Општество
ЏГАН

Ѓорѓи Јаневски
Авторот е културен работник

Долгометражниот дебитантски филм на Вардан Тозија, кој се прикажува во македонските киносали, е амбициозно филмско остварување кое го доловува духот на времето и поттикнува на поширока општествена дискусија.

 

Надевај се на најдоброто, биди спремен за најлошото. Ова е мотото со кое авторот на овие редови и кинопосетител, поучен од искуството, стоички му приоѓа на секој нов македонски филм.

Националната кинематографија, чија единствена константа во изминативе 25 години е отсуството на развојна стратегија, на еден или на друг начин е само дел од поголемата слика, парче од мозаикот кој го сочинува општеството во кое живееме. Затоа секој нов проблесок барем за кратко ја враќа надежта за посветла иднина на македонскиот филм.

Почнувајќи од интелигентната и визуелно издржана маркетиншка кампања стана видливо дека ЏГАН не само што не се крие од својата публика, туку напротив, сака суштествено да комуницира со неа и со поширокиот општествен контекст, овде и сега. Оваа амбиција во дебитантскиот долгометражен филм на Вардан Тозија се претвора во ѕвезда-водилка. 

Во најавата за филмот се вели: „Низа свирепи околности претвораат тивко и повлечено момче во суров, бескомпромисен водач на група отфрлени штитеници од дом за деца без родители. Заедно тие тргнуваат во слепа одмазда кон светот зад нивните ѕидови, што им нанел само болка и страдање. Светот во кој за нив постои само едно, заедничко име – ЏГАН.“ Насловот на филмот во овој случај добива повеќеслојно значење.

На трагите на неговиот краткометражен филм „Свиркачот“ (дел од омнибусот Скопје Ремикс од 2012 година), кој се одвива во градските катакомби во некоја далечна иднина, во „Џган“

„пацовите“ на Тозија испливуваат на површина во градот од сегашноста, но дистописката визија останува непроменета. Хиперреалистичната фотографија на Владимир Самоиловски и продукцискиот дизајн на Кирил Спасески и Наташа Димитриевска, со фокус на сивото и бруталистичко Скопје, успешно го надоградуваат чувството на општа деградираност и морална ерозија.

„Џган“ користи препознатлива жанровска матрица карактеристична за филмовите на освета. Кога чашата е прелиена и нашиот јунак ја прифаќа сопствената маргинална позиција, фрустрацијата се трансформира во насилен одговор, а одмаздата води до катарза. Во општество во кое насилството е доминанта култура важи само филмската и обнародена: „гомнарот со гомнарски цевки“.

Слично како и неговиот нешто помлад колега Даријан Пејовски („Три дена во септември“) и Вардан Тозија е дете на Холивуд, што најпрецизно се манифестира во прагматичното потпирање врз жанрот како постулат и во потрагата по занаетчиски перфекционизам во мизансценската егзекуција на наративот за сметка на претенциозната потрага по уникатен авторски израз. Тука формалниот пристап е исклучиво во функција на раскажување на приказната. Режисерската зрелост доаѓа до израз во работата со актерската екипа (Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула, Никола Ристановски, Сара Климовска и други) која дејствува компактно, без да се почувствува дискрепанца во деликатната релација меѓу професионални актери и натуршчици.

„Џган“ е филм преполн со сурова енергија и адреналин од кои режисерот често не успева да се дистанцира. Покажува виртуозност во егзекуцијата на сцените со акција и насилство, но почнува премногу да ужива во нив градејќи климакс и онаму каде што е потребна драматуршка издишка. На моменти филмот е обременет со прекумерна експликација на очигледното, која продуцира иритирачки општи места кои го заробуваат демократскиот простор за слободна интерпретација и рефлексија. Ништо невообичаено, посебно кога се работи за чувствителната природа на дебитантските остварувања во кои стравот од недоизреченост и потребата за докажување се логична последица на години макотрпна работа, огромна посветеност и љубов.  

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top