Општество
ВО МОМЕНТОВ НАЈГОЛЕМ ПОТРОШУВАЧ НА ВОДА Е СЕКТОРОТ ЗА НАВОДНУВАЊЕ



Според хидрогеографските услови во Република Македонија има четири речни сливови и три големи природни езера, од кои најголем дел се формираат преку врнежи. Земјава не е богата со површински води (околу 3 000 m3/жител) и тие најмногу зависат од врнежите. Поради морфолошката, хидрогеолошката и хидрогеографската структура на релјефот, водата од врнежи и од стопен мраз брзо се влева во хидрографската мрежа и истекува надвор од земјата. Само карстните подрачја се издвојуваат од оваа општа слика, каде што водата се задржува во земјата подолги периоди и повторно ги полни истечните води од речната мрежа. Вкупно расположливите количини на површински води на годишно ниво се проценуваат на 6 372 милијарди m3.

Во согласност со вкупната побарувачка за вода, од страна на корисниците, во моментов најголем потрошувач на вода е секторот за наводнување со 46 %, минимум прифатлив проток[1] со 28 %, потоа индустријата со 14 % и населението и туристите со 12 %.

Побарувачката за вода од речните сливови е следнава: реката Вардар 79 % од целокупната побарувачка на вода, сливот на реката Црн Дрим 12 % и сливот на реката Струмица 9 % од целокупната побарувачка на вода. Околу 60 % од водата за пиење се добива од карстни извори, 20 % од површински води, а 20 % од подземни води.

Вкупната годишна потрошувачка на вода за комунални и за индустриски сектори во Република Македонија е 581.8 милиони m3. Речиси половина од тоа (49,3 %) се користи за индустриски цели, вклучувајќи го и рударството.

Во поглед на степенот на изградена канализациска мрежа и капацитети за третман на отпадни води, земјава заостанува во споредба со инфраструктурата за снабдување со вода. На национално ниво, канализациската мрежа опфаќа 1 239.1 km цевководи.

Од вкупниот број живеалишта – 697 529 (попис 2002 година), 65 % се поврзани со јавниот канализациски систем, додека 21 % од живеалиштата имаат септички јами, а останатите 12 % неконтролирано ги испуштаат отпадните води. Во моментов, постројки за третман на урбани отпадни води има само во 6 агломерации со над 10 000 жители. Три од нив се лоцирани на брегот на трите големи тектонски езера: Охрид, Преспа и Дојран, кои се со највисок приоритет во поглед на заштитата на природата.

Заеднички проблеми кои влијаат на квалитетот на водата за пиење во малите водоснабдителни системи се недостигот на заштитни зони и огради, застаренaта и оштетена водоводна мрежа, нередовното хлорирање на водата за пиење и несоодветното пречистување на водата.

ЗА ПОСТОЈНАТА СОСТОЈБА НА УПРАВУВАЊЕТО СО ВОДИТЕ – Илбер Мирта, раководител на Секторот за води во Министерството за животна средина и просторно планирање

Што се однесува до собирањето и до третманот на отпадни води, во рамките на Директивата за третман на урбани отпадни води, предвидени се 65 агломерации. Најголема агломерација е Скопје кој, вклучувајќи ги и општините во предградието, има околу 882 000 ЕЖ. Меѓутоа, агломерациите не се целосно идентификувани и се засноваат на истражувања за време на спроведувањето на ИПА проектите за секторот води.

 

Плански документи Во согласност со Законот за води треба да се донесат три вида плански документи, и тоа: национална стратегија за води за период од 30 години, водостопанска основа за период од 20 години и планови за управување со речни сливови на секои шест години. Во 2012 година е изработена и донесена Стратегијата за води. Во Стратегијата детално се анализира состојбата на површинските и на подземните води со цел да се утврдат неопходните цели и мерки. Состојбата се третира од три различни аспекти: состојба на користењето на водата, состојба на обученост во врска со водата и заштита од штетни влијанија на водата, и состојба на водата и квалитет на екосистемот.

Управување со речен слив Новиот пристап кон управувањето со води утврден со Рамковната директива за води и Директивата за поплави бара водите да се оценуваат и да се управуваат на ниво на речни сливови наместо според географски или политички граници.  

Планови за управување со речни сливови (ПУРС) Во 2012 година беше подготвен План за управување со речниот слив на Преспанското Езеро и во тек е подготовката на ПУРС за реката Брегалница, притока на реката Вардар, исто така за речниот слив на Струмица и преку проектот ИПА TAIB09 започна подготовката на иницијалните елементи за карактеризација на ПУРС за Вардар.

Идентификувани недостатоци во областа и потреби за подобрување

Спроведувањето на Рамковната директива за води во Република Македонија е во рана фаза и се спроведени само неколку обврски. Неопходно е во периодот што следува да се посвети посебно внимание на спроведување на законодавството за управување со водите, особено преку донесување планови за управување со речен слив (ПУРС) и спроведување на мерките предвидени во нив.

Капацитетите на МЖСПП, како и на единиците на локалната самоуправа не се доволни за да се спроведат обврските кои произлегуваат од Законот за води. За да се постигне добра имплементација на Законот, потребна е доволна административна структура како на централно, така и на локално ниво. Покрај тоа треба да се земе предвид дека Законот за води воведува сосема нов пристап во управувањето со водите во Република Македонија, што само по себе бара системски пристап во воспоставување на структурите. Потребно е воспоставување на силен административен центар кој ќе ја олесни соработката во управувањето со водите со сите инволвирани страни, вклучувајќи ги надлежните министерства и институции, од една страна и операторите, од друга страна. Дополнително е неопходно формирање институција која ќе ги покрие недостатоците во стручната и научна подготовка на ПУРС, која засега не е добро обезбедена.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top