Општество
ДЕНГ СЈАОПИНГ - ПРАГМАТИЧНИОТ ЕКОНОМСКИ РЕФОРМАТОР И ЛИДЕР СО ЦВРСТА РАКА

Мирослав Саздовски
@MirkoSlav

Не е важно дали е мачката црна или бела, важно е да фаќа глувци.“ Денг Сјаопинг

 

КИНЕСКОТО ЕКОНОМСКО ЧУДО
Пред една година, на страниците на „Економија и бизнис“, објавивме текст со наслов „Надежта се сели на исток“. Се работи за глобална економска анализа за долготрајната нулта точка на светската економија, предизвикана од Големата финансиска криза во 2008 година и нејзините последици врз економскиот раст. Во текстот, покрај останатите брзорастечки азиски економии, централно место секако зазема однесувањето на денешната кинеска економија. Минатиот број пишувавме за елементите кои ја формираат нафтената криза (стрмоглавиот пад на цената на нафтата) каде што во неколку наврати однесувањето на кинеската економија се покажа како еден од носечките фактори кои ја детерминираат светската побарувачка за енергенси со силно влијание врз светската цена на нафтата. Некаде кон крајот на 2014 година, според индексот на куповна моќ на ММФ, кинеската економија ја престигна економијата на САД со што Кина стана најголемата економија во светот. Денес светот ја анализира експанзивната фискална политика на Кина, а дебатата е дали се работи за надуван економски балон кој се заканува да предизвика нова светска рецесија или реален економски мотор кој сѐ уште ќе ја придвижува светската економија. На почетокот од оваа година кинескиот јуан стана официјална резервна валута на ММФ. Веројатно можат да се набројат уште стотици примери за успешната економска приказна на Кина, но неспорно сите водат кон општиот заклучок дека кинеската економија, во моментов, е една од најголемите и најважните економски сили во светот. Тоа денес не претставува некој посебен факт или некоја голема новост, но она што е вредно за анализа е патот по кој кинеската држава го постигнува својот развој и од една од најсиромашните земји во светот успева да израсне во економски џин. Пред половина век, Кина е земја со нецивилизирано ниски услови за живот, во која десетици милиони луѓе годишно умираат од глад во услови на беда и на сиромаштија, земја без никаква инфраструктура и економски потенцијал и, најважно, земја пропадната во цврста комунистичката диктатура без надеж за економски и за цивилизациски развој. Модерната трансформација на кинеското општество, пред сѐ реформите на кинеската економија, се врзуваат за името на долгогодишниот политички лидер на кинеската држава Денг Сјаопинг.

СОЗДАВАЊЕ КИНЕСКА РЕПУБЛИКА
На почетокот од ХХ век Кина е соочена со задоцнета ренесанса во која новата елита на млади интелектуалци, предводена од Сан Јатсен, во 1912 година ја формираат Првата Кинеска Република. Овој период на крупна политичка транзиција, со која кинеската држава ги раскинува феудалните стеги од средниот век и прераснува во модерна политичка држава, претставува клучен период во кој се формираат идните интелектуални и политички елити на државата. Денг Сјаопинг е роден во 1904 година, како син на селски земјопоседник, со што од најмала возраст е воспитуван во духот на новото време. По завршување на основното образование, неговата фамилија успева да му обезбеди учество во новата програма „Работи-учи“ со која Денг го продолжува своето образование во Франција. Европа во 20-тите години од минатиот век е под влијание на новиот буржоаски капитализам и претставува врвулица од интелектуални и политички философии, нешто што ќе остават траен белег врз развојот на политичкиот профил на Денг. Имајќи предвид дека неговата програма подразбира размена на работа за образование, Денг е принуден да работи по 16 часа на ден во тешки услови со што директно на своја кожа ја чувствува тешката состојба во која се наоѓа работничката класа во почетната фаза на капитализмот во Европа. Во Париз Денг се поврзува со бројни работнички и комунистички движења, а клучен момент во неговиот политички развој претставува поврзувањето со Кинеското комунистичко движење во Париз каде што се запознава со идните најголеми комунистички политичари меѓу кои е и Жоу Енлаи кој подоцна долги години ќе биде втор човек во кинеската комунистичката администрација на Мао Цетунг. Жоу и Денг одреден период во Париз работат заедно како одговорни за комунистичката пропаганда, а нивното пријателство ќе се покаже клучно во опстојувањето на Денг во политичкиот живот на Кина. Способноста, а особено прагматизмот на Денг се клучни во неговиот брз политички раст и набргу во 1924 година тој станува еден од главните членови на Европскиот оддел на комунистичката младина на Кина. Во 1926 година Денг оди во Москва каде што ги започнува своите студии, но во 1927 година се враќа во Кина каде што се приклучува во сега веќе нараснатите судири меѓу левите комунисти и десните националисти, кои претходно заедно ја формираа Новата Кинеска Република. Сѐ до 1934 година, националистите предводени од тогашниот кинески лидер Чанг Кајшек доминираат во судирот, а комунистите се принудени да се повлечат на територијата на т.н. Советска Кинеска Република каде што со помош на руската Коминтерна кинеските комунисти сѐ уште одржуваат некаква власт. Во овој период Денг е директен учесник во граѓанскиот судир и бележи значаен политички раст во рамките на Комунистичката партија. Клучен пресврт во политичкиот развој на Кина претставува таканаречениот „Долг марш“ кога силите предводени од Чанг Кајшек ја опколуваат територијата на која се наоѓаат комунистите и со огромна воена сила се закануваат целосно да ги разбијат. Оваа новонастаната ситуација ги принудува комунистите да ги напуштат териториите кои ги владеат и целосно да преминат во илегала. Самиот марш претставува тригодишно макотрпно патување од околу 9 000 километри, преку непристапни терени, каде што животот го губат безмалку сто илјади припадници на Комунистичката партија. Иако десеткувани, овој марш се смета за главната пресвртница во политичкото и идеолошко поставување на Кинеската комунистичка партија. Идеолошки, Партијата наместо кај работничката класа својата поддршка ја засилува меѓу селското население и набргу ја зацврстува својата позиција во рамките на кинеската држава. Оваа промена, со огромна помош на Денг Сјаопинг и Жоу Енлаи, го сместува Мао Цетунг како водечки лидер на кинеските комунисти, раскрстувајќи со фракцијата која е под директно руско влијание. Сѐ до почетокот на Втората светска војна, кинеската држава е соочена со граѓанска војна која поради инвазијата од страна на Јапонија е времено прекината и двете сили, комунистите и националистите, ги насочуваат своите дејствија против окупаторот. По војната, преку американскиот посредник Џејмс Маршал, се прават последните обиди за помирување меѓу двете политички опции, но оваа иницијатива завршува неуспешно. Граѓанската војна набргу се разгорува при што нараснатата сила на Комунистичката партија успева да ги отстрани националистите на Чанг Кајшек од кинеското копно и тие се преместуваат во Тајван. Така, на 1 октомври 1949 година, се формира Народна Република Кина која до ден-денес претставува комунистичка држава.

МАО ЦЕТУНГ И КИНЕСКАТА „КУЛТУРНА РЕВОЛУЦИЈА“
Оптимизмот од завршувањето на војната се одразува и врз општествениот живот на Кина. Во тој период кинеската држава, иако комунистичка, се отвора кон светот и спроведува економски реформи кои бележат позитивни резултати. Мао Цетунг претставува идеолошки столб на Комунистичка Кина и неприкосновен лидер, додека економските и извршните ингеренции ги доверува на Жоу Енлаи и Денг Сјаопинг. Под нивна палка кинеската економија бележи постепен раст сѐ до 1958 година кога Мао Цетунг го спроведува општествено-политичкиот проект наречен „Големиот скок напред“. Под влијание на руската идеолошка матрица, оваа комунистичка реформа предвидува колективизација на селското население и насилна централизација, индустријализација и урбанизација на државата. Овој експеримент ќе предизвика огромен расчекор во темелите на кинеската економија со што Кина ќе стане една од најсиромашните држави во светот каде што десетици милиони луѓе годишно ќе умираат соочени со беда и глад. Соочувајќи се со економска катастрофа, Мао го поставува новиот претседател Лиу Шаоќи кој заедно со Денг Сјаопинг спроведуваат реформи за враќање на економските постулати пред „Големиот скок напред“. Имајќи предвид дека се работи за прагматични политичари, Лиу и Денг спроведуваат економска децентрализација каде што економските пазарни механизми делумно се дозволени со што се враќа иницијативата за економски раст, особено кај земјоделското население. Оваа реформа е придружена со инвестиции во образованието, интелектуалниот и воопшто општествениот развој. Реформите даваат плод, граѓаните го чувствуваат прогресот, а се разнишува политичкиот авторитет на Мао Цетунг. Некои политички претставници си дозволуваат и јавно да го обвинат Мао за непотребниот експеримент „Големиот скок напред“ и последиците од него што во 1966 година предизвикува силна реакција од страна на Мао и неговата клика на идеолошки приврзаници. Тогаш започнува таканаречената „Културна револуција“ која е претставена како борба за враќање кон комунистичката идеологија и отстранување на буржоаските и империјалистички сегменти во Комунистичката партија и општеството. Се формираат парамилитантни групации, пред сѐ од млади индоктринирани членови на комунистичката младина, кои во стилот на зовриени орди ги палат универзитетите, библиотеките, историското наследство, а воедно спроведуваат линч и терор кон интелектуалците, професорите и, секако, политичките реформатори. Во оваа чистка политички ќе настрада и Денг Сјаопинг, кој само благодарение на близината уште од париските денови со Жоу Енлаи, кој во тој момент претставува еден од најблиските соработници на Мао, го спасува сопствениот и животот на својата фамилија. Иако не загинува, синот на Денг, Пуфанг, е нападнат од младите комунистички сили кои, по долго измачување, го фрлаат (или според некои автори самиот се фрла за да се спаси од мачењето) од третиот кат на универзитетот каде што студира при што останува парализиран во нозете до крајот на својот живот. За разлика од Денг, Лиу Шаоќи поминува многу полошо. Тој е затворен и неколкупати јавно претепуван, чуван без медицинска нега, по што за кратко време умира. „Културната револуција“ на Мао Цетунг се смета за една од најдлабоките рани на кинеската држава, култура и општество, по чие спроведување Кина влегува во цврста комунистичка диктатура од севернокорејски тип.

ПОБЕДА НА РЕФОРМСКИТЕ СИЛИ ВО КИНА
По долги години на сталинистичко владеење, Мао Цетунг, соочен со целосен распад на економскиот систем, омекнува во своите идеолошки ставови и под влијание на Жои Енлаи дозволува повторно воведување реформи за прогрес на кинеската економија. Во 1974 година, Жои успева да договори со Мао политичка рехабилитација на Денг Сјаопинг и тој станува вицепремиер на Жои од прв ранг. Во тој период Мао дозволува со Партијата да владеат две струи: едната предводена од Жои Енлаи, во која влегува и Денг Сјаопинг, и ја претставуваат реформистичката струја која се залага за економски реформи, а другата предводена од неговата сопруга Џијанг Кинг, која заедно со уште тројца високи политички претставници на Комунистичката партија на Кина се наречени „Четворката“ и ја претставуваат идеолошката струја која ја преводеше „Културната револуција“ и која се залага за зацврстување на конзервативниот комунизам. На почетокот на 1976 година Жои Енлаи умира, а како прв вицепремиер Денг требаше да го наследи на функцијата. Сепак „Четворката“, поддржана од Мао, отвора пропаганда против реформистите, особено против Денг, и за нов премиер е избран Хуа Гуфенг, додека Денг е тргнат од сите партиски функции. Кон крајот на 1976 година умира и Мао, нешто што Хуа Гуфенг веднаш го искористува политички да ја дистанцира „Четворката“ и повторно да ги рехабилитира реформистите предводени од Денг. Сѐ до 1980 година Денг стекнува огромна доверба и популарност, пред сѐ во Партијата, со што станува неформален политички лидер на Кина.

ДЕНГ СЈАОПИНГ Е ВЕРОЈАТНО НАЈВАЖНАТА ФИГУРА НА ДЕНЕШНОТО КИНЕСКО ОПШТЕСТВО, ЧИИ УСПЕСИ ДЕНЕС ГИ ЖИВЕАТ 1,5 МИЛИЈАРДИ КИНЕСКИ ГРАЃАНИ

ТЕОРИЈАТА НА ДЕНГ СЈАОПИНГ
Водејќи се од прагматизмот, Денг го воскреснува планот на сега починатиот другар Жои Енлаи, од 1963 година, наречен „Четири модернизации“, кој предвидува четири столба за изградба на модерната кинеска држава. Како прв столб, иако малку спроведлив, претставува индустријализацијата, нешто што повеќе служи како точка на поврзување со Маовата доктрина и идеолошката поврзаност со предизвиците на цврстиот комунизам. Вториот столб претставува земјоделството, каде што Денг ги спроведува клучните реформи на децентрализација на кинеското земјоделство, враќајќи го системот на сопствеништво врз земјиштето кое претходно им беше одземено на земјоделците и воведување на пазарниот механизам за одредување на цените на земјоделските производи, што доведува до воспоставување на претприемачки односи во овој сектор. Третиот столб е националната безбедност, додека четвртиот столб претставува развојот на науката и технологијата со што Денг прави директно спротивставување на политичката доктрина на радикалните конзервативни комунистички струи кои ја предводеа „Културната револуција“. Со последниот столб се отвора можноста за инвестиции во образованието, во науката, се отвора кинеското општество за светските знаења, размена на студенти итн. Оваа општествена трансформација полека прераснува во целосна доминација на пазарните механизми со кинеската економија. Кина дозволува приватна сопственост и надвор од земјоделието и, најважно, се отвора за прилив на странски капитал. Набргу овие реформи носат подобрување на животниот стандард, а популарноста на Денг и неговата доктрина се зацврстуваат во рамките на кинеското општество. За да успеат овие брзи трансформации во дотогаш затвореното кинеско општество, Денг го употребува својот политички прагматизам чија ефикасност повеќе наликува на политички опортунизам. Тој формира сет од принципи кои треба да обезбедат стабилна и долготрајна политичка платформа за остварување на потребните реформи и нивен успех.
Кога пред една година правевме анализа на сингапурското економско чудо, анализирајќи го ликот и делото на Ли Куан Ју, го опишавме успешниот парадокс на политички монотеизам придружен со силен економски плурализам. Успешноста на оваа нова доктрина кај Сингапур, по зборовите на самиот Денг, извршила силно влијание врз реформистите во Кина, особено врз самиот него. Имајќи го предвид дотогашниот развој на кинеската држава, Денг одбива директно да се спротивстави на Маовото учење, туку напротив, внимателно прави трансформација на идеолошките позиции со што обезбедува мирна транзиција на општеството најпрво со својот пример, тој се откажува од политичката одмазда кон конзервативната струја. Промената на политичката идеологија ја спроведува без примена на брутална сила, затвори и политички реваншизам. Натаму тој формира општествена структура на поделба на партиската и на државната власт во неколку моќни центри со што ја разводнува можноста од формирање култ кон одредена личност и воспоставува силни системи на меѓусебна контрола и политичка конкуренција. Тие се наречени „Осум старешини“ и ги претставуваат највисоките функции на Партијата и на државата. Интересно, Денг иако претставува неформален политички лидер, ниеднаш не застанува на чело на ниедна од овие осум функции. Сепак, политичката транзиција се случува за кратко време, а за нејзината успешност на Денг му се потребни принципи кои би биле наметнати на целото општество. Па така, по примерот на „Четирите модернизации“, Денг формира и идеолошка платформа која е наречена „Четири кардинални принципи“. Тоа се: зачувување на основниот дух на комунизмот, зачувување на диктатурата на народот, зачувување на раководството на Комунистичката партија и зачувување на марксистичко-ленинистичкиот принцип и Маовото учење. Она што е клучно во претставувањето на овие принципи е наметнатиот заклучок дека сето она што не е опфатено со овие принципи е слободно за полемика, за критика и може да биде дел од кинеското општество. Всушност, Денг промовирајќи ги релативно конзервативните принципи на голема врата, задржувајќи ја притоа досегашната комунистичка доктрина, странично ги воведува општествените, политичките и економски реформи кои прават силна трансформација на кинеското општество. Овие принципи стануваат основно образовно четиво на универзитетите, на интелектуалните расправи, а стануваат и дел од партискиот Статут и Уставот на државата. Со тоа се отвора патот за економскиот развој на кинеската држава, која во изминативе пет децении прераснува во економскиот џин кој ни е денес познат.
Во кратката, но содржајна историја на XX век, постојат мал број личности за кои може да се каже дека со својата активност ја имаат поместено светската општествена оска. Денг Сјаопинг не само што е еден од нив туку и веројатно претставува еден од најзначајните личности кои оставиле влијание врз светските текови. Но, покрај светското влијание, Денг Сјаопинг е веројатно најважната фигура на денешното кинеско општество, чии успеси денес ги живеат 1,5 милијарди кинески граѓани. Денг умира на 19 февруари 1997 година. Тој останува доследен на својот прагматизам и на негово барање неговите органи се донирани во медицински цели. Остатокот од телото, според кинеските традиции, најпрво е кремирано, а потоа пепелта е растурена низ морето.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top