Општество
КОЛКУ Е ВАЖНА ВОДАТА ШТО ЈА ПИЕМЕ ЗА НАШЕТО ЗДРАВЈЕ?


Човечкото тело во најголем процент се состои од вода, а тој варира во зависност од возраста. Секое живо суштество има потреба од вода за да функционира правилно, таа е незaменлива основа на сите телесни течности. Телото има потреба од вода за речиси сите свои функции, за да ја ресорбира храната и да го елиминира отпадот, но и покрај тоа што на планетата Земја водата е застапена со 70 %, сепак е докажано дека луѓето не ја консумираат во доволни количини.

Наспроти тоа се користат газирани пијалаци, кафе, алкохол, енергетски пијалаци, а сите тие предизвикуваат дехидрација на организмот. Кога не се пие доволно вода бубрезите и црниот дроб не можат правилно да се „исплакнат“, тогаш дебелото црево нема правилна перисталтика и со тоа се задржуваат токсините во телото. Така отпадот останува долго во организмот и има доволно време да ги апсорбира токсините повторно назад во крвотокот и до секој орган во телото.

Водата од чешма се смета за безбедна за пиење доколку се применуваат сите мерки за нејзино прочистување. Но, водата за пиење често може да содржи арсен, флуор, хлор и мноштво други штетни токсини. Некои луѓе се чувствуваат безбедно ако пијат флаширана вода, но и тоа не е толку едноставно затоа што постои опасност од присуство на хемикалии кои потекнуваат од самата амбалажа која е претежно пластична. При изработка на пластичните шишиња се додаваат низа токсични хемикалии кои ги подобруваат особините на пластиката, но тие се присутни и по завршување на процесот на производството. Тоа значи дека овие хемикалии се ослободуваат во содржината на шишето, особено ако амбалажата била изложена на големи температурни разлики. Потребно е секогаш да се чита етикетата затоа што дури и во индустријата за флаширање вода постои ризик од измама. Најдобро е потрошувачите да се информираат дали се почитуваат стандардите за безбедност на водата.

д-р Сузана Андонова, национален проект координатор и одговорно лице за САИЦМ (SAICM) – Стратешки пристап во меѓунардното управување со хемикалии

Водата е чудесен еликсир кој може да нѐ одржи дури и ако никогаш не пиеме ништо друго. Препорачувам да се консумира прочистена филтрирана вода, секогаш кога е тоа е изводливо, да се избегнува флаширана вода во пластична амбалажа, пожелно е да биде во стаклено шише, како и да се внимава на потеклото на водата – од кое поднебје и од кои извори се полни.

 

Кои се токсичните хемикалии кои често можат да се најдат во водата што ја пиеме и претставуваат закана за здравјето?

Бисфенол А, познат како БПА. Тоа е соединение што ги имитира хормоните во нашето тело, односно има псевдохормонско дејство, па со тоа предизвикува хормонски нарушувања како што се: преран пубертет на 8 до 10-годишна возраст, хермафродитизам, гинекомастија – растење гради кај машките деца, а се поврзани со различни здравствени проблеми како што се рак на дојка и рак на простата и намален број на сперматозоиди.

Жива Изложеноста на живата може да предизвика тремор, психотични реакции и суицидални нагони.

Олово Овој токсичен метал може да предизвика заболување на крвта, мозокот и може да го нападне нервниот систем.  

АрсенАрсенот е многу токсичен тежок метал, класификуван од страна на Меѓународната академија за истражување на ракот (IARC) како Категорија 1 канцерогена, што значи дека е дефинитивно причинител на рак. Прифатлив стандард за присуство на арсен е 10 делови на милијарда во водата од чешма.

ДЦПА (DCPA) Диметил тетрахлоротерефталат е хербицид кој се користи за заштита од плевел, од коров кај јагодите, бостанот и краставиците.

Полихлорирани бифенили (ПХБ) Класа на органски соединенија кои предизвикуваат хормонски нарушувања, кожни промени и проблеми со уринарниот тракт.

Диоксин Диоксинот е органско перзистентно соединение, една од најштетните хемикалии која ја зголемува веројатноста за појава на канцер.

DDT Органско соединение кое перзистира во животната средина со децении, без да се распадне, се користи како инсектицид во борбата против маларичниот комарец поради ерадикација на маларијата. Најчесто го поврзуваат со дијабетесот и со канцерот.

Перхлорат Се користи како оксиданс во ракетните горива и во експлозивите.

Хексахлорбензен (HCB) Пестицид од групата на перзистентни органски полутанти кој може да го наруши хормонскиот систем и да предизвика канцер.

Флуор Една од најпознатите токсични супстанции што ги знаеме, а сепак се наоѓа во речиси сите брендови на паста за заби. Денес можете да најдете флуор во флаширана вода, па дури и во некои бебешки препарати. Водата од чешма е, всушност, флуорирана, што значи дека е додадена на водата и покрај тоа што е речиси исто така отровен како арсенот и повеќе токсичен од оловото. Поради својата токсичност, флуорирањето на водата во некои земји е забрането.

ХлорСе додава во водата за да се уништат одредени патогени бактерии. При внес на поголеми количини хлор во организмот, тој се врзува со други органски соединенија при што како нуспроизвод се добива трихалометан. Овие нуспроизводи го активираат производството на слободни радикали во телото и можат да да предизвикаат сериозни оштетувања на клетките.

Оваа листа не е исцрпена. Постојат многу други токсини за кои се знае дека се потенцијален ризик за човековото здравје, а кои можат да се најдат во јавните водоводи. Некои од нив можат да се појават случајно, а некои се регулирани со закон според кој се внимава на максимално дозволените концентрации, иако се знае дека можат да бидат штетни. Најчесто нивната количина е незначителна и недоволна да предизвика сериозни оштетувања или заболувања, но опасноста од долготрајни ефекти е присутна особено при редовна консумација на еден ист производ со исто потекло. Други начини на навлегување на хемикалиите во водата се медицинскиот отпад, пестицидите во подземните води итн.

Дали овие хемикалии се однесуваат на Македонија и ако не тогаш каква е состојбата кај нас?

Хемикалиите што ги спомнувам ги има во секоја земја, проблемот е глобален. Кај нас состојбата не е доволно истражувана и потврдена, но има индиции поради кои треба да сме претпазливи. Неопходно е да се подобрат мерките за заштита и за превенција од понатамошно загадување.

Кои се опасностите од консумирање недоволно безбедна вода?

Токсичните хемикалии можат да предизвикаат оштетувања на мозокот како намален коефициент на интелигенција, Алцхајмерова болест и деменција. Според една научна студија во Институтот за јавно здравје во Њу Џерси забележана е почеста појава на рак на коските кај момчиња и тоа за два до седумпати повеќе од популацијата која не пие флуорирана вода. Изложеноста на токсичните хемикалии во водата се поврзува со намален имунитет, вродени дефекти и дури и пренатална смрт. 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top