Општество
ИНВЕСТИЦИСКИ ПРОЕКТИ СО ФИНАНСИРАЊЕ ОД ИПА 1 И ИПА 2 ВО СФЕРАТА НА ИНФРАСТРУКТУРИТЕ



На крајот на јануари 2016 година, Македонија го усвои Законот за тарификација на услугите поврзани со дистрибуцијата на вода. Од друга страна, пак, постепено започна институционална соработка меѓу Министерството за животна средина и неколку агенции за вода во Македонија со цел да се засилат капацитетите на агенциите за вода. Ова е особено во областа на тарификација, рентабилноста, а во проектот е вклучено и подготвување бизнис план за десетина локации меѓу кои и градот Скопје. Како подарок на Владата на Франција во тек е почетна студија за конструкција на прочистителна станица во Скопје, која ќе трае до септември 2016 година. Покрај аспектите на управување и ставање во функција на станицата, таа вклучува и евалуација на влијанието врз животната средина. Владата предвидува да започне со конструкција во 2020 година, а во моментов се бараат инвестиции. Проектот е прв на листата за инфраструктурни проекти на Националниот комитет за инвестиции. Последната организирана консултација со експерти од француската компанија ЕЖИС имаше цел да се размисли за најдобриот начин за управување на станицата (градење и секојдневно управување). Слични активности за конструкција, за рехабилитација и за проширување на мрежите, како и третирање на отпадните води се започнати во: Прилеп, Струмица, Кичево, Радовиш, Куманово и Берово.

За повеќе детали на оваа тема разговараме со господинот Јаник Пошон – Управа за интернационална соработка на интернационалното биро за вода во Франција.

Што Ве донесе во Македонија?

Во рамките на процедурата за членство во Европската заедница, со цел приближување на стандардите кон европските придобивки, неопходен е значаен легислативен и организациски напредок. На европско ниво постои Директива која им налага на земјите-членки да остварат планови за управување за секој од големите хидрографски дистрикти. Овие планови одат заедно со програми за мерки и за активности кои во следниве 6 години треба да ги презентираат потребните активности со кои ќе се достигнат целите за заштита на животната средина (пречистителни станици, борба против загадувањето, хидроморфологија...).
Благодарејќи на ИПА проектите, како и на билатералните соработки, Република Македонија зачекори кон приближување на европските придобивки и оваа Директива беше применета заедно со бројни подготовки за подзаконски акти.
Од оперативна гледна точка, плановите за управување со коритата веќе почнаа да се појавуваат. Меѓу другото беа остварени првите етапи кон реализација на планот за управување на Вардар благодарејќи на неодамнешниот проект „Техничка помош за зајакнување на институционалните капацитети за приближување и имплементација на легислативата за животна средина во областа на управување со вода“ (Technical Assistance for Strengthening the Institutional Capacities for Approximation and Implementation of Environmental Legislation in the Area of Water Management) кој беше завршен во декември 2015 година.


Јаник Пошон - Управа за интернационална соработка на интернационалното биро за вода во Франција

Приоритетите за активности во овој домен би требало да се стремат кон финализација на планот за управување со Вардар, зајакнување на капацитетите за контрола на квалитетот на водите, како и на управување со системите на дозволи.

 

Каква е улогата на Франција во овој процес?

Франција во рамките на билатералната соработка меѓу нашите земји, покрај учеството на француски експерти во овие проекти, исто така организираше и семинари на оваа тема за да размени идеи и мислења со македонските колеги. Во годините кои доаѓаат сѐ уште ќе бидат во примена комплементарни перспективи на европската поддршка ИПА со цел да се финализира ова воспоставување планови за управување во согласност со европските текстови.
Јас бев инволвиран во различни активности, сметам дека во изминативе години Македонија оствари напредок во оваа област и остварените напори се за поздрав.
Сепак, за да се трансформира оваа нова регулативна рамка во постојана алатка, интегрирана и ефикасна за функционирањето на управување на вода во Македонија, потребата за зацврстување на човечките и економски капацитети е сѐ уште голема.

 

ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ФРАНЦУСКИОТ ПРОЕКТ И СОРАБОТКАТА СО ЕЖИС – Драгана Илијевска, заменик-тим лидер во БАР ЕЦЕ

ЧИСТАТА ВОДА Е НЕПОХОДНА ЗА ЧОВЕКОВОТО ЗДРАВЈЕ И ЗА БЛАГОСОСТОЈБА

Интегрираното управување со водите, базирано на принципите на одржлив развој, е еден од важните национални приоритети на отпадни води во град Скопје. Во моментов ова е најголемиот и најкомплексен проект кој се реализира на ниво на државава и има единствена национална и прекугранична важност.
Уставно загарантирано право на секој поединец во светот е пристап до чиста вода за пиење и пристап до санитарни системи кои ја собираат и ја одведуваат отпадната вода. Станува збор за еден од најкомплексните медиуми на животната средина, а воедно и финансиски најтешките поглавја на европското законодавство.
Зголемувањето на инвестициите во инфраструктурата на животната средина, со акцент на собирање и на третман на отпадните води и снабдување со вода за пиење, претставуваат обврски на земјава кон принципите, приоритетите и условите во Партнерството за пристапување утврдени во Одлуката на Советот 2008 / 212 / EК од 18 февруари 2008 година.
Спроведувањето на законските обврски и постигнувањето на стандардите особено во делот на Директивата за одведување и пречистување на комуналните отпадни води (91/271/ЕЕЦ) и Директивата за вода за пиење (98/83/ЕEС) претставува голем предизвик, пред сѐ од финансиски аспект. Во тој контекст, третманот на отпадните води од различни извори останува голем предизвик за земјава бидејќи само 15 % од постојните живеалишта имаат третман на генерираните отпадни води. Поголемите градови сѐ уште немаат изградени станици за третман на отпадна вода, но во тек е изградбата на такви станици во Прилеп, во Гевгелија итн. Во тек е и реализација на неколку нови проекти за третман на отпадни води.
Еден од тие проекти е и Студијата за финансирање, изградба и работа на станицата за отпадни води во Град Скопје, финансирана од страна на Министерство за економија и финансии на Франција. Проектот го реализира француската компанија ЕЖИС во соработка со локалната компанија БАР ЕЦЕ која зад себе има повеќегодишно искуство во однос на проектирањето на станици за третман на комунални и на индустриски отпадни води. Основната цел на Студијата е да обезбеди оптимални и одржливи решенија за третман на отпадната вода и третман на тињата кои обезбедуваат постигнување на стандардите со што на долгорочен рок ќе се унапреди квалитетот на реката Вардар. Реализацијата на овој голем проект ќе има позитивно влијание во насока на адекватно управување со водните ресурси – отпадните води, подобрување на квалитетот на медиумите во животната средина и квалитетот на живеењето во целост, како и постигнување на подобра социоекономска клима. Тоа е основа за подобрување на економскиот амбиент, отворање нови работни места и зголемување на животниот стандард.
Локацијата на станицата за третман на отпадни води е лоцирана во Трубарево на левата страна од реката Вардар, во рамките на Општина Гази Баба. Населението кое ќе биде опфатено со централната ПСОВ ќе се движи од 490 000 жители во 2030 година и 518 000 во 2045 година. Со станицата се опфатени сите десет општини кои се во склоп на Град Скопје, односно 82 % од населението ќе биде опфатено со услуга за третман на отпадна вода до 2045 година.

 

ПРОЕКТИ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ - УНДП МАКЕДОНИЈА

Во областа на активностите за сензибилизација на јавноста за проблемите со управување на водата, за поздравување е проектот „Вода за сите“. Тоа е дел од Програмата за развој на Обединетите нации, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Целта на проектот е да помогне да се заштити локалното население од поплави, да се заштити локалниот биодиверзитет, да се заштитат флората и фауната од загадување, но исто така да се обезбеди просперитет за илјадниците земјоделски семејства чии животи и живеалишта зависат од водите на сливот.

Го препорачувам краткиот филм, полн со интересни информации: https://www.youtube.com/watch?v=lPzlmhhpo_w

Во рамките на проектот за одржлив развој е и филмот „После дождот“ на Биљана Илиева, прв македонски документарен филм кој се занимава со климатските промени. За повеќе информации може да се погледне следниов линк: http://www.eurasia.undp.org/content/rbec/en/home/ourwork/environmentandenergy/successstories/after-the-rain---new-documentary-about-women-coping-with-climate/

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top