Е-Б-Ф-Б
КРИЗАТА И ЕКОНОМСКАТА НАУКА – МНОГУ ВРЕВА ЗА НИШТО?

Горан Петревски
Авторот е Вонреден професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

 

 

Без сомнение, Глобалната финансиска криза и Големата рецесија од 2008 година (понатаму, Кризата) ќе останат забележани како едни од најзначајните епизоди во економската историја по Втората светска војна. Се разбира, крупните настани не можат да не остават силен печат врз економската наука. Во тој поглед лесно може да се предвиди дека во годините и во децениите што ќе следуваат економистите ќе произведат бескрајна низа трудови и книги кои ќе бидат посветени на причините и на последиците од овие турбулентни случувања.
Кризата, со својот интензитет и времетраење, претставуваше изненадување за поголемиот дел од академските економисти. Оттука праведно е да се признае дека економската наука беше малку подзаспана, живеејќи во илузијата дека острите рецесии и високите инфлации се дел од економската историја. Во тој поглед, откако помина првичниот шок и кога економистите започнаа да се прашуваат за причините кои доведоа до Кризата, економската професија западна во друга крајност, посочувајќи ја економската наука како еден од виновниците за Кризата, а во тој поглед особено беше критичен нобеловецот Пол Кругман. Всушност, таквата реакција беше последица на неуспехот на економистите да ја предвидат Кризата, нешто што не е никаков новитет (економистите не успеале да ги предвидат ниту Големата депресија ниту стагфлацијата од 70-тите години на минатиот век). Оттука Кризата претставува уште еден од низата емпириски докази дека економската наука не е многу успешна во предвидувањето на иднината, дури и кога станува збор за крупни економски настани. Тоа, пак, само го потврдува одамна познатиот факт дека економската наука е многу далеку од степенот на егзактност, карактеристичен за природните и за техничките науки.

МАКРОЕКОНОМСКИТЕ МОДЕЛИ НЕ МОЖАТ ДА ОБЕЗБЕДАТ КОМПЛЕТНА ПРЕТСТАВА ЗА ОДНЕСУВАЊЕТО НА ЛУЃЕТО БЕЗ ПОМОШТА НА ПСИХОЛОГИЈАТА И НА СОЦИОЛОГИЈАТА. ТОА, ПАК, ЗНАЧИ ДЕКА ЕКОНОМИСТИТЕ ТРЕБА ДА ЈА ОТФРЛАТ ОРТОДОКСИЈАТА И ДА ЈА ПРИФАТАТ ПОТРЕБАТА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКИТЕ МОДЕЛИ СО НЕКОИ ТЕОРИИ ШТО СЕ СМЕТАА ЗА ЕГЗОТИЧНИ ИЛИ ЗА МАРГИНАЛНИ

Според Кругман, основниот проблем на современата економска наука е тоа што таа западнала во состојба на самозадоволност, заглавувајќи во сложени математички модели што не водат сметка за реалноста. Уште повеќе, низ процесот на својот развој економијата заборавила многу од старите здраворазумски вистини при што како главен виновник за таа состојба ги посочува неокласичните макроекономски модели. Имајќи предвид дека економистите кои им припаѓаат на спротивните табори на економската наука вообичаено немаат добро мислење за своите противници, во продолжение ќе дадеме преглед на основните принципи врз кои се темели современата макроекономија, а за кои постои консензус меѓу академските економисти.* Тоа треба да ни овозможи да согледаме какви последици остави Кризата врз овие општоприфатени макроекономски вистини, т.е. што се случи со релевантноста на знаењето кое макроекономијата макотрпно го стекна во периодот по Втората светска војна.
Главниот економист на ММФ Оливие Бланшар наведува две основни поставки врз кои се темели целата макроекономија: прво, на кус рок, економската активност зависи од промените во агрегатната побарувачка и второ, на долг рок, економијата се враќа на патеката на стабилен растеж. Во тие рамки постојат многу проблеми при објаснувањето на долгорочните економски појави (вкупната факторска продуктивност, природната стапка на невработеност, нееднаквоста на платите), но затоа, пак, степенот на согласност меѓу економистите е далеку поголем кога станува збор за кусорочната анализа (номиналните ригидности, IS-LM моделот, преносниот механизам на монетарната политика). Слично размислува и нобеловецот Роберт Солоу кој ги наведува следниве елементи на јадрото на макроекономијата: стопанскиот раст е одреден од факторите на страната на понудата (понудата на факторите на производството и вкупната факторска продуктивност), циклучните флуктуации се определени од агрегатната побарувачка, а сето тоа се должи на нефлексибилноста на платите и на цените. И други познати економисти наведуваат горе-долу слични поставки како составни елементи на макроекономијата: неутралноста на парите, кусорочната Филипсова крива, ригидноста на платите и на цените, централните банки ги контролираат кусорочните каматни стапки итн.
Како што може да се забележи, наспроти распространетата анегдота дека ако споите двајца економисти ќе добиете три различни мислења, постои висок степен на консензус меѓу економистите. Уште повеќе, иако Кризата во голема мерка ја разниша довербата на јавноста во економската наука (и самодовербата на економистите), таа не ги разниша темелите на макроекономијата и на економската наука воопшто. Всушност, ако се вратиме назад кон горенаведените принципи на макроекономијата ќе забележиме дека ниеден од нив не е отфрлен од страна на економистите како реакција на случувањата за време на Кризата. Исто така тешко е да се поверува дека во догледна иднина ќе добиеме целосно нова теорија што би била замена за постоечкото јадро на макроекономијата. Оттука тврдењата дека економската наука е во криза се чинат претерани и неосновани.
Се разбира, ова не значи дека Кризата нема да остави никакви последици врз идниот развој на економската наука. Напротив, Кризата исфрли на виделина одредени недостатоци на економската теорија, но сите тие се однесуваат на подрачја кои и претходно беа оптоварени со проблеми, несогласувања и со недоволно знаење (на пример, рационалните очекувања, „чистењето“ на пазарите, значењето на „меурите“, врската меѓу реалната економија и финансиските пазари, динамичките стохастички модели на општа рамнотежа итн.). Исто така е јасно дека макроекономските модели не можат да обезбедат комплетна претстава за однесувањето на луѓето без помошта на психологијата и на социологијата. Тоа, пак, значи дека економистите треба да ја отфрлат ортодоксијата и да ја прифатат потребата за дополнување на економските модели со некои теории што се сметаа за егзотични или за маргинални. Но, овде зборуваме за потребата од надоградување (проширување) на економската теорија, а не за отфрлање на нејзините темели и нивна замена со нешто што уште не постои. Со други зборови, макроекономијата е далеку од совршенство, остава многу неодговорени прашања и е подложна на значителни грешки, но сепак таа е полезна.


Во голема мера статијава се темели врз следниов труд: Горан Петревски, „Економската наука и економската политика по Глобалната криза“ во: Таки Фити (уредник), Каде е и каде оди модерната макроекономска наука - релевантноста на промените за македонската економија. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите, Центар за стратегиски истражувања, 2014, стр. 57-65.

(април 2016)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Back to Top