Општество
ХЕЦ КОЗЈАК – ПРОИЗВОДСТВО НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА И НАМАЛУВАЊЕ НА ШТЕТИТЕ ОД ПОПЛАВИ


Водните сили на Треска одамна го привлекувале вниманието на техничката интелигенција и на стопанствениците. Општа студија за искористување на водите на Треска на излезот од кањонот близу до Скопје е изработена во 1930 година, а до реализација на проектот за браната и за хидроцентралата „Матка“ дошло во периодот од 1935 до 1938 година од академик проф. Милан Печинар.
Со среднорочниот план за развој на Р. Македонија и Програмата за изградба на електроенергетски објекти 1983 – 1990 година, изградбата на Хец „Козјак“ е утврдена како приоритет веднаш по изградбата на ТЕ „Битола“.
Во Студијата за регулација и контрола на реката Вардар, изработена од „Норконсулт“ - Норвешка во 1969 година за потребите на Обединетите нации, а во рамките на Програмата за развој, со изградбата на браната „Козјак“ се предвидени два корисни ефекти:
-корист од смалувањето на штетите од поплави,
-производство на електрична енергија.
За реализацијата на активностите за инвестициско-техничката документација, при Електро Скопје се формираше Сектор за инвестиции и градба на извори. Директор на тој Сектор беше м-р Никола Поповски, кој е директен учесник и носител на главниот проект камено - насипна брана со сите геомеханички, геолошки, хидролошки и лабораториски испитувања. Ова се неговите искажувања за тогашните активности.


Временските услови на локацијата беа променливи, со силен дожд и со грмотевици, а единствен спас ни беа колибата и бачилото на чичко Фејзи, каде што бевме нагостени со домашна матеница. Патот беше во многу лоша состојба и поради тоа се обративме до Нишката воена команда да ни префрлат со нивен хеликоптер на локацијата Козјак голем контејнер како засолниште и заштита од невреме.

Прво што направивме е попис на целокупната документација. За Хец „Козјак“ истраги на теренот се вршени во неколку фази, од 1965 до 1979 година и од 1981 до 1986 година.
Во текот на теренските истраги и проектирањето, а во интерес на сигурноста и на безбедноста на објектите, користени се искуства и сознанија кои ги има современата наука кај нас и во светот за изградба на ваков тип објекти.

Избор на тип брана
За преградното место Козјак решено е да се примени тип камено - насипна брана со глинено јадро како најповолен тип од аспект на сигурност од разгледуваните типови брани. За овој тип се изјаснија најеминентни стручни лица од поранешна Југославија, наши академици, ИЗИИС, професори од Градежниот, од Електро, од Машинскиот факултет итн.

м-р Никола Поповски, поранешен директор на Секторот за инвестиции и градба на извори при Електро Скопје

Теренските работи се одвиваа многу отежнато. На терен се одеше внимателно бидејќи имаше многу змии – поскоци и обврска беше да носиме инјекции против отров, но имаше и големи одрони на карпи од испитувањата што се преземаа со минирање.



Изработка на главен проект

Врз основа на добиените резултати од теренските и од лабораториските испитувања од страна на ЕМО - Охрид изработен е главен проект за сите објекти на Хец „Козјак“. Главни носители на теренските и на лабораториските испитувања беа Геолошки завод – Скопје, Градежен институт Македонија и ИЗИИС – Скопје.

Ревизија на главниот проект
На 27.2.1990 година во Енергопроект - Белград се изврши ревизија на целокупната документација за Хец „Козјак“ со краен заклучок дека објектот е спремен за започнување со градба. По обезбедување на средствата за изградба, на 31.8.1994 година, Претседателот на Р. Македонија Киро Глигоров го постави камен - темелникот за изградба на Хец „Козјак“.
Пуштањето на работа на Хец „Козјак“, односно првото полнење на акумулацијата беше во декември 2003 година.
Браната и хидроелектраната „Козјак“ се наоѓаат на реката Треска приближно 25 км спротиводно од нејзиниот влив во Вардар и околу 16 км спротиводно од постојната брана „Матка“, на 45 км од Скопје. Браната овозможува вкупно акумулациски простор од 550 х 106 м3 вода, од кои 260 х 106 м3 е користен простор, а 100 х 106 м3 неприкосновен ретенционен простор и 190 х 106 м3 вода мртов простор.
Скопје и скопското подрачје низводно за последниве сто и повеќе години било поплавувано во: 1885, 1916, 1935, 1937, 1962 и 1979 година.

  


ВОДАТА И АРХИТЕКТУРАТА 

ОСОБЕНО E ВАЖНО ПОВТОРНО ДА БИДЕ ОТВОРЕНА ТЕМАТА НА ВОДАТА/РЕКАТА И ГРАДОТ

Водата е еден од од највосхитувачките „елементи“ во универзумот, застапена на секое ниво и мерка – од вселенска до атомска. Покрај тоа што е биолошка основа на живите битија, во антрополошка смисла, тесно е поврзана со човековата еволуција и со развојот на цивилизацијата. Долгото патување од предисторијата до совремието може да биде согледано и само преку набљудување на местото и на улогата на водата каде што една од најсуштествените транзиции на човекот од ловец-собирач кон земјоделец произлегува токму од искористувањето на водата за култивирање на земјата. Безмалку сите поважни цивилизациски средишта „прегрнуваат“ водна површина: Каиро е на делтата на Нил, Рим на бреговите на Тибар, Париз на Сена, Лондон, Њујорк, Лос Анџелес, Сиднеј, Хонг Конг, Токио и други градови го должат развојот на фактот што се лоцирани на бреговите на големи водни басени.
Скопје, градот на Вардар, како главен демографски, индустриски и економски центар на Република Македонија по повеќе основи можеме да го посочиме како пример кој ги покажува предизвиците кои произлегуваат од потребата за постојано критичко промислување на нашиот однос кон водата. Во таа смисла, еден од најзначајните инфраструктурни потфати од периодот на постземјотресната обнова е проектот за регулација на реката Вардар. Од денешна перспектива регулираниот кеј, сфатен како систем од континуирани масивни кејски ѕидови (кои несомнено се покажале ефикасни во заштитата на градот од поплави во повеќе наврати), како последица доведе до драматично исчезнување на препознатливиот пејзаж на реката.
Ако се навратиме на низата архивски записи на планската и на фотографската документација од крајот на 19 и почетокот на 20 век гледаме дека пејзажот на речниот коридор на Вардар бил дијаметрално различен од состојбата по регулацијата. Во формирањето на сликата на градот од тоа време учествувале природно-променливата широчина на речното корито, разноликоста на живописниот геолошки и вегетален седимент во внатрешноста на речниот коридор (фамозните песочни плажи и сенките од врбите на Вардар), различните употреби на просторот по должина на бреговата линија, заклучно со јасниот однос на архитектонскиот и на јавниот простор на градот кон бреговите на реката.
Вардар денес, притиснат меѓу кејските ѕидови, има повеќе карактер на испустен канал отколку на река.
За дополнително влошување на работите придонесува и повеќедецениската претерана и несовесна експлоатација на реката за нетретирано испуштање на отпадните води од индустријата и од домаќинствата, проследено со мала или никаква грижа за речниот екосистем. Исто така нередовното отстранување на речните наноси, спонтаните деформации на речното дно како последица на варијациите на водостојот, несправувањето со стихијно нараснатата вегетација, а во последно време и неодговорните и опасни градежни интервенции во самото речно корито или во негова непосредна близина придонесуваат за континуирана деградација на реката Вардар и нејзиниот екосистем.
Поттикнати од неопходната потреба да одговориме на нараснатите еколошки проблеми, за идниот развој на градот Скопје е од особена важност што поскоро повторно да биде отворена темата на водата/реката и градот. Јасно зголемениот интерес на граѓаните на Скопје за користење на коритото на Вардар за рекреативни цели, благодарение на елементарната, но функционална инфраструктура на трим-патеката, се добра иницијација за цел спектар на потенцијали кои можат да придонесат за темелно редефинирање на односот кон речното корито.

д-р Јован Ивановски, доцент на Архитектонскиот факултет, Скопје

Што се однесува до идеите како да се развива овој значаен градски простор, упатно е на процесот на планирање да му се пристапи со големо внимание и стручност и тој да биде што е можно поинклузивен. Преку ангажирање на сите расположливи човечки потенцијали – од управните органи и планерските претпријатија преку архитектонските и дизајнерските практики, па сѐ до здруженија на ангажирани граѓани – треба да се искористи сечија креативност која е во насока на генерирање алтернативни проекции за просторот кои како своја крајна цел ќе ги имаат потребите и желбите на сите корисници на реката/градот. Само со таков, демократски пристап во планирањето може да се создаде „нова понуда“ за развој на реката Вардар, а чија крајна цел ќе биде повторното „спуштање“ на Скопје кон просторот кој отсекогаш му припаѓал. 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top