Општество
БРЕГЗИТ (BREXIT) – ВТОРПАТ

Мирослав Саздовски
@MirkoSlav

 

АНГЛИЈА, ВЕЛИКА БРИТАНИЈА, ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО
Кованицата БРЕГЗИТ (BREXIT), со која е именуван референдумот што треба да се одржи на 23 јуни оваа година за изјаснување на граѓаните (поданиците на кралицата) за излез или останување во рамките на Европската Унија е создадена од Britain (Британија) и Exit (излез) при што, барем формално, и двата збора упатуваат на погрешен семантички заклучок. Прво, дека се работи за Велика Британија, а не за Обединетото Кралство, и второ, дека референдумот ја обврзува Владата за излез од Европската Унија. Такво нешто во Обединетото Кралство има право да го направи само Парламентот поаѓајќи од системот на парламентарен суверенитет на кој почива државата. Овие формалности, иако неважни во политичка смисла, имаат интересна симболика и претставуваат одлична можност да се оформи сликата за моментално најгорливата политичка тема во Европа.
Да тргнеме од тоа кој е кој и што е што во Обединетото Кралство. Веројатно за островската земја најчест термин што во секојдневниот говор се употребува е Англија (England). Англија всушност претставува само дел од големиот остров Британија каде што се наоѓа уште и Шкотска, а двете земји на почетокот на 18 век ја формираат заедничката држава Велика Британија. Притоа, за да бидат работите уште малку посложени, Англија со себе го носи и Велс кој од крајот на 13 век е дел од Англија, но, во моментов, претставува делумно автономна држава во рамките на Обединетото Кралство и која, на пример, има своја фудбалска репрезентација во рамките на Светскиот куп. Како и да е, целата Велика Британија (Англија, Шкотска и Велс) на почетокот на 19 век заедно со Ирска ја формираат новата држава наречена Обединетото Кралство на Велика Британија и Ирска. Подоцна и тоа се менува, па во 1922 година, по одделувањето на јужниот дел од Ирска и нејзиното осамостојување, Обединетото Кралство се преименува во Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Ова и ден-денеска е формалното (долго) име кое скратено се именува само со Обединетото Кралство. Во 1973 година целата оваа гломазна, сложена, но унитарна држава пристапува кон тогашната Европската економска заедница (денес ЕУ) и тоа, поради претходно спомнатиот парламентарен суверенитет, без референдум.

Парламентарци кои јавно се изјасниле по прашањето на референдумот

РЕФЕРЕНДУМ – ПРВПАТ
Тогашната опозициска Лабуристичка партија, предводена од Харолд Вилсон, на парламентарните избори во 1974 година (февруари и октомври) настапува со Манифест во кој се обврзува да организира референдумско изјаснување за тоа дали Обединетото Кралство треба да остане во „Заедничкиот пазар“, како што тогаш ја нарекуваат Европската Унија, или не. На дополнителните избори во октомври лабуристите го освојуваат мнозинството во Парламентот и во 1975 година Обединетото Кралство за првпат во својата историја спроведува национален референдум на кој граѓаните се консултираат за некое прашање. Вилсон и самиот станува дел од кампањата за останување на Кралството во ЕЕЗ и, иако Уставот не го обврзува на тоа (референдумите во Обединетото Кралство се практично консултативни), Харолд Вилсон политички се обврзува дека ќе го почитува и ќе го спроведе резултатот од референдумот. Граѓаните масовно, со резултат 67 % наспроти 33 % од излезените 65 %, го одобруваат останувањето во ЕЕЗ и со тоа завршува првиот политички обид за излез на Обединетото Кралство од Европската Унија. Она што останува е дека политичкиот флерт на лабуристите со членството во ЕЕЗ и референдумското изјаснување како нова форма за освојување политичка наклонетост на Британците им носи значајна политичка предност, а успехот на опцијата за останување на референдумот, и покрај поделената Лабуристичка партија по ова прашање, најмногу се потпира на поддршката за останување во ЕЕЗ која ја дава лидерката на тогашната опозициска Конзервативна партија Маргарет Тачер.


Кризата на левицата од осумдесеттите години на минатиот век започнува со поразот на лабуристите на изборите во 1979 година и со доаѓањето на власт на конзервативката Маргарет Тачер. Токму така, Тачер е истата онаа која со својот политички опозициски габарит го „спаси“ успехот на референдумот четири години претходно, а кој послужи за политички флерт на поделената Лабуристичка партија со граѓаните. Една година по поразот, лабуристите го носат Мајкл Фут на чело на партијата со што и официјално политичката доктрина на лабуристите од левиот центар се поместува радикално лево. Ова е уште повеќе интересно ако се има предвид дека слично вакво поместување имаше изминатава година кога Џереми Корбин ја прегази доктрината „Њу лејбор“ предводена од Гордон Браун, Тони Блер, Ед Милибанд и останатите политички ѕвезди, и ги смести лабуристите повторно во прегратките на радикалната левица. Мајкл Фут тогаш, за разлика од Корбин денеска, соочен со недостаток од автентична доктрина која би создала дополнителна политичка гравитација за Лабуристичката партија, целосно ја радикализира платформата на партијата, што пак предизвикува отцепување на умереното крило и формирање на Социјалдемократската партија. На изборите во 1983 година, Фут се обидува со веќе испробаниот флерт по прашањето на членство во ЕЕЗ да оствари политички пробив. Лабуристите повторно носат Манифест со кој се обврзуваат по евентуалната победа на изборите да го повлечат членството во ЕЕЗ, но овојпат на изборите лабуристите се прегазени од ториевците, а коалицијата меѓу новата Социјалдемократска партија (онаа која се отцепува од Лабуристичката партија) и либералите успева да придобие половина од опозициските гласови. Со тоа лабуристите, преку промоција на крајно левичарската доктрина меѓу која и опцијата за излез на земјата од ЕУ, го доживуваат најголемиот пораз дотогаш. Мајкл Фут веднаш ја напушта лидерската позиција во партијата, а лабуристите, иако прават ревизија на овие политики, сѐ уште калкулираат и флертуваат со позициите на радикалната левица. Ова нивно шаренило подоцна е идентификувано како идеолошка криза на левицата која неколку мандати ги спречува да ги симнат ториевците од власт. Кризата завршува со доаѓањето на Тони Блер на чело на Лабуристичката партија во 1994 година кога се случува големото поместување на левицата повторно кон центарот на политичкиот спектар. Од тој момент лабуристите целосно раскрстуваат со политиката на евроскептицизам и прераснуваат во најголемата проевропска партија во земјата, која од 1997 година, па сѐ до 2010 година ќе ја водат државата токму на крилјата на политиката на интеграција и на прагматизам.



ЕЕЗ ПРЕРАСНУВА ВО ЕУ
Во меѓувреме, во 1993 година, Европската економска заедница го усвојува договорот од Мастрихт при што заедницата се преименува во Европска Унија и суштински од економска заедница прераснува во политичка унија. Овој „апгрејт“ на заедницата отвора ново поглавје на евроскептицизам на островот (и во континентална Европа, но тоа е поширока тема) чии корени можат да се препознаат и во денешната парадигма за излез од Европската Унија. Идејата е дека суштинските промените на Европската Унија, со договорот од Мастрихт, го прават референдумот за останување од 1975 година недоволен и дека, по прераснувањето на ЕЕЗ во ЕУ, потребно е повторно да се прашаат граѓаните на нов референдум дали се согласни за учество во „новата“ унија. Така во 1994 година се формира таканаречената Референдумска партија која инсистира на референдум, како и УКИП „UKIP“ (United Kingdom Independence Party) која директно се залага за напуштање на Европската Унија и „враќање на независноста на Кралството“. На изборите во 1997 година Референдумската партија, на платформата за организирање референдум за преиспитување на одлуката за останување во ЕУ, доживува катастрофален пораз и се распаѓа, но оваа премиса останува да виси во политичкиот дискурс и овогодинешниот референдум претставува резултат токму на таа политичка емоција.
УКИП, од друга страна, останува да постои и во моментов претставува значаен политички фактор во Обединетото Кралство и најсилна политичка опција која го застапува евроскептицизмот. Нејзиниот успех го следи евроскептичното расположение на островот, па така на европските избори во Британија, во 2004 година, УКИП освојува 16,1 % од гласовите и обезбедува значајни 12 места во Европскиот парламент. Со тоа тие се позиционираат како најсилна трета партија во Британија, натфрлајќи го резултатот на Алијансата на либаралите и демократите. Подоцна, на европските избори во 2009 година, УКИП станува втора партија по големина во Европскиот парламент која доаѓа од Обединетото Кралство, за пред неполни 2 години, во 2014 година, да стане прва. Интересно, во овој период со Британија практично суверено владее лабуристичката двојка Тони Блер – Гордон Браун, кои на крилјата на прогресивната и прагматична доктрина го изградија брендот „Њу лејбор“. Почнувајќи од првите национални избори кои ги добиваат во 1997 година, па сѐ до изборите во 2010 година кои ги губат, Лабуристичката партија во три наврати обезбедува стабилно мнозинство во националниот Парламент. За да биде куриозитетот поголем, на националните избори УКИП, која сѐ повеќе доминира на изборите за Европскиот парламент, во ниеден од овие турнуси не успева да обезбеди пратеник во националниот парламент. Со тоа Британците релативно прецизно го исцртуваат нивниот политички апетит, давајќи ја предноста за водење на државата на прогресивната и на прагматична политика на „Њу лејбор“, но во исто време испорачувајќи ја казната за, според нив, пребрзата евроинтеграција на изборите за Европскиот парламент. Таму најпрво доминираат конзервативците за на крајот победата да ја однесат евроскептичните аутсајдери од УКИП. Во овој период се исцртуваат линиите на евроскептицизмот со кои денешната владејачка Конзервативна партија флертува со гласачката јавност.

ИСТОРИЈАТА СЕ ПОВТОРУВА
Со поразот на Џон Мејџор на националните избори во 1997 година завршуваат ѕвездените, речиси две декади на владеење на ториевците, што беше лансирано од страна на Маргарет Тачер уште во раните осумдесетти. По овој пораз севкупната десница во Британија изгледа како раштиман оркестар, па ториевците, чувајќи ја конзервативната доктрина, го оставаат просторот на десен популизам да биде пополнет од новите ултрадесничарски експерименти како што е УКИП. Серијата неуспеси на ториевците започнува со Вилијам Хаг кој доаѓа на местото на Џон Мејџор, продолжува со Јан Данкан Смит за потоа на чело на партијата да дојде Мајкл Хауард во 2003 година. Кризата трае сѐ до изборот на Дејвид Камерун во 2005 година за лидер на Конзервативната партија. Во следните пет години Дејвид Камерун внимателно успева да ги собере остатоците од заморот и заситеноста на електоратот од „Њу лејбор“, а и со благ флерт кон народниот популизам да се наметне како лидер на десничарската јавност. Поради сериозниот пад на лабуристите и заморот од „Њу лејбор“, на националните избори во 2010 година Камерун успева да обезбеди тесна победа и, со преговарачки маневар, да ги оттргне коалициските партнери на лабуристите, либералдемократите и со нив да оформи малцинска влада. Жонглирајќи со тесното мнозинство, Камерун стигнува до изборите во 2015 година за кои релевантните анкети предвидуваат тесна трка меѓу конзервативците и лабуристите предводени од Ед Милибанд. Слично како лабуристот Харолд Вилсон во 1974 година (на почетокот на текстов), Камерун на изборите настапува со обврзувачки Манифест за редефинирање на односите меѓу Британија и Европската Унија и, секако, спроведување втор референдум за останување или за напуштање на Унијата. Овој популистички флерт повторно се покажува за добитен и Камерун успева да обезбеди стабилно мнозинство во Парламентот, исфрлајќи ги и сите радикални експерименти на десницата од игра со што конзервативците на голема врата се наметнуваат како единствена релевантна десница во Британија. Подоцна, повторно исто како Харолд Вилсон, тој го закажува референдумот со што ја исполнува својата обврска, но, повторно самиот тој, иако е иницијатор на референдумот, застанува на страната на кампањата за останување на Обединетото Кралство во рамките на Европската Унија. Слично како и за првиот референдум, партијата делумно се дели по ова прашање со што внимателно се одземаат адутите на ултрадесничарските популистички партии, а сепак се задржува конзервативната матрица на партијата.

СПОРЕД АНГАЖИРАНОСТА НА ПОЛИТИЧКИТЕ И НА ОПШТЕСТВЕНИТЕ АВТОРИТЕТИ КОИ СМЕТААТ ДЕКА БРИТАНИЈА ТРЕБА ДА ОСТАНЕ ВО ЕУ, РЕЗУЛТАТОТ ОД РЕФЕРЕНДУМОТ БИ ТРЕБАЛО ДА Е ИЗВЕСЕН И ЗА ОЧЕКУВАЊЕ Е БРИТАНЦИТЕ ДА СЕ ИЗЈАСНАТ ЗА ОСТАНУВАЊЕ ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Денешниот лидер на лабуристите Џереми Корбин (за него пишувавме опширно во минатите броеви), по падот на Ед Милибанд пред помалку од две години, како цунами ја прегази целата поранешна доктрина на „Њу лејбор“ во левицата и повторно ја смести Лабуристичката партија длабоко во лево. Овој радикален левичар, всушност, потекнува од евроскептичното движење кај лабуристите од деведесеттите години од минатиот век. Пресвртната точка на лабуристите беше дали по прашањето за референдумот ќе ја истакнат својата радикална страна и, како Мајкл Фут во осумдесеттите години од минатиот век, цврсто ќе застанат зад опцијата за излез на Кралството од Европската Унија. Но, и покрај овој радикален бекграунд, Корбин проценува дека по ова прашање подобро е да го следи примерот на Маргарет Тачер за време на првиот референдум. Лабуристите во целост се застанати зад кампањата „Римеин“ (Remain) со која се бара останување во Европската Унија со што лабуристите повторно се враќаат во поход за освојување на неопределените гласачи од центарот. Парадоксално, позициите на лабуристите и конзервативците, на вториов референдум, се практично спротивни од оние на првиот, но и неверојатно прецизни во својата спротивност со позициите во 1974 година кога се одржува првиот референдум.
Во светскиот јавен дискурс, а особено во оној на Британија, референдумот се смета за една пресвртна точка со далекусежни последици. Постојат бројни анализи за економските реперкусии од евентуалниот излез на Обединетото Кралство, политички реперкусии, претпоставки за лавини од други реакции, распади и слично. Секако, во политиката, секоја голема одлука во себе носи историска нишка, но, сепак, предвидувањата за некои апокалиптични сценарија се повеќе производ на политичката фикција отколку што претставуваат веродостојни анализи. Како и да е, според она што досега го анализиравме, ако се цени историскиот аспект, референдумот повеќе претставува политикантско проигрување и мерење на силите на политичките елити во Британија отколку суштинско поместување на политичката доктрина на земјата. Според ангажираноста на политичките и на општествените авторитети кои сметаат дека Британија треба да остане во ЕУ, резултатот од референдумот би требало да е извесен и за очекување е Британците да се изјаснат за останување во Европската Унија.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top