Lifestyle
Ексклузивно од Париз - „ПРЕМИЕР ВИЗИОН“, НАЈГОЛЕМИОТ САЛОН ЗА МАТЕРИЈАЛИ ЗА МОДНАТА ИНДУСТРИЈА

Лидија Георгиева
Авторката е дизајнер, вонреден професор

КАДЕ ПОЧНУВААТ НОВИТЕ КОЛЕКЦИИ? 

Како настанува една колекција? Меѓу другото, неопходно е постојано следење на постоечките тенденции и креирање нови. Тоа е еден возбудлив микс од интуиција и професионално искуство при што со текот на годините сетилата се изоструваат, се рафинираат и постепено, во реципроцитет со клиентите и нивните реакции, се гради сопствен стил. Постојат многу нивоа на градење продукт и безброј модни сектори во рамките на основните ‒ машки, женски и детски. Двапати во годината, во февруари и во септември, во Париз се одржува салонот „Премиер визион“, односно шест комплементарни изложби на едно место каде што се среќаваат професионалците од модната индустрија.


Влезот на штандот на Вулмарк, легендарен трејдмарк за квалитетни производи од волна
 


Експонати од штандот на италијанскиот производител на конци за плeтење Миролјо
 


Паркот на изложбите, место каде се одржуваат саемите во Париз, меѓу кои и Премиер Визион


Шестата хала е посветена на тантели, ткаенини и луксузни материјали

„Премиер визион“ е основен бизнис центар, тинк тенк, каде што 62 000 професионалци од индустријата од над 120 земји доаѓаат да разменат идеи, искуства, предвидувања и да ги градат новите колекции, но, пред сè, да набават материјали за нивните нови колекции.
Над 1 900 изложувачи од 57 земји ги презентираат производите: дизајнирани ткаенини, кожа, џинс, конци, идеи за отпечатоци, помошни материјали, кои се развиени заедно со потребите на пазарот и побарувачката на дизајнерите. Понудата е широка и посетителите секако ќе ги најдат потребните елементи за новите колекции облека, по цена соодветна за нивниот бренд. Салонот е распореден на огромно пространство од 4 хали, поделени тематски на сектори кои презентираат од тантели за луксузните модни куќи, ткаенини за конфекција, дизајнерски иновации, џинс за спортските брендови, кожа за облека, чевли, чанти и слични модни додатоци, па сè до посебна хала за: перли, етикети, патенти, петлици и разни лудории кои се интересни за модата во моментов.
Опфатени се над 17 модни области, има 2 генерални форуми со новите гами бои, 3 семинари за тестирање на трендовите, онлајн информации, дневен весник, амбиентални филмови и видеа. Изложбите се инспиративни, стимулативни, ги наговестуваат новите тенденции и модни информации витални за индустријата и за бизнисот. Покрај централните форуми за тенденции има и специјализирани простори како на пример:
-Knitwear Solutions ‒ платформа за креативни плетенини,
-Maison d’Exceptions ‒ простор посветен на исклучителна креативност,
-Upper Jeanswear ‒ простор посветен на клучни решенија за брендовите кои се инволвирани во индустријата на џинс,
-Shoe Focus ‒ простор посветен на производители на чевли и на патики.
Набавките од февруарската сесија на „Премиер визион“ за финалните потрошувачи ќе бидат достапни во продавниците во форма на колекција од февруари/март 2017 година.

(април 2016)

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top