Интервјуа
ГОДИШНИОТ САМИТ НА МАКЕДОНИЈА2025 СТАНА ВОДЕЧКА ПЛАТФОРМА ВО РЕГИОНОТ

Билјана Марковиќ Стаменова
Извршен директор на Mакедонија2025

Она што започна како иницијатива на Џон Битов Постариот, а беше разработено најпрвин од Мајк Зафировски и Џон Битов Помладиот, стана брендот Македонија2025. Во октомври годинава во Скопје повторно ќе се одржи Самитот што го организира Македонија2025. За овој првокласен настан и за широкиот спектар на нивни активности низ текот на годината разговараме со Билјана Марковиќ Стаменова, извршен директор на Македонија2025

 

Една од активностите на организацијата Македонија2025 е организацијата на редовните годишни конференции кои станаа препознатливи по својот висок квалитет. Какви се Вашите искуства од досегашните годишни конференции? Што би истакнале посебно?

Б. М. Стаменова: Македонија2025 е интернационална, невладина и непрофитна организација формирана во 2007 година од исклучителни професионалци од дијаспората, која се стреми преку својата мрежа на членови низ светот да придонесе кон економски развој на земјава. Идејата за организирање годишни конференции потекнува од 2011 година кога кругот на врвни поединци заинтересирани да помогнат на земјава почна да се проширува. Целта беше еднаш годишно да ги поканиме на бизнис собир за да ја споделат својата експертиза со македонската бизнис заедница. Нашите членови имаат широк круг на соработници на високи позиции во реномирани светски компании. Иако не се од македонско потекло, благодарение на ангажманот на нашите членови, овие луѓе се согласуваа да дојдат во Македонија како говорници.
Резултатот од овој спој беше неверојатен, почнувајќи од првиот Самит во 2012 и секој нареден кој ги надминуваше очекувањата на претходниот. Еднаш годишно бевме домаќини на четириесетина бизнис лидери кои зборуваа за најновите светски трендови од областа на економијата, на инвестициите, на иновациите, на технологијата, на лидерството и на претприемништвото пред публика од 300 гости од преку 25 различни земји. Енергијата и динамиката на дискусиите беше неверојатна. Имавме среќа да слушнеме бизнис совети од професионалци на врвни позиции во Блекстоун груп (Blackstone Group), Моторола (Motorola), Нокиа корпорејшн (Nokia Corporation), Панасоник (Panasonic), Филипс (Philips), Когнизнт (Cognizant), Мек Kинси (McKinsey), ГЕ (GE), Хорват консалтинг (Horwath Consluting), Оракл (Oracle), САП (SAP), Редни (Redknee), Хеч (Hatch), Вајрл нова (ViralNova), Мaјндтри (MindTree) и многу други.
Слушнавме за реформите на бившиот премиер на Грузија Ника Гилаури кој со тимот експерти реформатикс (Reformatics) го подигна рангирањето на земјата во извештајот на Светска банка за водење бизнис од 116. место во 2006 година на 9. место во 2012 година. Дознавме за иднината на мобилните телефони од Томи Ахонен (Tomi Ahonen), мотивациски спикер и најпродаван автор за технологија. Говорот на Хери Крејмер (Harry Kraemer) од Келог скул оф менаџмент (Kellogg School of Management), автор на најпродаваните книги за лидерство базирано на вистински вредности беше вистинска реткост да се слушне на овие простори. Вакви лидерски говори да се слушнат чинат повеќе од 40 000 долари на час. Но, тие доаѓаат на покана на нашите членови без надоместоци со желба да им помогнат на менаџерите кои се отворени да научат нови работи.
Настанот стана водечка платформа во регионот и можеме да бидеме горди дека Македонија станува препознатлива дестинација каде што можат да се слушнат последните светски трендови кои ја движат економијата.

ГУРУДУТ БАНАВАР Е „НАЈЗВУЧНИОТ“ ГОВОРНИК – ТОЈ ГО ПРЕДВОДИ СВЕТСКИОТ ТИМ ОД НАУЧНИЦИ КОИ РАБОТАТ НА НАЈПОЗНАТИОТ СИСТЕМ ЗА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ВАТСОН. ВО РАМКИТЕ НА КОРПОРАЦИЈАТА ИБМ, ЦЕНТАРОТ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ ТОМАС Џ. ВАТСОН ГИ ГРАДИ ТЕМЕЛИТЕ ЗА ПОВРЗУВАЊЕ МЕЃУ ЛУЃЕТО И МАШИНИТЕ. ГУРУ ГОДИНАВА БЕШЕ ГОВОРНИК НА НОБЕЛ ВИК ДАЈАЛОГ (NOBEL WEEK DIALOGUE), А ВО ОКТОМВРИ ЌЕ ГО СЛУШАМЕ ВО СКОПЈЕ

Овогодинешната конференција наречена Македонија2025 Самит 2016 ќе се одржи на 20/21 октомври во хотелот Мериот во Скопје. Што подготвувате за оваа година, кои теми и кои говорници?

Б. М. Стаменова: Самитот ќе ги пренесе најновите економски, финансиски и инвестициски трендови во светот, како и најновите технолошки достигнувања. Една од темите на кои ќе обрнеме внимание е користење енергија од обновливи извори и паметни технологии кои ја заштитуваат животната средина и овозможуваат ефикасно користење на природните ресурси. Светот оди напред во користење обновливи извори на енергија. Шведска ќе стане 100 % ослободена од фосилни горива, Шкотска произведува 100 % енергија за домаќинствата од ветерот, Исланд е лидер во трансформирање на геотермалната енергија во електрична, Канада ќе се снабдува 100 % од енергијата на ветерот, на сонцето и на водата, Данска ќе стане првата 100 % органска земја, Норвешка имплементира „чисти технологии“ за нула отпад, Мароко изгради најголема соларна плантажа. Македонија има голем потенцијал, но недостига знаење. Дел од најдобрите практики ќе бидат пренесени на нашата публика.
Листата на говорници е опсежна, а нивниот број се зголемува. Професорот Стив Хенк (Steve Hanke) од Џонс Хопкинс јуниврзити (Johns Hopkins University) е врвен експерт за влијанието на макроекономските збиднувања врз регионот. Андреј Бабаче, директор на Мид Јуроп партнерс (Mid Europa Partners) од Англија ќе ги посочи индустриите во кои инвеститорите вложуваат во моментов. Ханс Јорген Коч (Hans Jorgen Koch), директор на Нордик енерџи рисрч (Nordic Energy Research) ќе ја претстави стратегијата на Скандинавија да користи обновливи извори на енергија. Ќе се обратат и Петер Казначеев (Peter Kaznacheev), директор на Центарот за ресурсна економија на Руската национална академија, директорот за иновации на Азриели колеџ оф енџиниеринг (Azrieli College of Engineering) од Израел, д-р Игор И. Тулевски, PhD (Dr. Igor I Tulevski, PhD), директорот на Кардиолошкиот центар во Холандија. Иницијално се потврдени Здравко Почивалшек, министер за економија и технологија на Словенија, Рикардо Монти (Riccardo Monti), претседател на Италијан трејд ејџенси (Italian Trade Agency) и член на бордот на Роберт Кенеди фаундејшн (Robert Kennedy Foundation), претставници на Хитачи (Hitachi), на Епсон (Epson) итн.
Гурудут Банавар е „најзвучниот“ говорник – тој го предводи светскиот тим од научници кои работат на најпознатиот систем за вештачка интелигенција Ватсон. Во рамките на корпорацијата ИБМ, Центарот за истражување Томас Џ. Ватсон ги гради темелите за поврзување меѓу луѓето и машините. Гуру годинава беше говорник на Нобел вик дајалог (Nobel Week Dialogue), а во октомври ќе го слушаме во Скопје.

Како можат заинтересираните лица да се регистрираат за Конференцијата и кои се условите?

Б. М. Стаменова: Деталите за настанот се објавени на www.macedonia2025.com/summit. Цената за регистрација од 250 евра е симболична имајќи ја предвид можноста да се слушнат овие врвни говорници на едно место. Имаме голем број поволности за раната регистрација, за повеќе претставници од една компанија, за микро и старт-ап фирми. Регистрацијата е отворена и ги покануваме сите да се пријават.

Македонија2025 ја организираше програмата Летна бизнис пракса за професионалците од дијаспората. За каква програма станува збор?

Б. М. Стаменова: Македонија2025 има цел да ја поврзе професионалната дијаспора со македонските фирми. Со оваа програма овозможивме млади успешни Македонци од дијаспората да дојдат во земјава и да се запознаат со бизнис климата. Тие беа презадоволни од праксите кои ги реализираа во македонските компании и од можноста да создадат нови пријателства кои, во иднина, се надеваме дека ќе прераснат во бизнис соработка. Наредната година очекуваме уште поголем број млади професионалци од дијаспората да дојдат во земјава и да градат мостови на соработка со светските пазари.

Во јуни 2016 година го организиравте Форумот за инвеститори од дијаспората. Какви искуства споделија овие инвеститори?

Б. М. Стаменова: На настаните за промоција на Македонија пред дијаспората кои ги организиравме во Торонто, во Њујорк, во Чикаго, во Колумбус, во Париз, во Виена, запознавме иселеници кои имаат интерес да инвестираат, но бараа повеќе информации за земјава. Континуирано остварувавме бројни билатерални средби со постоечките и со потенцијалните инвеститори кои ги споделија предностите и проблемите при реализирање на инвестицијата. Затоа одлучивме да направиме форум каде што објективно ќе ги посочиме пречките со кои се соочуваат инвеститорите од дијаспората и ќе промовираме успешни инвестиции во различни индустрии.
Во недостиг на официјална евиденција за овие инвеститори, преку наши сознанија добивме информации за шеесетина луѓе со кои спроведовме истражување. Најголем дел доаѓаат од Европа, а помал од Америка и од Австралија. Повеќето имаат висок степен на образование, а инвестирале во ИТ, БПО, туризам, здрава храна, обвновливи извори на енергија и неколку поголеми производни капацитети. Деведесет проценти се мали и средни фирми до 50 вработени кои се извозно ориентирани, а продуктите ги пласираат на пазарите од каде што потекнува инвеститорот, претежно Европа. Тие биле привлечени од ниските трошоци за водење бизнис, даноците, поволностите за вработување, локацијата, квалитетот на вработени и од патриотски причини. Како најголеми предизвици ги посочија расположливоста на обучена работна сила, административните бариери и непрофесионалните службеници, правни и политички фактори, недостигот на инфраструктура и неразвиената деловна култура.
Овие инвеститори не се вклучени во институционалната поддршка за сервисирање инвеститори или не се информирани за можноста или сметаат дека треба сами да ја реализираат инвестицијата. Најчесто се соочуваат со проблеми на општинско ниво со способноста на администрацијата да ја врши својата работа стручно и професионално. Иако станува збор за мали фирми, тие се значајни за трансфер на знаење и на извоз. Ако се соочат со проблеми, тоа негативно искуство го пренесуваат на потенцијалните инвеститори. Инвеститорите од дијаспората најчесто отвораат фирми во регионот од каде што потекнуваат со што придонесуваат за развој на руралните средини.
Затоа сметаме дека треба да бидат информирани за можноста при реализација на инвестицијата да биде вклучена агенцијата Инвест Македонија. Второ, побаравме во рамките на секоја општина и владина институција да има едно лице целосно посветено да одговори на барањата на странските инвеститори на најекспедитивен и на професионален начин. Трето, побаравме од институциите да се воведе транспарентен систем на ескалација на проблемот со цел инвеститорите да знаат кое е следното ниво на кое може да се обратат. Исто така зборувавме за обуки за администрацијата и унапредување на професионалните вештини и промени во системот за вработување и за вреднување.
Беа истакнати поединечни случаи на службеници кои го блокираат процесот на инвестирање и кои сметаме дека не треба да бидат толерирани. Некои од проблемите кои беа посочени се потешкотии при земање субвенции за туристички посети, тешкотии при вадење документи како возачка дозвола, државјанство, пасош, дозволи за престој, проблеми со дозволи за градба, катастарски услуги, концесии на земјиште, проблеми со локалната инфраструктура, како и честа смена на закони и немање кадар во општините кој ќе може тие закони да ги имплементира. Често инвеститорите не знаат која документација се бара од нив и имаат впечаток дека секој инспектор различно ги толкува законите. Сите важни документи треба да бидат преведени на анлиски јазик, а секоја процедура треба да биде писмено објаснета на јасен и недвосмислен начин.
Она што исто така беше посочено е недостигот на кадар со занаетчиски квалификации, луѓе со ИТ вештини и кадар со менаџерски способности. Присутните побараа земјава да не се промовира како дестинација со евтина работна сила, туку како земја со квалитетни вработени. За да ги задржиме младите во земјава треба да се привлекуваат инвестиции во паметни индустрии за кои треба високообразован кадар.
Во дијаспората има огромен, но неискористен интелектуален и финансиски потенцијал. Треба да се изготви национална стратегија за нивно мапирање, за информирање и за привлекување. Сите амбасади, промотори, агенции и соодветни министерства треба синхронизирано да дејствуваат во спроведување на оваа кампања за анимирање на дијаспората. Нашата успешност како земја ќе се цени според тоа колку од нив ќе вратиме назад.
Сите препораки од инвеститорите ќе ги доставиме до релевантните институции и се надеваме на нивно брзо имплементирање. Следнава година повторно ќе организираме ваков форум и се надеваме дека ќе има многу нови инвеститори од дијаспората.

ПРЕКУ НАШАТА ГЛОБАЛНА МРЕЖА НА ЧЛЕНОВИ, ОБЕЗБЕДУВАМЕ УНИКАТНИ МОЖНОСТИ ЗА СТУДИРАЊЕ ИЛИ ВРАБОТУВАЊЕ / ПРАКСА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ СТУДЕНТИ. ОВАА ГОДИНА ДВАЈЦА СТУДЕНТИ ОД МАКЕДОНИЈА ДОБИЈА ЦЕЛОСНИ СТИПЕНДИИ НА РУСКАТА ПРЕТСЕДАТЕЛСКА АКАДЕМИЈА, А СЕ НАДЕВАМЕ ДЕКА СЛЕДНАВА ГОДИНА ЌЕ СЕ ОТВОРИ МОЖНОСТ ЗА ПОВЕЌЕ СТИПЕНДИИ

Македонија2025 посветува големо внимание на едукацијата. На кои програми работите во моментов?

Б. М. Стаменова: Имаме повеќе едукативни програми наменети за извршни директори, за претприемачи и за млади лидери. Формиравме едукативен фонд со кој стипендираме менаџери со потенцијал да станат лидери на успешни фирми. Студиското патување во Канада овозможува македонските професионалци да добијат обука на Шулич скул оф бизнис (Shulich School of Business) и извршна пракса во реномирана канадска компанија. Чест ми е да објавам дека од 2017 година ќе започнеме нова програма за извршни директори која овозможува тринеделна обука на престижната школа Келог скул оф менаџмент (Kellogg School of Management), пракса и менторство. Соработката со Келог е финализирана, условите за учество на програмата ќе бидат објавени на Самитот.
Оваа година по деветти пат успешно го реализиравме проектот Лидер наменет за млади професионалци и претприемачи. Предавачите од Ричард Ајви скул оф бизнис (Richard Ivey School of Business) од Канада одржаа двонеделна мини МВА работилница преку реални бизнис случаи. Четириесетина талентирани претприемачи земаа учество и изразија големо задоволство од квалитетот на програмата и нејзината практична примена. Работиме и на воведување нова програма за претприемачи со реномиран светски институт, која би се реализирала од следнава година.
Исто така, преку нашата глобална мрежа на членови, обезбедуваме уникатни можности за студирање или вработување / пракса за македонските студенти. Оваа година двајца студенти од Македонија добија целосни стипендии на Руската претседателска академија, а се надеваме дека следнава година ќе се отвори можност за повеќе стипендии.

Годинава Македонија2025 стана дел од глобалното семејство Идеа (IdEA). За каква алијанса станува збор?

Б. М. Стаменова: Идеа е алијанса на здруженија од различни иселенички групи кои споделуваат информации за значењето на дијаспората во светот. Ние континуирано учиме од активностите на земјите со најистакната стратегија за привлекување на дијаспората. Владата на Ирска доделува грантови на стар-ап фирми основани од дијаспората во износ од 50 000 евра. Иновативниот бум во Ирска се должи токму на иновативните млади луѓе кои својот бизнис го преселија во Даблин. Унгарија има фонд за покривање на сите трошоци поврзани со преселување на луѓе од дијаспората назад во земјата во текот на една година. Хрватска и Албанија имаат истражувачки фонд кој доделува грантови за соработка на научниците од дијаспората со локалните научници. Ерменската група 2020 има фонд од дијаспората од 200 милиони евра годишно, кој им помага на ранливите категории и гради инфраструктурни објекти во руралните средини. Израелската дијаспора е најпознат пример во светот, а директорот на програмата Бртрајт Израел (Birthright Israel) Гидеон Марк Амир (Gideon Mark Amir) ќе зборува на Самиот во Скопје. Можеме многу да научиме од овие примери. Македонија е на самите почетоци од искористување на неисцрпниот потенцијал на дијаспората.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top