Интервјуа
ОСИГУРУВАЊЕТО НА ЗДРАВЈЕТО, ИМОТОТ И БИЗНИСОТ НОСИ КОРИСТ

Марија Томеска
Претседател на Управен одбор на Еуролинк Осигување

 

 


Госпоѓо Томеска, се добива впечаток дека конкуренцијата во осигурителниот сектор во Македонија станува сѐ пожестока. Какви се трендовите? Што да очекуваме во иднина?

М. Томеска: Пазарот на осигурување во Македонија во изминативе години може да се каже дека е со ниска концентрација, со благ тренд на пораст, со оглед дека на пазарот опстојуваат 11 друштва за неживотно осигурување, а само 3 од нив, меѓу кои е и „Еуролинк“, имаат пазарен удел повисок од 10 % од вкупно портфолио кое во 2015 година изнесуваше 7,2 милијарди денари мерено преку висината на бруто полисираната премија. Но, пазарот во одредени сегменти сѐ повеќе се деконцентрира, особено во делот на задолжителните осигурувања, во најголем дел осигурувањата од автоодговорност, преку зајакнување на конкуренцијата на пазарот и борбата која некогаш може да се карактеризира и како нелојална конкуренција.
Морам да напоменам дека конкуренцијата е сѐ пожестока само кај задолжителните класи; во другите сегменти, посебно кај продуктите за индивидуи и за мали бизниси не би рекла дека постои значајна конкуренција.
Ретко која компанија инвестира во промоција на незастапени видови осигурувања кои се повеќе од потребни за секојдневниот модерен живот. Најчесто се работи за преземање постоечки дистрибутивни канали и клиенти, а не на креирање нов пазар и нови начини на продажба. Иновациите во поглед на дистрибуција и на дизајн на продукти се ограничени кај мал број компании од кои „Еуролинк“ секогаш предничи поради својата креативност и својата флексибилност. Можеме да очекуваме во иднина сѐ повеќе компании да почнат навистина да ги маркетираат своите производи директно кај клиентите кои сѐ уште не се информирани за бенефитите од осигурувањето на нивниот бизнис, имот и здравје.
Сакаме предизвици и здрава конкуренција која верувам ќе се воспостави штом осигурителните компании почнат заеднички да работат на развој на пазарот преку креација на нови или редизајнирани продукти кои се поразбирливи и поповолни за клиентите. Токму тоа е и нашата визија, да ја зајакнеме позицијата преку развој на иновативни продукти во делот на незадолжителните осигурувања со што и самиот осигурителен пазар би растел со побрзо темпо, особено имајќи предвид дека пенетрацијата на пазарот е сѐ уште на многу ниско ниво (со 1,48 % учество на бруто полисираната премија во БДП во 2015 година).

МОРАМ ДА НАПОМЕНАМ ДЕКА КОНКУРЕНЦИЈАТА Е СÈ ПОЖЕСТОКА САМО КАЈ ЗАДОЛЖИТЕЛНИТЕ КЛАСИ; ВО ДРУГИТЕ СЕГМЕНТИ, ПОСЕБНО КАЈ ПРОДУКТИТЕ ЗА ИНДИВИДУИ И ЗА МАЛИ БИЗНИСИ НЕ БИ РЕКЛА ДЕКА ПОСТОИ ЗНАЧАЈНА КОНКУРЕНЦИЈА

Се разликуваат ли трендовите во осигурителниот бизнис во Македонија од оние во светот?

М. Томеска: Осигурителниот бизнис во Македонија веќе долго време е главно посветен на задолжителните класи на осигурување каде што, секако, доминира осигурувањето на возилата од автоодговорност, додека пак истовремено веќе стана клише да се зборува за енормниот потенцијал за развој што го има овој пазар и светските трендови кон кои би требало да се приклучиме.
Светските трендови не се поклопуваат со трендовите на нашиот пазар бидејќи сепак кај нас сѐ уште работиме на масовизирање на основните незадолжителни осигурувања како што се здравственото и имотното осигурување и осигурување од одговорност.
Развиените пазари се посветени на изнаоѓање нови осигурителни решенија за покривање на сајбер-ризиците како што се сајбер-тероризмот и електронскиот криминал. Се размислува за продукти кои ќе можат соодветно да ги покријат ризиците од самоуправувачките возила каде што не е јасно кој ја сноси одговорноста.
Исто така сѐ повеќе се развиваат продукти прилагодени за технолошки напреден начин на дистрибуција, преку онлајн платформи, како и автоматизирани советодавни услуги. Партнерствата меѓу осигурителните компании, телекоми, ритејл синџири и банки сѐ повеќе се зајакнуваат и ги заменуваат традиционалните начини на продажба. Во овој домен почнуваме да ги следиме овие трендови, но сѐ уште само формално и без значителен фокус кон нив.

Еуролинк осигурување е многу активно осигурително друштво кога станува збор за понуда на нови производи. Еден од најновите производи наменет за компаниите е приватното колективно здравствено осигурување. Што добиваат компаниите и нивните вработени со овој производ?

М. Томеска: Со приватното колективно здравствено осигурување добиваат и компаниите и вработените.
Посебен акцент ставаме на бенефитот за вработените бидејќи динамиката на денешното живеење претпочита вложување огромен труд во секојдневното исполнување на професионалните и на приватните задачи и обврски. Оттука е потребата за брзо, лесно и квалитетно лекување без дополнително оптоварување на и така динамичниот ден.
Со нашето приватно здравствено осигурување вработените можат да користат брз и поедноставен пристап до приватните здравствени установи, да добијат амбулантско и/или болничко лекување при што се штедат и нивното време и нивните средства.
Од друга страна, секој успешен менаџер и сопственик знае дека тајната на успехот во најголема мера е заслуга на вработените, односно богатството на секоја компанијата е човечкиот капитал. Оттука произлегува мотивот на секој работодавец кој се грижи за своите вработени да склучи договор за осигурување со кој ќе им овозможи најдобра здравствена заштита.
Со нашето приватно здравствено осигурување работодавецот ќе има позадоволни и поздрави вработени, помали отсуства од работа поради извршување лекарски прегледи, како и покритие на трошоците за лекување на вработените во кои не ретко самиот партиципира од сопствени средства.
Воедно дополнителните бенефити кои ги нудат компаниите, а во кои неизоставно место има приватното здравствено осигурување го демонстрираат ставот на работодавците за важноста на овој сегмент при привлекување и задржување на квалитетните работници.

ЗА САМО 300 ДЕНАРИ ПО ВРАБОТЕН МЕСЕЧНО РАБОТОДАВАЧИТЕ ОБЕЗБЕДУВААТ СЛОБОДА НА ИЗБОР НА ЛЕКАР, КЛИНИКА И ТЕРМИН ВО ПРИВАТНИ КЛИНИКИ НА СВОИТЕ ВРАБОТЕНИТЕ ИСКЛУЧИВО ПО НИВНА ЖЕЛБА И ПОТРЕБА И, СЕКАКО, МОЖНОСТ ЗА ДИРЕКТНА ИСПЛАТА НА ТРОШОЦИТЕ ЗА БОЛНИЧКОТО ЛЕКУВАЊЕ ОД СТРАНА НА „ЕУРОЛИНК ОСИГУРУВАЊЕ“ ДИРЕКТНО НА БОЛНИЦАТА КАДЕ ШТО СЕ ЛЕКУВАЛ ОСИГУРЕНИКОТ БЕЗ ДА СЕ ОПТОВАРИ НЕГОВИОТ ДОМАШЕН БУЏЕТ

За овој производ правите и промоција. Какви можности нуди таа?

М. Томеска: Промотивно, до крајот на годинава, секој работодавец кој ќе склучи полиса за колективно приватно здравствено осигурување добива бесплатен задолжителен систематски преглед за своите вработени.
За само 300 денари по вработен месечно работодавачите обезбедуваат слобода на избор на лекар, клиника и термин во приватни клиники на своите вработените исклучиво по нивна желба и потреба и, секако, можност за директна исплата на трошоците за болничкото лекување од страна на „Еуролинк осигурување“ директно на болницата каде што се лекувал осигуреникот без да се оптовари неговиот домашен буџет.
Производот се состои од 10 дела кои вклучуваат покритие на сите трошоци за болнично и за вонболничко лекување, трошоци за лекови, дневен надоместок за користење здравствени услуги во ЈЗУ, користење санитетско возило, итно стоматолошко и офталмолошко лекување, хемотерапија и радиотерапија, систематски превентивен преглед според барање на клиентот и можност за вклучување на ризикот породување. Клиентот има опција да избере различни комбинации/пакет од горенаведениве покритија, оној кој најмногу му одговара.

Во рамките на лепезата производи го нудите и т. н. Бизнис комплет. За кој сегмент на бизнис секторот е наменет овој производ? Кои се неговите предности?

М. Томеска: Оваа година решивме фокусот да го ставиме на заштита и на поддршка на микро и на малите претпријатија преку промоција на нов, сеопфатен и уникатен продукт „Бизнис комплет“.
Се работи за пакет од различни осигурувања како што се: осигурување од пожар и други опасности, кражба и разбојништво, кршење стакло, прекин на работа, одговорност и незгода за вработените. Пакетот е предвиден како целосно осигурување за микро и за малите бизниси кои имаат деловни и продажни објекти како колонијални продавници, минимаркети, аптеки, парфимерии, козметички салони, кафулиња, канцеларии и др. Идејата е да се овозможи комплетно покритие за имотот и за вработените со цел сопствениците на малите бизниси да бидат растоварени од ваквите грижи и да можат да се посветат исклучиво на нивната работа.
Сметаме дека „Бизнис комплет“ осигурувањето е од исклучителна важност за секој менаџер и за успешноста на самиот бизнис затоа што обезбедува комплетна сигурност.
Посебно за истакнување е атрактивната понуда во оваа промотивна година со која „Еуролинк осигурување“ им овозможува на бизнисите со кои остварува договор за лојалност од 3 години да го добијат овој пакет за само 1 денар за првата година.

За промоција на Бизнис комплетот започнавте со т. н. бизнис караван. За што станува збор и како сте задоволни од досегашниот одѕив?

М. Томеска: Покрај атрактивната цена, организиравме и серија настани во Скопје, во Струмица, во Битола, во Прилеп и во Штип на која присуствуваа повеќе од 1 000 стопанственици на микро, на мали и на средни компании и имаа можност да ја слушнат одблизу приказната за нашето осигурително решение со кое им даваме поддршка во остварување долгорочен и успешен бизнис.
Освен доближување на продуктот до клучните клиенти, настаните овоможија споделување на искуствата на клиентите со овој и со слични осигурителни решенија, а воедно со самото присуство на настанот да го склучат ова осигурување и „Бизнис здравственото осигурување“ за своите вработени за само 1 денар за првата година.
Ваквите настани се значајни за нас како компанија бидејќи ни даваат можност да ги слушнеме грижите и потребите на нашите клиенти кои се основа за унапредување на нашите продукти и услуги.
Голем дел од нив склучија договори за осигурување на самите настани и ни ја доверија довербата која ние мора да ја оправдаме и да ги заштитиме од ризиците што се најчеста закана по нивното работење.

Сега сме во сезоната на летни одмори. Многумина патуваат во странство и за таа потреба е препорачливо за секој случај да имаат патничко осигурување. Еуролинк осигурување започна голема наградна игра поврзана со патничкото осигурување. За што станува збор?

М. Томеска: Ова лето фокусот е на промоција на онлајн патничкото осигурување кое може да се купи од нашата веб-продавница. Сакаме да потенцираме дека тогаш кога клиентите се во најголемо брзање, пред поаѓање на летен одмор, ние мислиме на нив и го штедиме нивното време овозможувајќи им на брз и на едноставен начин да си обезбедат патничко осигурување.
Бројот на корисници на онлајн осигурување расте од година во година, но е далеку од исполнување на оптималните можности и овде гледаме потреба за актуелизирање на овој канал на дистрибуција.
Наградната игра сметаме дека ќе го поттикне интересот за овој начин на обезбедување со патничко осигурување.
Учествуваат сите наши клиенти кои купиле онлајн патничка полиса во период од 10 јуни до 31 јули. Секоја недела има извлекување и наградата е викенд за двајца во Грција.
Иако овој начин на продажба е сè уште недоволно експлоатиран, растечкиот интерес и позитивните искуства на нашите корисници нè мотивираа за понатамошно зголемување на палетата на услуги кои се нудат во нашата веб-продавница. Токму тука ја гледаме иднината на модерната дистрибуција на осигурителни производи.

БРИТАНИЈА КАКВА ШТО ЈАС ЈА ПОЗНАВАМ И КАДЕ ШТО СУМ ЕДУЦИРАНА ВО ДУХОТ НА ЛИБЕРАЛНИТЕ ВРЕДНОСТИ И МУЛТИКУЛТУРАЛИЗМОТ НЕ БИ ГЛАСАЛА ЗА БРЕГЗИТ. ВСУШНОСТ, ТОКМУ ЛОНДОН И МЛАДАТА И ЕДУЦИРАНА ПОПУЛАЦИЈА ВО МНОЗИНСТВО СЕ ИЗЈАСНИ ПРОЕВРОПСКИ. СЛОБОДНОТО ДВИЖЕЊЕ НА ЛУЃЕ И НА КАПИТАЛ Е ТОКМУ ТОА ШТО ГИ ПРАВИ ЛОНДОН И БРИТАНИЈА УНИКАТНИ

На крајот од ова интервју и едно лично прашање. Вие сте живееле и сте се едуцирале во Лондон, како би го коментирале Брегзит?

М. Томеска: На мое големо жалење и разочарување се случи неочекуваното, британскиот народ одлучи да ја смени историјата и да го сврти тркалото на глобалниот прогрес наназад. По повеќе од 60 години работа на интеграција, на глобализација и на мирен заеднички просперитет, со Брегзит Европа се соочува со најголемиот предизвик досега – да се надминат антиглобализмот, ксенофобијата и националниот популизам кои сѐ повеќе земаат замав. Лично не очекував ваков исход од референдумот. Британија каква што јас ја познавам и каде што сум едуцирана во духот на либералните вредности и мултикултурализмот не би гласала за Брегзит. Всушност, токму Лондон и младата и едуцирана популација во мнозинство се изјасни проевропски. Слободното движење на луѓе и на капитал е токму тоа што ги прави Лондон и Британија уникатни. Финансискиот центар на Европа може да опстане само со микс на идеи, на луѓе, на култури и без предрасуди. Идеолошки штетата е веќе направена. Но, доколку навистина дојде до развод на Британија од Европската Унија ќе бидеме сведоци и на финансиски реперкусии од ваквата одлука. Осигурителниот и банкарскиот сектор, секако, ќе направат одредени придвижувања кон некоја европска метропола бидејќи Лондон нема да може повеќе да биде нивниот европски центар.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top