Општество
СÈ Е ИСТО САМО НЕА (ЌЕ) ЈА НЕМА...

Зоран Јовановски
25.06.2016


Брегзит ја менува историјата на светот. Коментарите што досега ги читавме се однесуваа на првичните ефекти, но што всушност треба да се очекува на подолг рок, политички и економски, во Велика Британија, ЕУ, Македонија?

Велика Британија

„Ние од Островот нема никогаш да се откажеме од фунтата и од ликот на кралицата на неа, затоа што тоа е незаменлив симбол на независноста“ е нешто што сум го слушнал многу одамна. Ова сознание ми помагаше полесно да разберам зошто Британија одлучи да не влезе во еврозоната, како дел од севкупната резервираност на британците за целосно и безусловно приклучување кон европскиот проект.

Политички, исходот на референдумот носи ризик за Велика Британија, што не е занемарливо мал. „Од Велика Британија до мала Англија“ е најимпресивниот наслов што го видов деновиве, а се однесуваше на текст во Њујорк Тајмс објавен пред референдумот. Британија се соочува со ризик да не остане во границите што ги знаеме, бидејќи шкотланѓаните на референдумот искажаа силна волја за останување во ЕУ. Логично е да се очекува дека таа волја шкотланѓаните ќе сакаат да си ја искажат и на нов референдум за останување или излез од Велика Британија.

Ќе биде интересно да се види како ќе биде во иднина перцепирана Велика Британија во очите на другите. Несомнена економска и политичка сила, таа досега уживаше перцепција на моќен дел од силен блок каков што е ЕУ. Но, сега Брегзит ја мати водата. Поединечно објективно послаба од САД, ЕУ и некои други глобални фактори, Велика Британија ќе мора да си гради нов, обновен индивидуален идентитет во меѓународните односи, ризикувајќи притоа да биде перцепирана повеќе како економски, одошто геостратешки играч.

Економски, веќе видовме некои од очекуваните краткорочни последици од Брегзит, остар пад на фунтата, пад на вредноста на акциите, итн. Точно е дека еден ден после Брегзит фунтата значително падна и тоа на ниво што е најниско од 1985 година наваму, но тоа е емотивна реакција. Историски, видени се и поголеми процентуални падови на фунтата, каков што беше оној од околу 25% во 1992 година, кога Велика Британија го напушти Европскиот механизам на девизни курсеви. На краток рок, губењето на вредноста на фунтата ќе значи ценовно поконкурентен извоз на британски стоки, но истовремено ќе значи дека ќе биде поскап увозот на странски производи во Британија. Поскапиот увоз носи ризик од увезена инфлација и подоцна интервенција на Банката на Англија преку зголемување на каматната стапка. Тоа понатаму значи поскапи кредити, помала кредитна активност и забавен економски раст. Во едно попесимистичко сценарио не би исклучил и можна рецесија.

Гледано долгорочно, најсериозната економска последица од Брегзит за британците е губењето на досегашниот пристап до единствениот пазар на ЕУ. Да подвлечеме, на референдумот британците одлучија да го напуштат (иако тоа нема да се случи веднаш) пазарот на ЕУ на кој продаваат околу половина од целокупниот свој извоз. Ако до истекот на рокот од две години, за преговорите за излез на Британија од ЕУ, не биде постигнат некаков преференцијален договор за трговската размена меѓу овие два субјекти, тогаш трговијата ќе се одвива според правилата на Светската трговска организација, а тие даваат можност за воведување на давачки за увоз на стоки од Британија, што трајно ќе го поскапи британскиот извоз.

Но, не е само тоа. Кога инвеститорите одлучуваат дали да инвестираат во некоја земја, битен елемент при изборот на земјата е дали таа земја овозможува пристап до поголем пазар. Сознанието дека Британија веќе нема да ја има истата позиција и пристап до единствениот пазар на ЕУ веројатно на подолг рок ќе делува обесхрабрувачки за инвеститорите. Намалените инвестиции неповолно ќе се одразат и на продуктивноста на британската економија, што пак ја прави помалку светла нејзината долгорочна перспектива. 

Веројатно е дека ќе дојде и до одредено преобликување на мапата на финансиските пазари. Центарот на кружницата не може да биде надвор од кружницата, па така не изгледа логично да се очекува Лондон да остане финансискиот центар на ЕУ. Се разбира, не преку ноќ, но низ годините дел од сјајот на Лондонски Сити ќе се префрли во континентална Европа, сериозни кандидати се Луксембург, Франкфурт и Париз. Треба да се има предвид дека финансиските услуги се важни за растот на британската економија.

Се разбира, Велика Британија ќе сака максимално да го забави процесот на излегување од ЕУ. Премиерот Камерон не ја направи веднаш ефективна својата оставка, туку тоа ќе се случи дури во октомври, а дури потоа идниот премиер ќе ја иницира постапката за преговори за излез.

Во целина набљудувано, референдумот покажа дека мнозинството британци сака да ја сочува целосната контрола на своите граници и за тоа се подгтвени да ја платат економската цена, која е неизбежна, но мислам на подолг рок не и катастрофално висока.

ЕУ

Во 2015 година, на Германија, Велика Британија и Франција заедно отпаѓаа 53,1% од вкупниот БДП на ЕУ-28. Притоа, само Велика Британија, со БДП од 2.569 милијарди евра (за споредба, македонскиот БДП е околу 9 милијарди евра) имаше учество од 17,5% во вкупниот БДП на ЕУ-28. Заклучокот е едноставен, Велика Британија беше еден од трите столба на ЕУ.

Политички, Брегзит покажа дека кај граѓаните во светот постои растечка нетрпеливост кон естаблишментите. Постои чувство кај обичниот граѓанин дека е заборавен и тоа не треба да се потценува. Веќе станува излитена констатацијата дека десницата, и тоа онаа подесната, не многу толерантна, којашто тлее веќе извесен период на повеќе пунктови ширум светот, добива ветер во едрата. „Контра естаблишментот“ битката е на одреден начин олицетворена и во кампањата на Доналд Трамп и ќе биде интересно да се види колку приврзаници ќе има ваквиот пристап на претседателските избори во САД при крајот на годинава.

После Брегзит, една работа ми изгледа јасна, а за втората се надевам дека ќе се случи. Ми изгледа јасно дека раководството на ЕУ во Брисел го согледа ризикот од домино ефект за излегување од ЕУ. Затоа, разбирливи ми изгледаат јавно искажаните иницијални заложби на челниците од Брисел процесот на раздружување да започне што побрзо. Она од што веројатно се плаши естаблишментот во Брисел е граѓаните во останатите земји од ЕУ да видат дека на Велика  Британија и не и така лошо (во двете години кога ќе треба да се преговара излезот) по референдумот за излез од ЕУ. Да не заборавиме дека во 2017 година ќе има избори во  Холандија (во март), во Франција (во април) и во Германија (есента). Сепак, со тоа што овие земји се веќе во евро зоната, мислам дека тие веќе еднаш ја надминале резервираноста што цело време „ја мачеше“ Велика Британија и ќе треба некоја поголема „мотивација“ за да се одлучат да ја напуштат ЕУ. Затоа, во целина набљудувано, излезот на Велика Британија е сепак помало изненадување одошто тоа би бил случајот со земја членка на еврозоната.

Она што се надевам дека конечно ќе се случи е прифаќање на сознанието дека е потребна темелна реформа на ЕУ којашто ќе овозможи нејзина долгорочна одржливост. Знаеме дека согласно екомската теорија, еврозоната не е оптимална валутна зона. Да се има еврото како заедничка валута, а парцелизиран фискален систем, е долгорочно неодржливо решение затоа што фискалната дисциплина очигледно не е нешто што сите членки подеднакво го перцепираат како неопходна алка во економските политики. Таквото двојство перманентно го поткопува кредибилитетот на еврото. Ќе видиме дали излегувањето на Велика Британија, која секако немаше намера да влезе во нешто такво, ќе го олесни и забрза патот кон зголемена и суштинска политичко-економска интеграција на земјите од ЕУ, што во конечниот облик треба да биде федерација.

Економски, интересен е фактот дека вредноста на акциите на берзите ширум светот генерално падна повеќе одошто во самата Велика Британија. Тоа покажува дека Брегзит создаде економска неизвесност која што ги надминува границите на Велика Британија и ЕУ. Глобалните економски играчи неизбежно ќе направат ревидирање на економските проекции и планови за нивно идно географско позиционирање.

Македонија

Политички, потенцијално најголемата штета за Македонија од Брегзит е евентуалното уште поголемо одолговлекување на процесот на нашето приближување и влез во Унијата, независно од статусот на решавање на отвореното прашање со Грција. Кој да мисли сега на проширувањето кога треба да се обезбеди заедничкиот опстанок на преостанатиот дел на ЕУ?

Дополнително, Брегзит им вбризгува ентузијазам и на евроскептиците во Македонија. Како противтежа, приврзаниците на евроинтеграцискиот процес ќе треба на јавноста да и понудат јасен и прецизен одговор на тезата што неизбежно ќе се појави и ќе гласи: Ако беше толку добро во ЕУ зошто британците одлучија да излезат, тие барем знаат како е внатре, таму беа од самиот почеток. Притоа, некој ќе треба да објасни дека шансите да си обезбедат долгорочна одржливост, економска и политичка, кога се надвор од ЕУ, не можат да бидат исти за Велика Британија и за Македонија.

Економски, не очекувам Брегзит да произведе било што драматично за Македонија. Надворешно-трговската размена ќе продолжи, британските мултинационални компании во Македонија исто така. Туризмот нема да има сериозни последици, бидејќи посетителите од Британија претставуваат само околу 2% од вкупниот број на странски туристи во нашата земја. Ранливоста на македонската економија се генерира од сосема други пунктови.

Она што е во моментов важно за македонската економија е да го издискутираме во еден краток период Брегзитот и да го оставиме настрана. Потоа, повторно да се фокусираме на нашите домашни теми, политички и економски. Изнаоѓањето на решенија за тие проблеми е клучно за иднината на граѓаните и фирмите во Македонија. 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top