Општество
ВНАТРЕ ИЛИ НАДВОР – ПРАШАЊЕТО Е СЕГА!

Горан Петревски
Авторот е Вонреден професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

 


Цела Европа со нетрпение го чека 23 јуни – денот кога Британците треба да дадат одговор на прашањето од милион долари: дали да се остане во Европската Унија (ЕУ) или еднострано да се раскине „бракот“. За жал, не сум пророк и не можам да го предвидам резултатот од референдумот, но она што сите знаеме е тоа дека се работи за судбоносното прашање кое во голема мера ќе се одрази врз иднината на ЕУ. Притоа, ако Британците одлучат да ја напуштат ЕУ, тоа сигурно ќе биде настан на годината (освен ако во меѓувреме Земјата ја погоди комета, ако нè посетат Марсовци или ако мене ми ја доделат Нобеловата награда).
Имајќи предвид дека се работи за прашање со далекусежни последици, сведоци сме на „жешка“ дебата во која се вклучија политичари, бизнисмени, невладини организации, професори итн. На пример, како предводници на „излезниот камп“ се јавуваат личности како: поранешниот министер за финансии Најџел Лосон, Борис Џонсон (поранешниот градоначалник на Лондон), поранешниот министер за образование Мајкл Гоув и основачот на „LIFFE“ Џек Виглсворт. Притоа дебатата излезе и надвор од границите на Британија. Така, за време на посетата на Британија, американскиот претседател Обама отворено се заложи за останување на Британија во ЕУ (ете, тоа е класичен пример на „мешање во внатрешните работи на земјата“). Исто така 13 поранешни државни секретари за одбрана и за надворешни работи на САД потпишаа отворено писмо во кое ја повикаа Британија да остане во ЕУ. Од друга страна, Џон Корнблум, поранешен американски амбасадор во Германија, смета дека за НАТО и за мирот во Европа ќе биде подобро ако Британија ја напушти ЕУ, додека поранешниот претседател на германската централна банка Ернст Велтеке дека тоа ќе биде подобро и за самата ЕУ имајќи предвид дека Британија постојано бара „специјален“ третман. На ова мислење е и професорот Орфанидес кој смета дека дезинтеграцијата на ЕУ ќе продолжи со или без Британија така што евентуалниот брексит („Brexit“) ќе претставува повик за отрезнување.
Основниот политичкиот аргумент за излез од ЕУ е поврзан со демократското право на народот да одлучува за својата судбина. Имено, од политичка гледна точка, најважната политичка разлика меѓу членството во ЕУ и излезот од ЕУ лежи во тоа што Британците можат да ја сменат домашната власт на избори, но не можат да ги сменат или да влијаат врз европските политички тела. Во тој поглед, тенденцијата на ЕУ кон поголема политичка централизација е во спротивност со чувството на идентитет и желбата за суверенитет на британските граѓани. Всушност, како лулка на современата парламентарна демократија и земја со воспоставени стабилни институции, Британија нема што да добие од членството во ЕУ, т. е. нема што да изгуби во случај на напуштање на Унијата. Имајќи ја предвид долгата британска демократска историја, ова прашање има голема тежина за голем број Британци.

КАКО ЛУЛКА НА СОВРЕМЕНАТА ПАРЛАМЕНТАРНА ДЕМОКРАТИЈА И ЗЕМЈА СО ВОСПОСТАВЕНИ СТАБИЛНИ ИНСТИТУЦИИ, БРИТАНИЈА НЕМА ШТО ДА ДОБИЕ ОД ЧЛЕНСТВОТО ВО ЕУ, Т. Е. НЕМА ШТО ДА ИЗГУБИ ВО СЛУЧАЈ НА НАПУШТАЊЕ НА УНИЈАТА. ИМАЈЌИ ЈА ПРЕДВИД ДОЛГАТА БРИТАНСКА ДЕМОКРАТСКА ИСТОРИЈА, ОВА ПРАШАЊЕ ИМА ГОЛЕМА ТЕЖИНА ЗА ГОЛЕМ БРОЈ БРИТАНЦИ

Од друга страна, противниците истакнуваат дека националниот суверенитет е релативна категорија бидејќи Британија е веќе членка на бројни меѓународни организации (НАТО, ОЕЦД, Светската трговска организација, УЕФА итн.) и истовремено таа е потписник на огромен број меѓународни конвенции и договори така што нејзиниот суверенитет е веќе ограничен. Уште повеќе, со напуштањето на ЕУ значително ќе ослаби меѓународната положба и влијание на Британија (која денес не е светска супер сила како во 19 век), а во прв ред земјата ќе ја загуби можноста да влијае врз случувањата во Европа. Со тоа негативните последици ќе се пренесат и на самата Европа, која ќе остане без еден моќен и важен сојузник, па така не само што ќе биде поподложна на внатрешни расправии туку и ќе стане поранлива во односите со Русија. Мрачното сценарио оди дотаму што се предвидува дека излегувањето на Британија во блиска иднина би можело да доведе до распаѓање на ЕУ зашто успешниот британски референдум, проследен со позитивни економски перформанси на „самостојна“ Британија, ќе предизвика серија референдуми во другите земји-членки на ЕУ. Впрочем, овие аспекти се причина зошто референдумот од 23 јуни не е само внатрешно британско прашање. Во остатокот на ЕУ се стравува дека евентуалниот брексит („Brexit“) само ќе го разгори процесот на дезинтеграција на ЕУ (поткопан со должничката криза, слабеењето на еврото и кризата со мигрантите). Затоа се чини дека за остатокот од ЕУ би била прифатлива опцијата на доделување уште поголем „специјален“ третман на Британија како надоместок за стравот на Британците од евентуалната загуба на суверенитетот.
Сепак, централното прашање поврзано со референдумот е поврзано со економските трошоци од напуштањето на ЕУ. Веќе се појавија неколку студии кои имаат цел да „пресметаат“ дали Британија ќе биде нето-добитник или губитник. ММФ предупреди на „големата штета“ за британската економија како последица на напуштањето на ЕУ и ја намали проценката за растот на БДП во 2016 година (но, не и проценката за 2017 година). Истовремено ОЕЦД ја објави „цената“ на евентуалниот брексит („Brexit“): до 2020 година, секое британско домаќинство ќе мора да плаќа „данок“ од 2 200 фунти. Се разбира, овие студии треба да се земат само како интуитивни и многу непрецизни проценки на придобивките и на трошоците од членството во ЕУ. Така, според извештајот на „Опен Јуроп“ („Open Europe“), во периодот до 2030 година британскиот БДП би бил понизок за 2,2 % или повисок за 1,6 %, во зависност од бројни претпоставки. Притоа, во однос на можните економски ефекти од т.н. брексит („Brexit“), се наведуваат различни аргументи. На пример, некои покажуваат со прст на бројните царински и нецарински мерки со кои ЕУ ги штити земјоделските и другите производи. Од една страна, тоа предизвикува потрошувачите да плаќаат повисоки цени на увезените производи во споредба со светските цени, а од друга страна ја искривува британската производна и потрошувачка структура во насока на заштитените производи. Бидејќи Британија е нето-увозник во односите со ЕУ, тоа значи дека таа ги субвенционира извозниците во рамките на ЕУ. Тука треба да се додадат и трошоците поврзани со бројните директиви на ЕУ, кои не само што се одразуваат неповолно врз трговијата туку и предизвикуваат и негативни ефекти врз идниот раст на економијата. Според некои проценки, вкупните трошоци кои ги трпат Британците поради трговскиот протекционизам на ЕУ изнесуваат околу 4 % од БДП.


„Борците“ за напуштање на ЕУ сметаат дека проценките за негативните ефекти на „излезот“ се преценети, истакнувајќи го фактот дека ЕУ има суфицит во односите со Британија (околу 60 милијарди фунти во 2014 година), така што во интерес на ЕУ ќе биде да ја продолжи слободната трговија со „самостојна“ Британија зашто евентуалните трговски бариери повеќе ќе ги погодат европските фирми. Освен тоа, во согласност со трендот на трговска либерализација постигнат во рамките на Светската трговска организација (СТО), просечната царинска стапка во постбрексит (post-Brexit) периодот би била околу 3 % за индустриските производи, па тоа сигурно нема да предизвика намалување на трговијата со ЕУ. Најпосле, дури и ЕУ да одбие да ја либерализира трговијата со Британија, тоа би можело да биде компензирано преку диверзификација на меѓународната трговија, т. е. преку поголема размена со земјите надвор од ЕУ. Всушност, ваквиот тренд е веќе присутен во поново време: во 2015 година 45 % од британскиот извоз заминал во ЕУ наспроти 55 % во 2006 година.
Од друга страна, иако ЕУ има суфицит во размената со Британија, треба да се има предвид дека британскиот извоз кон ЕУ зафаќа 13 % од БДП, додека европскиот извоз кон Британија има скромно учество во вкупниот БДП на ЕУ (само 3 %). Тоа значи дека при евентуална трговска „војна“, Британија би била повеќе погодена од ЕУ, иако, рака на срце, најголемиот дел од британската економија (87 %) не е директно поврзана со ЕУ. Во продолжение, точно е дека во рамките на СТО е либерализирана трговијата, но тоа претежно се однесува на индустриските производи каде што Британија заостанува зад Германија. Меѓутоа, напредокот во либерализацијата на финансиските услуги (силната страна на Британија) во рамките на СТО е многу побавен во споредба со чекорите за изградба на единствениот финансиски пазар во ЕУ. Најпосле, воопшто не треба да се занемари фактот дека по излегувањето од ЕУ еден дел од странските директни инвестиции ќе ја напуштат или заобиколат Британија во полза на некои други земји (на пример, Ирска).
Во секој случај, факт е дека „разводот“ меѓу Британија и ЕУ ќе ја наметне потребата од склучување нов трговски договор. Во тој поглед некои (како Борис Џонсон) сметаат дека тоа воопшто нема да претставува никаков проблем, т. е. за кратко време по напуштањето на ЕУ Британија лесно би можела да склучи договор за слободна трговија според Канадскиот модел. Други, пак, ја споменуваат ЕФТА како можна рамка за продолжување на трговските односи со ЕУ. Од друга страна, противниците на брексит („Brexit“) истакнуваат дека брзото враќање на „самостојна“ Британија во единствениот европски пазар е само фантазија. Всушност, ова прашање е веќе предвидено во член 8 и член 50 од Лисабонската спогодба, кои зборуваат за залагањето за „специјални односи со соседите“. Оттука, по напуштањето на ЕУ, Британија би ја активирала одредбата од членот 50 по што би започнале преговорите за нов договор за слободна трговија кои би траеле од две до десет години.
Без сомнение, најголемите економски трошоци од напуштањето на ЕУ се поврзани со британската финансиска индустрија („Д сити“ (The City)), која традиционално генерира суфицит во размената со ЕУ (72 милијарди фунти во 2014 година) при што тој е поголем од трговскиот суфицит на сите останати британски нето-извозници заедно. Во прв ред, тоа се однесува на фирмите за раководење со имотот (asset management) кои имаат доминантна положба на европскиот пазар (37 % од раководениот имот во ЕУ). Благодарение на членството во ЕУ, британските финансиски фирми имаат можност да ги опслужуваат клиентите во целата ЕУ без обврска да се приспособуваат кон регулативите на другите земји. Имено, според принципот на „европските пасоши“ утврдени со неколку директиви на ЕУ (UCITS, AIFMD, MiFID), британските финансиски фирми продаваат инвестициски фондови, хеџ-фондови, пензиски фондови и осигурителни производи во Европа, која за нив претставува домашен пазар. Во таа смисла, по напуштањето на ЕУ, британските инвестициски фондови нема да имаат пристап на европскиот пазар зашто според Директивата за UCITS, фондовите не можат да имаат седиште надвор од ЕУ. Најпосле, и покрај спојувањето на берзите во Лондон и во Франкфурт, може да се претпостави дека ЕЦБ ќе бара клирингот на хартиите од вредност и дериватите да биде преместен во ЕУ.
Оправданоста на стравот од негативните ефекти врз финансискиот сектор (проценети на околу 1 % од британскиот БДП), т. е. опаѓањето на значењето на Лондон како финансиски центар во полза на Париз и на Франкфурт се манифестира во тоа што токму лондонските финансиски кругови се најгласните поборници за останување во ЕУ. Исто така овој страв веќе се чувствува на финансиските пазари. Така, како одраз на неизвесноста поврзана со евентуалното напуштање на ЕУ, дојде до паѓање на цената на некои финансиски имоти, а од почетокот на годинава фунтата бележи тренд на депрецијација (7 % во однос на доларот и 10 % во однос на еврото).

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top