Општество
ДВЕ МАКЕДОНИИ

Александар Стојков
Авторот е Вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје

Да се пишува во моментов за режимот на девизен курс или за билансот на меѓународни плаќања изгледа во најмала рака како да се покрене дискусија за високите априлски температури среде владина седница. Да се зборува за проблемите во еврозоната, а да се игнорира свирежот и гневот на двете групи протестанти, моментното чувство на неизвесност, безизлезност и бесперспективност, би било премногу брутално потценување на интелигенцијата на македонските бизнисмени и сите останати читатели на „Економија и бизнис“. Во моментов политиката станува најважната детерминанта на секој економски модел за Македонија, а разврската на политичката криза остава траен печат врз нејзината иднина.

Поделена личност
Веќе 15 месеци трае заложничката драма во која економијата е киднапирана од страна на политиката во Република Македонија. Однесена е во непозната насока. Последниот пат е видена во колку-толку добро здравје (реален пораст на БДП од 3,5 %) со скромна облека (БДП по жител од 4 126 евра) и забавен òд (стапка на невработеност од 28 %). Некои од нејзините соседи велат дека долго време била нервозна, проблематична и колеблива. Честопати зборувала и се расправала самата со себе. „Ги има сите симптоми на поделена личност“, велат психијатрите. Таа е нефокусирана и има повремени прекини во меморијата, најверојатно поради силни трауми и континуиран стрес. Многу наликува на дезориентираниот господин Голјаткин во прочуеното дело „Двојник“ на Фјодор Достоевски.
Двете страни на поделениот ум, двете Македонии, повремено гледаат како над нив надвиснуваат сенките од копјата на соседните војски, но некоја чудна Божја сила или рамносилна геополитичка борба на мускули ги чува засега од поголеми зла. Се говори дека и самата Македонија била избезумена и истоштена во борбата за надмоќ меѓу двете Македонии. Едната Македонија барала да влезе по секоја цена во клубот на Европјаните и НАТО, дури и по цена на национално обезличување. Другата барала достоинствен влез и почит кон националниот идентитет и за тоа била подготвена да плати многу висока цена. Во тоа разногласие, Македонија чекорела во круг, што за случајните и намерните набљудувачи изгледало смешно, чудно и бесцелно.
Во бизнис хемисферата на нејзиниот ум се бореле најмалку три Македонии. Едната била напредна корпоративна Македонија, која имала капиталистички манири и прозападна ориентација и разговарала на разбирлив и на концизен јазик... Таа донесувала одлуки на кратки и ефектни состаноци, продуцирала иновации и барала да се чекори напред. Со ентузијазам зборувала за ЕБИТДА (EBITDA (earnings before interest, taxes, depreciation and amortization)), РОА (ROA (return on assets)) и РОЕ (RОЕ (return on equity))... Втората Македонија биле фокусирана на исцедување на последните приходи од добро научените југословенски деловни марифети, ги негувала принципите на социјалистичка чесност и одговорност, верувала во макотрпна работа... Таа често зборувала со застарена терминологија (обрт, ФИФО (FIFO (first in-first out)) и ЛИФО (LIFO (last in-first out)) методи, интеркаларни камати...), работела на типски канцелариски мебел од осумдесеттите години на минатиот век и чекорела исклучиво по познати бизнис патеки... Третата била олигархиска Македонија, изградена прекутрупа во матната транзиција на деведесеттите години на XX век, финансирана со милијарди денари неплатени царински и даночни давачки и надуени владини тендери. Таа била сопственички цементирана со арматурата на илјадници насилно и принудно стекнати акции на преплашените работници.
Во македонскиот ум се бореле Рациновите земјоделци, со испотени и пламнати лица, со уморен поглед и закоравени раце... Гневни и револтирани за сите изневерени ветувања и потценети денари, кои ги добивале за својот труд и годишен род. На асфалтниот праг до нивните ниви стоеле новите чевли на бескрупулозните прекупци, дојдени со врзопи илјадарки и празни шлепери, подготвени да „натоварат“ огромни маржи на патот од нивата до пазарите и до дистрибутивните центри.
Во умот на Македонија се надмудрувале прогресивниот против полуписмениот и приучениот академски свет. Едниот инсистирал на квалитетно образование и ригорозни критериуми за академската кариера, а другиот бил презафатен со печатење дипломи, организирање студентски екскурзии и автоматска промоција во повисоко наставно-научно звање... Едниот свет говорел за јасни правила на игра, а другиот за „пофлексибилно“ толкување на законските и подзаконските норми. Едниот го интересирале научни проекти и публикации, а другиот профит и придружни лукративни мотивации...


Некогаш на Македонија ѝ се причинувало дека се вози во луксузни порше модели, дека јаде суши, бифтеци и јастози и дека летува на егзотични дестинации... Животот на таа прва Македонија би бил и многу попријатен доколку не би бил непријатниот свиреж на сопирачките на половните автомобили со кои се возела втората Македонија. Страотно осиромашена, невработена и сино-силната работничка Македонија едвај преживувала. Во очај, континуирано се распрснувала низ сите светски меридијани, многу често со тажна фотографија на бугарски пасош. Таа втора, воедно и емиграциска Македонија знаела дека богатството на првата Македонија е овозможено од нејзината сиромаштија. Сјајот и бедата на двете Македонии меѓусебно се фрапирале и шокирале низ улиците, но многу почесто во виртуелниот свет (на Фејсбук и на Инстаграм). Проекциите на различните животни филмови на едно исто платно, во фејсбук новостите, го откривале неподносливиот парадокс на современото македонско живеење.
Македонија веќе не можела да размислува за економија и за бизнис, а притоа да не западне во политички халуцинации. Економските модели и прогнозите за неа биле секогаш неблагодарни бидејќи таа брзо и лесно запаѓала во политичка криза. Нејзините долгорочни планови за инвестиции не можеле да се протегнат повеќе од две години, од едноставна причина што неизвесноста растела експоненцијално. И при најмал шум ѝ се причинувало дека штедачите трчаат кон банките за да си ги повлечат депозитите или денарите да ги претворат во евра, или да ги преместат од една во друга банка.
Постојат многу причини за загриженост за опстанокот на Македонија и здравјето на македонската економија. Можеби постои заедничка животна визија, но не постои единство за начинот како таа да се преточи во јавноста. Во моментов, политичките интерференции и двојни проекции во умот на поделената личност се премногу силни за да може да се изгради конзистентна стратегија за неа.

Каква Македонија сакаме?
Можеби глобалните и локалните политички актери еден ден ќе ни ја вратат Македонија. Ќе ја искористат и ќе ни ја вратат. Но, тогаш ќе дојде морално осиромашена, понижена и навредена. Никогаш повеќе нема да биде истата. Ќе мора да ѝ изградиме посилни институции и поцврсти норми, кои ќе ѝ помогнат во иднина да одолее на самоволието на некои политички психопати. Ќе мора да ги расклоца мрзеливите задници на дел од државните службеници и да ги врати од кафеаните во канцелариите за да работат за неа. Ќе мора да расчисти со онаа анахрона, ретроградна и безидејна Македонија во нејзиниот ум, која ги саботира и најдобронамерните реформски чекори. Во спротивно, „ќе каменее во безизлезна тишина“.
Ќе мора да си ги чува подобро меѓниците, да си ги врати селата, да си ги поправи училиштата и болниците, да си ги асфалтира патиштата, да си ги нахрани сиромашните деца, но и да им даде работа. Македонските, албанските и другите деца ќе мора нешто да научат едни од други. За почеток, Македонија мора да ги принуди етничките Македонци да научат од етничките Албанци што значат солидарност, сплотеност и посветеност на каузата, а во бизнис светот што значат претприемнички дух и склоност кон прифаќање ризици.

КАКО И СЀ, ЌЕ МИНЕ И ОВА, НО МОРА ДА ЈА ЗАЧУВАМЕ МАКЕДОНИЈА... НЕ СМЕЕМЕ ДА ДОЗВОЛИМЕ ДРУГИ ДА ГО „ЗАТВОРАТ“ МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ ПРЕКУ НЕЈЗИНА ПОДЕЛБА И ИСЧЕЗНУВАЊЕ. ИЛИ МАКЕДОНИЈА ЌЕ СЕ АНГАЖИРА МИРНО ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ОВОЈ ПОЛИТИЧКИ ЛАВИРИНТ ИЛИ ЗАСЕКОГАШ ЌЕ ЈА СНЕМА... ОЧИГЛЕДНО ВЕЌЕ НЕМА МОЖНОСТ ЗА ДВЕ МАКЕДОНИИ, ИЛИ ЌЕ БИДЕ ЕДНА ИЛИ НИЕДНА

Македонија ќе треба да јаде поздрава и поквалитетна храна, но ќе треба да троши онолку колку што заработува. Ќе мора да научи повеќе да се цени, да се почитува и да се сака. Ќе мора да го надмине комплексот на инфериорност и да се раководи според мнозинството аргументи и колективната мудрост. Ќе мора да биде потолерантна кон различностите. Ќе мора да научи да гласа закони кои се добри за неа, без оглед од која партија се произлезени.
Ќе мора да сфати дека опсесијата со крстови и орли не е рецептот за подобра иднина. Македонија ќе мора да обезбеди поквалитетно образование и повисок животен стандард доколку сака да биде достоинствен и почитуван станар во Европа. Ќе мора да се врати во театрите и во книжарниците. Несомнено ќе треба и да си ја повтори сопствената историја бидејќи никако да ја научи. Да, ќе може да чекори во Гучи, во Бос и во Салваторе Ферагамо (Gucci, Boss и Salvatore Ferragamo), ама откако добро ќе ја измие калта од опинците. Ќе треба да размислува, да критикува, да дебатира и да биде во чекор со времето... „О, еве ја таа проста земја од грч и од чекање, што ги научи и ѕвездите да шептат на македонски, а никој не ја знае.“
Како и сѐ, ќе мине и ова, но мора да ја зачуваме Македонија... Не смееме да дозволиме други да го „затворат“ македонското прашање преку нејзина поделба и исчезнување. Или Македонија ќе се ангажира мирно да излезе од овој политички лавиринт или засекогаш ќе ја снема... Очигледно веќе нема можност за две Македонии, или ќе биде една или ниедна.

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top