерните трендови во управувањето со човечките ресурси.
Настанот секоја година е исклучително посетен и решивме годинава да го подигнеме на повисоко ниво, односно да го направиме регионален бизнис настан при што очекуваме присуство на учесници не само од земјава туку и од земјите од регионот.
Темата за оваа година, во слободен превод од англиски јазик, „Ангажираноста на вработените и идните компетенции за економска благосостојба“ („Employee Engagement and Future Competencies for Economic Well Being“) има цел да потенцира колку е значајно за компаниите, за бизнисот и за економскиот раст и развој да имате компетентни и ангажирани вработени и успешни лидери кои ќе ја предводат компанијата.

Предвидена е и мошне респектабилна листа на говорници на Конференцијата. Можете ли да ни посочите некои од нив?

Х. Лозаноска: Во двата конференциски дена ќе има разновидност од аспект на профилот на предавачите за да се задоволат сите вкусови. Своите искуства ќе ги споделат преку презентирање на добри практики главните менаџери за човечки ресурси од познати компании како што се: КЛМ авиокомпанијата од Холандија, Титан групацијата (Грција), РИМАЦ автомобили (Хрватска), Хранилница (Словенија), Кеп траст (Косово)... Другата група предавачи се академци кои ќе пренесат теоретски новитети, трендови и истражувања од Интернационалниот факултет Сити колеџ, на Шефилд универзитетот, од Економскиот факултет Љубљана (Словенија) и од Универзитетот Американ колеџ Скопје, додека третата група спикери ќе даде поширока димензија на настанот се одличните говорници за лидерство како еден Стив Кокрам (Steve Cockram) од Џајант врлдвајд (GiANT Worldwide (Англија)), Гвинет Ледербароу филгуд коучинг енд консалтинг (Gwyneth Letherbarrow Feelgood Coaching and Consulting (Австрија)), Брејн Грабен, дајалогос, стратиџик комјуникејшнс (Brane Gruban, Dialogos, Strategic Communications (Словенија)) кои на инспиративен начин ќе ги посочат идните трендовите во создавањето на врвни лидери..., а притоа имаме и едно специјално изненадување за присутните од страна на нашиот светски познат талент Симон Трпчески кој го поканивме да ни ја сподели својата визија за градење светски успешна кариера и врвен успех.

Каква структура на посетители очекувате на Конференцијата? Дали е ова наменето само за експерти специјализирани за менаџирање на човечките ресурси или содржините на Конференцијата се добредојдени и за топ менаџерите на фирмите?

Х. Лозаноска: Секој менаџер на која било позиција е во исто време и менаџер со човечки ресурси и колку повеќе ги проширува знаењата и станува повешт во менаџирањето со човечките ресурси лично си ги зголемува шансите за градење поуспешна кариера. Најчести посетители на нашите настани се, пред сѐ, колегите од одделите за менаџмент со човечки ресурси во компаниите кои сакаат да бидат во тек со својата професија, како и студентите кои се надоградуваат во оваа област, но сѐ повеќе и новите генерации на лидери кои сакаат да бидат во тек со новите трендови во лидерството и во градењето на човечкиот капитал во компанијата. Сите оние професионалци кои сакаат да слушнат за новите трендови во лидерството и што треба за да се биде успешен во работната средина која, пред сѐ, претставува мрежа на луѓе и потреба од познавање многу социјални, психолошки, економски, организациски и други аспекти на реалноста на една компанија, како и на целиот пазар на кој функционира таа. Оваа година веруваме дека ќе има повеќе посетители и од регионот.

На крајот на ова интервју и едно конкретно прашање за управувањето на човечките ресурси. Како најдобро може да се измери ангажираноста на вработените во една фирма?

Х. Лозаноска: Постојат специјализирани методи за мерење на ангажираноста на вработените со кои се скенира моменталната состојба и организациската култура во компанијата. Најчесто ниското ниво на ангажираност алармира на постоење недостатоци во внатрешното управување, во менаџирањето со промените или недостаток на потребните работни услови. Вакви методи се применуваат во зависност од потребите и од специфичноста во работањето на компаниите, а потребата се почувствува најмногу во одделни индустриски гранки каде што има зголемена флуктуација на вработени така што за оваа намена се ангажираат надворешни соработници/консултанти специјализирани за вршење на мерењата или пак истражувањето се спроведува интерно од страна на одделот за ЧР. Целта на овие активности е по извршените мерења да се преземат активности од страна на работодавачот за подобрување на состојбите, вработените да видат видливи ефекти и позитивни промени што ќе иницираат подобрени односи, поблиска соработка и подобра работна околина. Со тоа се дејствува на создавање поголема доверба меѓу вработените и соработка за унапредување на состојбите кај работодавачот наспроти непосакуваната ситуација решението да се бара кај друг работодавач.

Кирко Бошкоски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top