Lifestyle
„ПОД ЛУПА“ (SPOTLIGHT)

Ѓорѓи Јаневски
Авторот е културен работник

 

 


Историјата на американскиот филм изобилува со наслови кои го негуваат култот на храброто и бескомпромисно новинарство. Почнувајќи од класичната холивудска ера со наслови како „Граѓанинот Кејн“ на Орсон Велс и „Неговата девојка Петок“ на Хауард Хокс, преку „новиот американски филм“ од 70-тите и филмовите „Сите луѓе на претседателот“ на Алан Пакула и „Мрежа“ на Сидни Лумет, па сè до „Добра ноќ и со среќа“ на Џорџ Клуни од поновата холивудска продукција, жанровите и квалитетот варираат, но новинарот останува еден од најавтентичните американски херои. Иако за многумина неочекувано, сепак не треба премногу да изненадува што Академијата го награди „Под лупа“ на Томас Мекарти со оскари за најдобар филм и најдобро оригинално сценарио, потпишано заедно со Џош Сингер.
Во 2001 година онлајн медиумите се сè уште во зародиш, па така големите дневни весници и понатаму можат да си дозволат финансирање тимови од типот на „Спотлајт“ - посебна редакција за истражувачко новинарство во рамките на престижниот Бостон глоуб. Нивната истрага (наградена со Пулицер во 2003-тата година) го разобличи повеќедецениското прикривање на случаите на педофилија во пазувите на Католичката црква во спрега со највисокиот државен естаблишмент. Тоа предизвика верижен бран на разоткривања низ светот и барем за момент ја потресе до темел најмоќната религиозна институција во светот од која се очекува да има воспитно-образовна улога кај децата. „Велат дека се работи само за физичко злоставување, но е многу повеќе од тоа. Ова беше духовно злоставување. Знаете ли зошто се согласив на сè? Бидејќи мислев дека свештениците би требало да бидат добрите момци“ - изјавува една од жртвите на сексуално насилство во филмот.


Иако темата третирана во филмот е подложна за една изразена драматизација која кај гледачот би предизвикала силни емоции, режисерот Мекарти се определува за еден трезвен пристап фокусиран на фактографско, речиси документаристичко третирање на новинарската истрага, на чиј детален развој безусловно и без дигресии се потпира филмската нарација. Можеби парадоксално, но ваквата авторска доследност истовремено е најголемата доблест и слабост на филмот. Свесно се изоставени или минимизирани многу карктеристични жанровски алатки кои на филмот би му дале димензија на трилер, кои барем малку би го зачиниле со неизвесност и возбуда која би можела емотивно да инволвира. Дури и шокантните изјави на жртвите на сексуалното насилство свесно се ослободени од патос и предвидлива сентименталност. Во прецизно доловеното комплексно социјално милје на Бостон, фокусот е насочен кон работата на новинарскиот тим, нивната истрајност и фанатична посветеност кон работата. Многу интервјуа, телефонски разговори, тензични канцелариски разговори, преиспитувања, сомнежи, непреспиени ноќи... Само преку повремените заднински наративни назнаки добиваме информација дека и овие луѓе можеби имаат свои семејства и интимен живот.
Во солидниот актерски ансамбл (Мајкл Китон, Рејчел Мекадамс, Лиев Шрајбер, Џон Слатери, Стенли Тучи и други) кој одлично се вклопува во дистанцираниот режисерски стил, видливо отскокнува Марк Рафало во улогата на Марк Резендес. Улогата ја толкува вдахновено, со секој дел од своето тело, создавајќи лик кој има детска невиност и страст, и разоружувачка емоционална кршливост.
Конечно, „Под лупа“ е достоинствен филм на важна тема. Може да се третира и како лектира за истражувачко новинарство. Сосем доволно причини за негово постоење.

(април 2016)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top